Дел земји го напуштија состанокот на Г20 поради рускиот претставник

Високи функционери од Британија, САД и Канада вчера го напуштија состанокот на Г-20 поради присуството на руски претставник, што ги разоткри длабоките поделби во блокот на големите економии, а многумина ја осудија војната на Москва во Украина.

Фото: ЕПА

Индонезиската министерка за финансии Сри Мулјани Индравати, која претседаваше со состанокот на финансиските претставници на Г-20 во Вашингтон, призна дека телото се соочило со предизвици без преседан, но повика на соработка за надминување на забавувањето на глобалниот раст.

„Ова е вонредна состојба“, им рече Индравати на новинарите по целодневниот состанок. „Ова не е вообичаена работа, многу е динамична и тешка.“

Г-20 ги вклучува западните земји што ја обвинија Москва за воени злосторства во Украина, како и Кина, Индија, Индонезија и Јужна Африка, кои не се приклучија на санкциите предводени од Западот против Русија поради конфликтот.

Индравати рече дека многу земји на состанокот се изјасниле против војната, иако не ги именува.

„За да закрепнеме заедно... потребна ни е поголема и посилна соработка“, рече Индравати на брифингот. „Г-20 сè уште е... главниот форум за сите нас каде што можеме да расправаме и да разговараме за сите прашања“.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен пред да замине им кажа на присутните дека не го одобрува присуството на високиот руски функционер на состанокот, изјавија два извори за Ројтерс.

Нејзе ѝ се придружија претседателот на Федералните резерви на САД Џером Пауел, гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, канадската министерка за финансии Кристија Фриланд и претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард.

Украинските власти, кои во Вашингтон побараа милијарди долари дополнителни средства, исто така го напуштија состанокот, изјави изворот.

Рускиот заменик-министер за финансии Тимур Максимов ја претставуваше Москва, додека рускиот министер за финансии Антон Силуанов и гувернерот на руската централна банка се приклучија виртуелно, рече друг извор.

Еден извор додаде дека Јелен им рекла на учесниците дека во глобалната економија за Русија не може сè да биде како и обично, став што го повтори и Индравати, чија влада е на чело на Г-20 оваа година.

Британскиот министер за финансии Риши Сунак на Твитер напиша: „Ние сме обединети во нашата осуда на руската војна против Украина и ќе се залагаме за посилна меѓународна координација за казнување на Русија“.

Руското Министерство за финансии во соопштението објавено по средбата не го спомена напуштањето. Во него се вели дека Силуанов ја повикал Г-20 да не го политизира дијалогот меѓу членките и нагласи дека групата секогаш била фокусирана на економијата.

„Друг аспект на актуелната криза е поткопувањето на довербата во постоечкиот меѓународен монетарен и финансиски систем“, се вели во извештајот. „Сигурноста на девизните резерви и можноста за слободна трговија и финансиски трансакции веќе не се гарантирани.“

Лагард го повика Максимов да ѝ пренесе јасна порака на Москва – да ѝ стави крај на војната во Украина, изјави еден од изворите.

Министрите за финансии на Г20 и гувернерите на централните банки се состанаа на маргините на полугодишната конференција организирана од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Вашингтон, фокусирајќи се на војната во Украина, безбедноста на храната и тековното закрепнување од пандемијата на коронавирусот.

Со оглед на поделбите, групата не објави соопштение. Наместо тоа, Индравати прочита изјава во која се сумираше состанокот и ја истакна важноста на телото.

Канаѓанката Фриленд, која има украинско потекло и упатуваше страсни молби во име на земјата, рече дека го напуштила пленарниот состанок на Г20 за да протестира против учеството на Русија.

„Овонеделните состаноци во Вашингтон ѝ се посветени на поддршката на светската економија - а илегалната инвазија на Русија на Украина е сериозна закана за глобалната економија“, рече таа на Твитер, додавајќи дека Русија не треба да учествува.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе