Регион со мала но разновидна и силна економија

Конфликтот во Нагорно Карабах: има ли војна која не е за пари?

Нагорно Карабах не е регион за кој на Западот многу се знае. Во оружениот судир на Ерменија и Азербејџан тука пред сѐ станува збор за Ерменци кои се мнозинско население на таа област – иако теоретски е дел од Азербејџан.

EPA-EFE

Тој регион исто така теоретски се прогласи за самостојна држава, но не е призната од ниту една членка на Обединетите нации.

А кога Нагорно Карабах навистина би бил самостојна држава, тој минатата година би имал БДП од околу 600 милиони евра.

Тоа не е многу, повеќе имаат дури и повеќето островски држави на Карибите или Пацификот.

Меѓутоа, додека и Ерменија и Азербејџан, особено сега со пандемијата, бележат рецесија, економијата на Нагорно Карабах упорно и значително расте со стапка од дури десет отсто годишно.

И тоа веќе цела една деценија. Во 2017 година беше забележан раст од дури 17 отсто, според податоците на рускиот весник РБЦ кој обработува економски теми.

Мал економски дијамант

Нагорно Карабах е регионот кој, барем пред пандемијата, имаше мала, но разновидна и силна економија.

Особено значаен извор на приходи се рудните богатства, како скапоцени и полускапоцени камења, злато и бакар.

Тој регион е воедно и произведувач на градежен материјал.

Рускиот весник наведува дека три четвртини од извозот оди всушност преку Ерменија, која стоката ја декларира како свој производ.

Покрај сето тоа, Нагорно Карабах благодарение на хидроцентралите извезува и струја, и тоа главно во Ерменија.

Пандемијата ја загрози и економијата на регионот, но пред сѐ тешко ја погоди Ерменија.

И Ерменија исто така во изминатите години бележеше раст – од 2007 во просек од 7,6 отсто.

Но и таа земја годинава ќе падне во рецесија од околу 3,5 отсто, според проценките на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Ерменија сепак е земја која во голема мера зависи од стотиците милиони долариод дијаспората – Ерменците во странство кои се околу 11 милиони луѓе низ светот.

Поради мерките за сузбивање на коронавирусот тие приливи се значително намалени, според ЕБРД за околу 40 отсто.

Силвија Штебер, новинарка која добро го познава регионот Нагорно Карабах, потсетува дека Ерменија има големи маки со корупцијата поради кои во 2018 година се случи тамошната „Кадифена револуција“.

Меѓутоа, сите реформи сопреа поради коронакризата.

„Овој оружен судир е одвлекување на вниманието од економските и социјалните проблеми“, толкува Стебер за Дојче веле.

„На тој начин и оние луѓе кои беа критички расположени кон владата, се собраа околу своето национално знаме“.

Огромни проблеми со коронавирусот

Од друга страна и Азербејџан минува низ тешки денови иако таа земја е богата со нафта.

„Коронавирусот, во комбинација со колапсот на цената на нафтата, тешко ја погоди економијата на Азербејџан, и тоа во време кога земјата почна со неопходните реформи“, објаснува Штебер.

Кога вели „реформи“, таа всушност мисли на борбата против корупцијата која практично ја голта таа земја.

Сепак, најголемиот проблем на Азербејџан е моменталната цена на нафтата.

И покрај напорите да ја диверсифицира економијата, околу 40 отсто од БДП на Азербејџан и понатаму доаѓа од нафтата и гасот.

Тие енергенси учествуваат со околу 90 отсто во извозот.

Според проценките на ЕБРД, економијата на замјата поради сето тоа годинава ќе падне за најмалку три отсто.

И конфликтот продолжува, иако тој би можел да ѝ нанесе голема штета на инфраструктурата на двете земји.

Азербејџан минатата недела ја обвини Ерменија дека ракетирала нафтовод кон Европа. Ереван норамално обвинувањата ги нарече „одвратни лаги“.

Вмешани и соседните сили

Во конфликтот околу Нагорно Карабах се вмешани и соседните земји, кои исто така сакаат да го свртат вниманието на својата јавност.

Поради геноцидот извршен над Ерменците на почетокот на минатиот век, односите на Ерменија со соседна Турција не можат да се наречат ниту студени.

Притоа Анкара е традиционално блиска со Азербејџан.

Русија, пак, сака да се претстави како земја која одржува добри односи со свете држави, иако има и договор за воена помош со Ерменија.

Покрај тоа, Русија го продава своето оружје на двете страни, а Турција само на Азербејџан.

Анкара така за 30 милиони долари таму продаде свои беспилотни летала, а турската војска помага и во обуката на воените сили на Азербејџан.

Сепак, клучниот играч во тој регион е Москва.

„Русија би можела да го прекине конфликтот во секој момент“, уверен е Бен Арис, главниот уредник на берлинскиот портал БНЕ интелињуз.

„Тоа го направи во 2016, кога конфликтот траеше само четири дена. Но овојпат не прави ништо“.

За тоа има причини – на Путин очигледно не му се допаѓа лидерот на ерменската „Кадифена револуција“, а сегашен премиер на таа земја Никол Пашинјан, кој повеќе сака Ерменија да ја приближи кон Европската Унија, а помалку кон Евроазиската економска унија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе