Компаниите имаат шест месеци да ги соберат деталите

Кипар ќе ја тргне таинственоста за сопствениците на фирмите

Кипар планира во следните неколку месеци да основа регистар во кој ќе ги идентификува сопствениците на илјадниците компании на тој остров и на тој начин ќе ја тргне таинственоста во комплексната корпоративна структура за која активистите тврдат дека им овозможува на криминалците да го скријат пленот.

EPA-EFE

Деталите за илјадниците компании регистрирани на островот, за кои многумина сметаат дека се поврзани со Русија, ќе бидат собрани од 16 март за да бидат внесени во таканаречениот регистар на вистински сопственици.

Поддржувачите тврдат дека регистарот, кој е задолжителен според регулативите на Европската Унија против перење пари (АМЛ), би можел да биде пресвртница за Кипар, за кого активистите тврдат дека во минатото бил магнет за оние кои го кријат богатството зад фиктивни компании.

„Ќе им дадеме на компаниите шест месеци за да ги соберат сите детали за внесување во системот“, кажа Антонија Фаита Ставриде, високата административна функционерка во кипарското министерство за енергетика, трговија и индустрија која координира со овој проект.

Експертите, како што пренесува Ројтерс, предвидуваат одделни компании попрво да ја сменат јурисдикцијата отколку да откријат кои се нивните реални сопственици. Кипар веќе подолго време се обидува да се ослободи од репутацијата на држава која слепо им ги зема парите на инвеститорите, без поставување прашања. Вносната програма за пасоши за инвестиции ненадејно беше прекината минатата година по извештајот за можна корупција.

Активистите велат дека утврдувањето во врска со тој кој е реален сопственик на фирмите регистрирани на Кипар ќе биде како барање игла во стог сено – следејќи ги трагите на документацијата низ лавиринтот на локални „директори“, а потоа влегување во замките на другите нискоданочни јурисдикции пред да се најдат на ѕид.

Таквите фиктивни компании се „еден од најчесто користените инструменти за перење пари“, кажа Маира Мартини, експертка за истражување на тековите на корумпираните пари во Транспаренси интернешнал.

Катерина Антониу, директорката на отсекот за ризици и борба против перењето пари во Делоит, кажа дека дел од компаниите регистрирани на Кипар веќе се префрлиле откако банките во 2020 воведоа построги контроли.

„Регистарот би можел да почне нов бран преместувања, особено за оние правни лица кои би сакале да го избегнат објавувањето на идентитетот на вистинските сопственици“, кажа Антониу.

Ставриде кажа за Ројтерс дека почетниот регистар ќе биде привремена база на податоци, во која владините агенции ќе можат да пристапат на барање. Таа се надева дека финалниот систем, со различни степени на пристап, ќе биде достапен „до крајот на годината“.

Одделни активисти за борба против корупцијата сметаат дека е потребно да се направи повеќе. Мартини вели дека Купар поприлично доцни во имплементацијата на АМЛ регулативите во националниот закон. „Тоа и понатаму нема да биде јавен регистар, што е барање на ниво на ЕУ“, вели таа.

Активистите исто така тврдат дека за да биде целосно ефикасен, регистарот на вистински сопственици треба да биде поврзан со други бази на податоци, како оној за сопственост на недвижности.

„Властите треба да можат да го пребаруваат регистарот доколку е потребно, а не да упатуваат барање за добивање информации, а потоа треба да смеат таа информација да ја интегрираат во другите бази на податоци“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе