Цените на нафтата значително паднаа изминатава недела

На светските пазари цените на нафтата драстично паднаа минатата недела, по неколкунеделен раст, бидејќи трговците стравуваат дека зголемувањето на каматните стапки на централните банки ќе предизвика забавување на глобалниот економски раст, а со тоа и на побарувачката на нафта.

Фото: ЕПА

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 7,3 отсто, на 113,12 долари, најниско ниво од 20 мај, додека на американскиот пазар барелот падна за 9,2 отсто на 109,56 долари, најниско ниво од 12 мај.

Првиот пад на цената на нафтата на лондонскиот пазар во последните пет недели се должи на стравувањата на трговците дека побарувачката за црното злато ќе ослабне поради забавувањето на глобалниот економски раст бидејќи централните банки ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.

Минатата недела американски ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за дури 0,75 процентни поени, што е најголемото еднократно зголемување на цената на парите од 1994 година.

Затоа, тие сега се во опсег од 1,5 до 1,75 отсто, што е нивно највисоко ниво од март 2020 година и појавата на кризата поради коронавирусот.

Ќе следуваат и дополнителни зголемувања на каматните стапки, бидејќи инфлацијата во САД е на највисокото ниво во последните 40 години, над 8,5 проценти, така што, според челниците на ФЕД, каматните стапки на крајот на годината би можеле да достигнат и 3,4 проценти, највисокото ниво од 2008 година.

Лидерите на ФЕД веруваат дека економијата ќе избегне рецесија и покрај големиот пораст на каматните стапки, но тие значително ги намалија процените за економскиот раст оваа година - од претходните 2,8 на 1,7 отсто.

Но не се сите убедени дека ФЕД ќе успее „меко да ја приземји“ економијата.

Аналитичарите на Велс Фарго банка веруваат дека сега има 50 отсто шанси наскоро да дојде до рецесија. Многу други банки, меѓу кои Дојче банк и Морган Стенли, предупредуваат дека ризиците од рецесија растат.

Покрај ФЕД, минатата недела каматните стапки ги зголемија и британската и швајцарската централна банка, меѓу другите.

И Европската централна банка (ЕЦБ) најави дека поради инфлацијата во јули ќе ги зголеми каматните стапки за четвртина процентен поен, а најверојатно повторно ќе ги зголеми и во септември.

Заострувањето на монетарната политика во светот ги загрижи трговците, кои стравуваат од рецесија и намалена побарувачка за гориво.

„Во последните денови, макроекономското опкружување претежна над факторите тесно поврзани со нафтата. Бидејќи поширокиот пазар е преокупиран со каматните стапки и инфлацијата, наративот на пазарот на нафта би можел повеќе да се фокусира на достапноста отколку на снабдувањето“, рече Калум Макферсон од фирмата Инвестек.

Притисокот врз цената на нафтата е последица и на зајакнувањето на доларот, поради што нафтата станува поскапа за купувачите во други валути. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската во однос на другите шест главни светски валути, минатата недела порасна за 0,45 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво во последните 20 години.

Европскиот пазар на нафта, кој е под притисок поради санкциите против Русија, може да се стабилизира и благодарение на увозот на нафта од Венецуела.

Товарот од 650.000 барели сурова нафта од Венецуела, наменета за италијанската Ени, е подготвен за испловување и тоа е првиот извоз на нафта од таа земја во Европа во последните две години.

Венецуела, чија нафтена индустрија е под американски санкции, се појави како можна замена за дел од количествата руска сурова нафта што се под санкции, воведени по руската инвазија на Украина.

Откако минатата година се зголемија за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на глобалната економија од коронакризата, цените на нафтата скокнаа за речиси 50 отсто од почетокот на оваа година, најмногу поради војната во Украина.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе