На лондонскиот пазар цената на барелот попладне беше повисока за 57 центи во споредба со вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 79,92 долари. На американскиот пазар се тргуваше по 35 центи повисока цена, од 74,60 долари.
Во фокусот на пазарот денес беше застојот на танкерите со руска нафта во Босфор.
Најмалку 20 танкери со нафта чекаат во турските води премин од Црно Море во Медитеранот додека нивните оператори се обидуваат во што е можно пократок рок да ги испочитуваат турските прописи за осигурување, воведени пред Г7 да ги ограничи цените на руската нафта.
Г7 на осигурувачите и превозниците им се закани со санкции ако превезуваат руска нафта поскапа од 60 долари.
Русија размислува за одговор на ценовниот лимит, вклучувајќи и забрана на продажба на нафта на некои земји и утврдување на максимален попуст, јави рускиот деловен весник Ведомости.
Новинската агенција РИА Новости го цитира потпретседателот на руската влада дека Москва е загрижена поради трупањето танкери во Босфорскиот теснец.
Позначителен раст на цените на нафтата е спречен со предупредувањето на американските банки за веројатна рецесија во следната година, напоменува Ројтерс.