Турската економија е оптоварена со проблеми

Ердоган и понатаму одбива помош од ММФ, и покрај кризата со коронавирусот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја отфрли можноста Анкара да побара финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и покрај можните тешки последици од пандемијата во земјата чие стопанство и пред избивањето на коронавирусот беше оптоварена со проблеми предизвикани од политиката на претседателот, пишуваат западните медиуми.

Ердогановиот портпарол Ибрахим Калин кажа во неделата дека Турција не планира договор со ММФ, пренесе Ројтерс укажувајќи дека Анкара разгледува опции за финансирање што би ги ублажиле економските последици од ширењето на вирусот.

„ММФ не е на нашата агенда“, кажа Калин, објаснувајќи дека не се планира ни кредит ни нов „стенд бај“ аранжман со ММФ.

Коментарот на портпаролот на Ердоган, како што наведува Ројтерс, следи откако директорката на ММФ Кристалина Георгиева во четвртокот кажа дека таа организација е во „многу конструктивен ангажман со целото членство, вклучувајќи ја и Турција“.

Некои функционери минатата недела за Ројтерс кажаа дека Турција разговара за валутен аранжман со американската Федерална резерва и дека размислува и за други опции за финансирање, по загриженоста дека намалените резерви на странски валути би можеле да го попречат турскиот одговор на пандемијата. Иако САД и Турција се сојузници во НАТО, двете земји во последните години спореа за низа прашања.

Деликатноста на прашањето за странско финансирање се одрази, како што укажува Ројтерс, во скок на вредноста на лирата откако Георгиева кажа дека нејзината организација разговара и со Турција. Поради желбата да се стабилизира лирата минатата година, централната банка интервенираше на пазарот, што доведе до намалување на девизните резерви.

Одбивањето на Анкара да се сврти кон ММФ следи откако кризата со коронавирусот поттикна шпекулации дека Ердоган, чија земја има ограничени резерви странски валути и големи надворешни финансиски побарувања, ќе мора да се откаже од својот завет дека никогаш повеќе нема да побара помош од таа организација, пишува Фајненшл тајмс.

И пред кризата со коронавирусот, како што укажува британскиот весник, турската економија сѐ уште заздравуваше од последиците на валутната криза од 2018 по рецесијата и скокот на невработеноста, а сега мора да се бори со пандемијата на ковид-19 и последиците од глобалната рецесија и бегството на глобалните инвеститори кон побезбедни вложувања, со што десетици милијарди долари се повлечени од пазарите во развој.

Турските резерви, кои и пред кризата се сметаа за несоодветни, дополнително паднаа во минатите недели. Вкупните резерви во странски валути, вклучувајќи го златото, беа на 89,6 милијарди во почетокот на април, додека во следните 12 месеци доаѓаат на наплата 172 милијарди долари рати од долгови.

Иако Турција разговара со други земји од Групата 20 за привремена замена на валути меѓу централните банки (своп лајн) за да ги зајакне своите резерви со цврсти валути, такви договори засега не се постигнати, укажува ФТ.

Додека на Турција ѝ се заканува опасноста да остане без резерви на странски валути кога нејзината економија е под ризик од рецесија поради пандемијата, единственото прашање за Ердоган е кое економско табу ќе го прекрши, истакнува Блумберг.

Последниот пат кога ММФ ѝ помогна на Турција во 2001, финансиската криза збриша од власт цела генерација турски политичари и го расчисти патот за подемот на Ердоган. Барањето помош од ММФ беше пресврт за Ердоган, кој повеќе пати повтори дека Турција „го затворила тоа поглавје“, укажува американската агенција, со оценка дека условите што одат со пакетот на Ердоган веројатно ќе му стават крај на Ердогановиот пристап „раст по секоја цена“.

И покрај историјата на неконтролирана инфлација во Турција, економистите ја спомнуваа и можноста за печатење пари за да им се помогне на поттиците потребни за зајакнување на растот. Постои и можност за воведување контрола на капиталот, што според аналитичарите е меч со две острици бидејќи со тоа очајно потребниот капитал се брка надвор од земјата. Турските функционери претходно тврдеа дека тоа не е опција дури и кога се мачеа да ја стабилизираат економијата.

Сепак, цената да не се направи ништо би можела да биде далеку најголема, оценува Блумберг. Ако властите ги исцедат резервите толку да не можат да ја бранат лирата, Турција, според аналитичарите, би можела да дојде во опасност од депресијација, која особено би ги оштетила компаниите зависни од надворешното финансирање.

Меѓутоа, како што се истакнува, Турција е главно самата виновна за своите проблеми, бидејќи Ердогановите барања за намалување на трошоците на позајмување ја поткопаа довербата на Турците во лирата и поттикнаа доларизација на турската економија.

Пандемијата на ковид-19 ги фати со спуштен гард владите низ целиот свет, но Ердоган, во годините на политичко и економско лошо управување, својата земја ја доведе во можеби најранливата позиција од сите држави во развој, оценуваат за Форин полиси директорот на програмата за Турција во Фондацијата за одбрана на демократијата Ајкан Ердемир и Џон Лечер.

Ако Ердоган инсистира на повторување на своите грешки од минатото, ѝ нанесува на Турција економски хаос со финансиски и геополитички последици што ќе опстанат долго по пандемијата, истакнуваат тие.

Празните турски куфери се една од причините зошто Ердоган мораше да најави анемичен план за поттик од 15 милијарди долари, што е 1,5 отсто од БДП на Турција и далеку помалку од таквите програми на другите земји, наведува Форин полиси и укажува дека останувајќи без многу оружја, претседателот прибегнал кон „донаторска кампања“, барајќи помош од граѓаните, додека постојат извештаи дека од државните службеници бара да се откажат од дел од платите, а тешко дека тие ќе го одбијат во страв од отпуштање во следната рунда Ердоганови чистки.

Двојната криза – финансиска и здравствена – ги истакна „најлошите нагони за преживување“ на Ердоган, оценуваат Ердемир и Лечер, наведувајќи дека во почетокот на пандемијата исчезна од медиумите, оставајќи го министерот за здравство да комуницира со јавноста и веројатно да ја прифати вината.

Од друга страна, загрижен поради добрата работа на опозициските градоначалници во Анкара и Истанбул, Ердоган ги критикува за неодобрените кампањи за собирање донации и ги блокираше локалните сметки за помош на жителите на тие градови. Додека ја избегнува вината за бројот на починатите, Ердоган го гледа вирусот како уште една прилика да ја консолидира моќта со воведување драконски мерки, се оценува во текстот.

На крајот на март, над 400 луѓе беа приведени под обвинувања за „обид за поттикнување немири“ поради објави на социјалните мрежи, додека осум новинари беа сослушани поради известувањето за коронавирусот. Ердогановите постапки во претходните политички и економски кризи ветуваат нови рестриктивни политички мерки, се заклучува во текстот на Форин полиси.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе