ЕУ им воведува царини на САД поради субвенциите на Боинг

Европската комисија објави дека ЕУ воведува царини на увозот од Соединетите Американски Држави во вредност од 4 милијарди долари како противмерка поради американските субвенции за произведувачот на авиони Боинг.

EPA-EFE

Државите членки се сложиле со воведувањето контрамерки бидејќи САД не понудиле основа за договорно решение, кое би вклучувало моментално укинување на американските санкции на увозот од ЕУ поради субвенциите на Ербас.

Противмерките се донесени не чекајќи новоизбраниот американски претседател Џо Бајден да ја преземе должноста.

„Цело време дававме до знаење дека сакаме да го решиме ова долготрајно прашање. За жал, поради недостигот од напредок со САД, немавме друг избор освен да ги наметнеме овие противмерки. ЕУ затоа ги извршува своите законски права во согласност со неодамнешната одлука на Светската трговска организација“, изјави извршниот потпретседател на Европската комисија Валдис Домбровскис.

Светската трговска организација (СТО) ѝ одобри на Европската Унија на 26 октомври воведување царини на САД поради нелегалните субвенции на Боинг.

Минатата година СТО им одобри на Соединетите Држави компензациски царини поради европските субвенции на Ербас за увоз од ЕУ во вредност од 7,5 милијарди долари. Вашингтон веднаш воведе 25-отстотни царини на низа прехранбени производи од Европската Унија.

„Ги повикуваме САД да се согласат на тоа двете страни веднаш да се откажат од постоечките противмерки, за да можеме тоа прашање брзо да го ставиме зад себе. Отстранувањето на тие царини е добитна комбинација за двете страни, особено со пандемијата која ги разурнува нашите економии. Сега имаме прилика повторно да ја придвижиме нашата трансатлантска соработка и заеднички да работиме на заедничките цели“, додаде Домбровскис.

Европскиот произведувач на авиони Ербас и неговиот американски конкурент водат спор околу субвенциите уште од 2004 година.

Американската администрација на претседателот Доналд Трамп водеше политика на конфликти во трговијата со ЕУ. Трамп најпрво воведе царини на увозот на челик и алуминиум од ЕУ, а повеќе наврати се закануваше со воведување царини на германските автомобили.

ЕУ очекува подобрување на односите со новоизбраниот претседател Бајден.

Домбровскис кажа дека ЕУ е спремна веднаш да ги укине царините ако на тоа се согласат Американците, кои досега не покажуваа желба во таа насока.

Компензациските царини ќе стапат на сила утре, а на листата американски производи кои би можеле да се најдат на удар се тракторите, смрзнатиот сок од портокал, тутунот, кечапот, кикириките, лососот итн.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе