Поради даночните брегзит-промени

Фирмите на ЕУ веќе не доставуваат во Британија

Некои специјализирани онлајн-трговци од ЕУ велат дека повеќе нема да вршат достава до Велика Британија поради даночните промени што стапија во сила на 1 јануари.

Фото: ЕПА

Холандската фирма за велосипедски делови „Дач бајк битс“ рече дека отсега па натаму ќе доставува до секоја земја во светот освен до Велика Британија.

„Британската политика нѐ принуди да престанеме да соработуваме со британски клиенти“, се вели на нејзината веб-страница.

Друга фирма, со седиште во Белгија, „Биар он веб“, вели дека сега ја избегнува Велика Британија „поради новите брегзит-мерки“.

Компаниите се лути затоа што сега се соочуваат со повисоки трошоци и зголемена бирократија со цел да се усогласат со британските даночни власти.

Сепак, нејасно е колкав број фирми го презедоа драстичниот чекор да ги одбијат сите нарачки во Велика Британија.

Во исто време, меѓународните компании за достава, вклучувајќи ги Федерал експрес и ТНТ, соопштија дека наплатуваат дополнителни трошоци за пратките меѓу Велика Британија и ЕУ.

Тие рекоа дека ова е одраз на зголемената инвестиција што треба да ја направат во приспособувањето на нивните системи за да се справат со брегзитот.

На 1 јануари Британската даночна и царинска управа (ХМРЦ) воведе нови правила за ДДВ.

Сега ДДВ-то се собира на продажното место, а не на увозното место, промена за која ХМРЦ вели дека ќе осигури дека стоките од земјите на ЕУ и земјите што не се членки на ЕУ ќе се третираат на ист начин.

Ова во суштина значи дека странските трговци што испраќаат стоки во Велика Британија се очекува да се пријават за британски ДДВ и да ѝ го платат на ХМРЦ ако продажната вредност е помала од 150 евра.

Ричард Ален, основач на Трговците на мало против шемите за злоупотреба на ДДВ, за Би-би-си изјави дека огромното зголемување на меѓународното купување преку интернет довело до масовно затајување на ДДВ.

Тој рече дека новите правила на ХМРЦ се насочени кон решавање на тој проблем, но не е јасно како ќе се постапува со фирмите што не успеале да се регистрираат за ДДВ во Велика Британија.

„Зошто производителот на резервни делови за грамофони од Ајдахо би се мачел да се регистрира за ДДВ во Велика Британија и како ќе го натерате да го стори тоа?“, вели тој. „И ако тие сепак го испратат пакетот, што ќе правите тогаш?“

 

„Не го сакавме ова“

„За обезбедување на оваа услуга, (ХМРЦ) има намера да ѝ наплаќа надомест на секоја компанија во светот во секоја земја во светот што извезува во Велика Британија“, рече „Дач бајк битс“ на својата веб-страница.

„Јасно е дека ова е смешно за една земја, но замислете кога секоја земја во светот би ја имала иста идеја.“

„Кога секоја земја би одлучила да се однесува на истиот начин, тогаш ќе треба да плаќаме 195 такси секоја година, да бидеме во тек со промените во законот за оданочување во 195 различни земји, да водиме сметки во име на 195 различни земји и да вршиме уплати до 195 даночни канцеларии во 195 различни земји, и да ги скокаме сите можни обрачи за да докажеме дека сето ова го правиме искрено и безгрешно“.

„Дач бајк битс“ вели дека има многу клиенти во Велика Британија и би сакал да може да тргува со нив.

„Неможноста да испраќаме пратки во Велика Британија никако не е во наша корист и не е тоа што го сакавме“, додава фирмата.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе