Агенцијата на ОН за храна: Цените на храната во 2021 на највисоко ниво во десет години

Цените на храната скокнале на светските пазари во 2021 година за 28 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво во десет години, извести агенцијата на ОН за храна ФАО, предупредувајќи дека шансите за стабилизација на пазарот во новата година се многу мали.

EPA-EFE

Индексот на цените на кошничката на основните прехранбени производи изнесувал во просек минатата година 125,7 бодови, што е негова највисока вредност од 2011 година, објави агенцијата на ОН за храна и земјоделство.

На крајот на годината цените се стабилизирале, пред сè поради поевтинувањето на растителните масла и шеќерот, затишјето во побарувачката, загриженоста која ја предизвика новиот сој на коронавирусот и поголемите понуди на пченица од јужната хемисфера. Поскапеа само млекото и млечните производи.

Во минатата година сите прехранбени производи во кошничката на ФАО бележеле двоцифрен раст на цените, а најмногу поскапеле растителните масла, за 65,8 отсто, со највисока вредност на индексот откако ФАО почнал да ги следи податоците.

Значително пораснале и цените на житарките, за 27,2 отсто, одразувајќи го скокот на цените на пченката, за 44,1 отсто, и на пченицата, за 31,3 отсто. Силниот раст на цените на вештачките ѓубрива, поврзан со големото поскапување на цените на енергенсите, ги зголемил трошоците на земјоделците, поттикнувајќи сомнежи дека следната жетва би можела да биде послаба.

Меѓу производите кои најмногу поскапеле во 2021 се издвојува и шеќерот, чии цени пораснале за 30 отсто. Значително помалку поскапеле млекото и млечните производи, за 16,9 отсто, и месото, за 12,7 отсто.

2022 година почна со нестабилна трговија според договорите за идните испораки.

Повисоките цени на храната дополнително ја поттикнаа инфлацијата во периодот на заздравувањето на економиите од пандемиската криза, а ФАО предупреди дека повисоките трошоци го доведуваат во опасност посиромашното население во земјите кои зависат од увозот. Агенцијата предупреди дека не гледа назнаки на попуштање на притисокот на цените во оваа година.
„Во нормални околности би очекувале дека повисоките цени би поттикнале поголемо производство, но високите трошоци, продолжувањето на пандемијата и неизвесните климатски услови оставаат малку простор за оптимизам“, истакна високиот економист на ФАО Абдолреза Абасијан. „Не треба да се надеваме на постабилен пазар ни во 2022“, истакна тој.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе