Ако не се задолжи дополнително

Америка првпат во историјата може да банкротира

Министерката за финансии Џенет Јелен тврди дека државата за три недели ќе остане без пари ако не се задолжи дополнително.

Фото: ЕПА

Доколку Конгресот не ја крене границата за задолжување, Америка за прв пат во својата историја може да банкротира, предупреди министерката за финансии.

Џенет Јелен во вторникот рече дека владата на 18 октомври ќе остане без пари и дека нема да може да ги плати доспеаните обврски доколку Капитол не ѝ одобри на администрацијата дополнително да позајмува, пренесува Волстрит џурнал.

„Ако Конгресот не го зголеми ограничувањето, Америка ќе банкротира за прв пат во својата историја. Довербата и кредибилитетот на Соединетите Држави ќе бидат поткопани и нашата земја веројатно ќе се соочи со финансиска криза и со економска рецесија“, рече министерката, предвидувајќи скок на каматните стапки.

Таа посочи и дека тоа ќе се почувствува во животот на обичните граѓани бидејќи кредитите за куќи, автомобили и покренување бизнис ќе поскапат, а платите за војниците ќе доцнат. Министерката Јелен им се обрати на сенаторите еден ден откако републиканците во горниот дом на Конгресот одбија да го одобрат новото задолжување. Додека демократите сакаат да го зголемат лимитот, републиканците се противат на зголемувањето на државниот долг за 28,4 трилиони долари. Либералите не успеаја да го зголемат прагот бидејќи ниту еден конзервативен сенатор не сакаше да го поддржи нивниот предлог. Двете партии имаат 50 претставници во Горниот дом.

Владата на Џозеф Бајден одобри пакети помош за време на епидемијата на коронавирусот, пресметувајќи дека со повторно задолжување ќе може да издвои пари за граѓаните и економијата и да ги плати старите долгови. Републиканците велат дека администрацијата на Бајден е фискално неодговорна и дека Демократската партија мора да најде начин сама да го подигне прагот и да избегне банкрот. Либералите одговараат дека и конзервативците гласале за програмите за помош и дека државата ќе имала пари доколку републиканскиот претседател Доналд Трамп не ги намалел даноците.

Америка никогаш не доцнела со отплата на долгот. Со цел да се избегне такво сценарио, од 60-тите години на минатиот век 78 пати го има менувано лимитот на задолжување, пишува Бизнис инсајдер.

Министерката Јелен ги повика законодавците да не чекаат до последен момент за да го одобрат дополнителното задолжување. Како што истакна таа, искуството покажува дека ова може „да им предизвика сериозна штета на компаниите и на довербата на потрошувачите, да ги зголеми каматните стапки за даночните обврзници, негативно да влијае на американскиот кредитен рејтинг во наредните години и да предизвика нарушување на финансиските пазари“.

Друга опасност е дека демократите и републиканците не се согласуваат за буџетот, што би значело дека федералната администрација денес веќе е без пари и влегува во блокада. Таканареченото исклучување на владата значи дека министерствата и агенциите ќе го намалат обемот на работа и ќе ги испратат сите, освен најнеопходните службеници, на принуден одмор додека не се постигне договор во Капитол. Во последните 40 години, владата во Вашингтон беше затворена 21 пат поради несогласувања меѓу демократите и републиканците и извршната и законодавната власт. Последен пат тоа се случи во 2018 година, за време на Трамп, кога Конгресот не сакаше да усвои буџет што ќе вклучува пари за претседателовиот проект за изградба на ѕид на границата со Мексико. Трамп потоа донесе акт со кој им се гарантира на вработените во федералните институции дека ќе примаат плата и додека владата е „суспендирана“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе