Како една од главните цели на хрватската надворешна политика веќе со години, покрај влегувањето во Шенген зоната, се наведува и влегувањето на земјата во зоната на еврото. Таа цел би требало да биде остварена на почетокот на 2023, за што Хрватска има поддршка од Брисел. Меѓутоа, експерти како Исинг сметаат дека овој влез би бил избрзан.
Како што вели во интервјуто за Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЗ), во моментов ниедна земја не е спремна за влез во еврозоната. „Јас во моментов не гледам ниедна земја која е доволно спремна за влез во еврозоната“, кажа Исинг за ФАЗ по повод дваесетгодишнината од воведувањето на еврото во оптек на 1 јануари 2002.
Не може да се каже дека секоја нова членка на еврозоната нужно придонесува на слабеење на еврото. Но тие земји мора да гарантираат трајна стабилност. Не е доволно да се стокмите за венчавката и потоа повторно да се вратите на старите навики“, кажа Исинг, кој од 1998 до 1006 беше главен економист на ЕЦБ и на таа функција во добра мера беше заслужен за стратегиското планирање за воведување на еврото.
Последна во зоната на еврото во 2015 година влезе Литванија а во моментов освен Хрватска се стреми и Бугарија. Всушност, според договорот за членство сите членки на Европската Унија во моментот кога ќе ги исполнат критериумите се должни да ја прифатат заедничката валута. Од тоа поради специјалните клаузули до договорот се изземени Данска и Британија, која во меѓувреме излезе од Европската Унија, пренесува Дојче веле.
Исинг смета дека хетерогеноста на членките на еврозоната, а со тоа и различните тежишта кога станува збор за интересите, уште сега се голем проблем за ЕЦБ. Тој смета дека гувернерите на националните централни банки би требало да се држат до заедничкиот курс, а не да ја следат националната финансиска политика.
Исинг го одбрани еврото од обвинувањата дека со неговото воведување сè поскапело. „Тоа важи за дневните намирници, па затоа и е таков впечатокот. Но кога ќе ги видиме трошоците на најголемиот дел од домашниот буџет како тие за станарина или греење, тие останаа стабилни по воведувањето на еврото“, вели Исинг за ФАЗ.
Исинг, кој пред преземањето на должноста во ЕЦБ истата функција ја вршеше и во Германската централна банка, кажа дека тогашната одлука на банкнотите на еврото да се испечатат симболи кои не се поврзани со нациите била одлука која се покажала како исправна. „Замислете Французите да сакаа да го стават Наполеон на банкнотите. Како на тоа ќе реагираа земјите кои Наполеон ги окупирал? Затоа се одлучивме на симболичниот мотив на мостовите“, се сеќава Исинг.