Овие трошоци ќе продолжат да растат до крајот на 2024 година, нагласуваат во соопштението објавено вчера. Затоа Унипер во Шведска покрена арбитражна постапка против Газпром, со примена на швајцарските закони, изјави во средата извршниот директор на германската компанија, Клаус-Дитер Маубах.
Арбитражата нема да ја води официјален орган, посочуваат во Унипер и додаваат дека двете компании треба да договорат средба со адвокатите во неутрално опкружување, по примерот на неформалните преговори вообичаени меѓу многу компании.
Одделот за извоз на Газпром негираше дека ги прекршил договорните обврски, оспорувајќи ја легитимноста на тврдењата на германската компанија. „Газпром експорт потврдува дека Унипер покрена арбитражна постапка. Во моментов ја проучуваме поднесената изјава за побарувањата и ќе ги заштитиме нашите интереси во рамките на законот“, ја цитира руската новинска агенција ТАСС изјавата на руската компанија.
Во септември германската влада одлучи да го национализира Унипер, кој акумулирал огромни загуби откако почна да купува гас на берзата. Минатата недела рекоа дека им се потребни дополнителни 25 милијарди евра владина помош, откако во првите девет месеци акумулирале нето-загуба од 40 милијарди евра.
Износот вклучува 10 милијарди евра загуби предизвикани од замената на рускиот гас со оној купен на физичкиот пазар и 31 милијарда евра очекувани загуби. Унипер веќе доби заем од 18 милијарди евра од државниот заемодавач КфВ, од кои повлече 14 милијарди до крајот на октомври.