„Доста е со опомени, сега ќе казнуваме“

Данска го очекува пикот без полициски час, тестира до 10 илјади луѓе на ден

Данска очекува оваа или следната недела да биде пикот на заразата со ковид-19, а во меѓувреме во последните денови почна да се намалува бројот на заболените. Првичниот страв и психоза полека се надминати, но ни на почетокот ни сега нема никакви најави за воведување полициски час. А нема ни да има. Ограничување за движење нема, освен она за најмногу десет луѓе во група, со задолжителната препорака да се држи растојание. Но и без ограничување по улиците нема толку многу луѓе, од едноставна причина што сè е затворено, освен маркетите и аптеките. Ваква отприлика е сликата за Данска во време на пандемијата.

Деновиве таму сѐ почести се дебатите дали земјата треба постепено да се „отвора“, а аргументите се дека ризикот од длабока рецесија може да биде многу поопасен за данското општество отколку второ „избувнување“ на болеста. Но, засега, додека се чека одлука на Владата, важи досегашниот „терк“. Што се однесува до бројот на тестирања, по дебатата во земјата, сега се тестираат скоро сите, вклучувајќи ги оние со лесни симптоми на болеста. Лекарите со кои разговаравме велат дека претходно се тестирале само оние лица што имале симптоми, а од пред две недели и оние со полесни симптоми или ако имале контакт со некој што бил заразен. Процедурата е иста како и овде, се јавуваш кај матичен лекар и тој те препраќа во кој пункт да одиш за тестирање.

„Бројот на тестирани се искачи речиси до 10.000 на ден. Прво почнавме со 300, 500 тестирања на ден, па снема тестови. Откако се набавија тестови, почнаа да се тестираат по 3.000 и сега стигнавме скоро до десет илјади. Властите најавува дури и 15 илјади тестирања дневно, но до тоа не се стигна“, велат нашите соговорници.

Доколку е некој позитивен, а нема симптоми на болеста, оди 14 дена во изолација. На 14-от ден се прави тест, а по 24 часа уште еден. Ако двата контролни теста се негативни, може да се врати на работа. Ако некој има симптоми, пак, седи дома 10 дена, па два дена ако нема симптоми се прават два контролни теста.

Инаку, според последните податоци, во Данска заболени се 5.386 лица, оздравеле 1.491, а починати се 203 лица. Во болница има околу 500, а на интензивна нега околу 130 пациенти.

Лекарите со кои разговаравме велат дека болниците функционираат добро, има доволно опрема и дека се целосно ориентирани на третман на пациенти од ковид-19. Веќе три недели исклучоци се операциите за скршеници, кардиохирургија, карциномска хирургија и друга итна хирургија, сите други планирани операции се одложени.

Приватните болници се затворени со декрет од Владата и не смеат да работат од 24 март до 1 јуни, а персоналот и респираторите ги ставаат на располагање на државните болници.

Што се однесува до медицинскиот персонал, нашите соговорници велат дека е тешко да се „допазат“ и големи се шансите да се заразат и покрај сета заштитна опрема што ја имаат. Носат очила, маски со специјални филтри што 100 отсто ги „фаќаат“ вирусите, визири, капи до рамена, хируршки мантили и два пара ракавици, па сепак, велат болниците сега се најголем извор на зараза, не само во Данска, туку секаде.

А опрема не им недостига, освен можеби заштитни скафандери. Дел од индустриските капацитети го преориентирале производството, па сега се занимаваат со медицинска и заштитна опрема. Така, две фабрики што во 60-тите години од минатиот век правеле индустриски маски, ги зачувале машините и од пред 2-3 недели почнале да произведуваат медицински маски, со цел државата да не биде зависна од увоз.

Сите компании што произведуваат алкохолни пијалаци, виски, пиво, вотка, џин... сега произведуваат алкохол за дезинфекција и првата недела откако се преориентирале низ болниците однеле 100.000 литри алкохол. А познатата компанија „Лего“ наместо популарните лего коцки сега пренаменила дел од машините за пластика и сега изработува по 5.000 очила и визири на час.

Како граѓаните минуваат низ пандемијата?

Со одлука на Владата на 11 март се затворени сите училишта, факултети, ресторани, кафетерии, сали за вежбање..., а премиерката препорача сите што можат да работат од дома. Училиштата и факултетите веднаш се префрлија на онлајн-настава и тоа уште функционира. Македонци што живеат таму велат дека по улиците и парковите има луѓе, трчаат, возат велосипеди, но не се групираат, бидејќи забрането е групирање на повеќе од десет луѓе. Казните за тоа се до 500 евра, иако досега поминувале со опомени. Но со подобрувањето на времето и раздвиженоста пред Велигден полицијата вели: „Доста е со опомени, сега ќе казнуваме“. Улиците не се дезинфицираат, а маски на граѓаните им се препорачува да не носат (освен оние што се болни), освен ако Светската здравствена организација не ги смени препораките.

Границите се затворени, а „рампата е крената“ само за данските граѓани кои работат во Шведска и обратно, Швеѓани во Данска, па тие имаат дозволи, бидејќи секој ден треба да одат на работа.

Олеснително, велат, им е тоа што медиумите во последно време престанале „да ги бомбардираат“ со информации за болни и починати низ светот, главно во Италија и Шпанија, со што се создала психоза во општеството.

Случајот со медиумите, пак, е посебна приказна. И телевизиите извесно време престанел да работат, бидејќи не можело во студио да има повеќе луѓе, па носеле опрема дома и работеле од импровизирани студија. Сепак, од пред една недела се вратени во редакциите, но со услов во студио да има еден новинар и еден камерман. Се споменува и случајот со радиостаница со прилично слушана утринска програма од 6 до 9 часот со четворица водители. Од пред три недели во домовите на сите четворица водители е однесена опрема, па фактички се направени 4 студија и четворицата новинари заедно ја водат програмата. А новинарите на прес-конференции седат во посебна просторија во зградата на владата и со оние што ја држат прес-конференцијата разговараат преку видео.

И додека чекаат одлука дали земјата ќе се подотвори, дали ќе има втор, трет бран на болеста, данските лекари порачуваат - болеста тешко се лекува, особено кај оние што имаат други здравствени проблеми или кај кои сериозно ќе заболат белите дробови. Прогресијата на вирусот велат може да биде неверојатна, па за 45 минути од, условно кажано, нормален пациент, да стигне до респиратор. Нивниот совет е, како и секаде, држете растојание и користете алкохол за раце и мијте ги рацете. Дури, според некоја данска студија, преферираат миење со сапун и топла вода, бидејќи се покажало подобро од користење алкохол.

Ж.П.Б.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе