Антивор

Зошто по ниедна цена не смее да дојде до екстрадиција на Џулијан Асанж

Криминалното гонење на Асанж поставува многу опасен преседан. Ова е гонење на нашата демократија, која ја задушува слободата на изразување на сите во светот, се вели во колумна на Антивор.

Во четвртокот основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, беше уапсен од британската полиција во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што во 2012 година му беше даден политички азил. Ова повлекување на азилот од страна на Еквадор, со прекршување на меѓународното право, доаѓа една недела откако Викиликс ја предупреди јавноста дека добиле информации од два еквадорски високи владини извори дека САД планираат еквадорската влада да го избрка Асанж од својата амбасада.

Адвокатот на Асанж потврди дека тој бил уапсен според американската потерница за екстрадиција за заговор за објавување доверливи информации со информаторот Челси Менинг за откривање на владините воени злосторства во 2010 година. Конкретно, ова се однесува на тоа што Викиликс го објави видеото со колатерални убиства, документи во врска со војните во Авганистан и Ирак и доверливи американски дипломатски телеграми.

Во изјавата пред судот во Вестминстер во Лондон, главниот уредник на Викиликс Кристин Храфсон изјави за новинарите дека апсењето на Асанж е „мрачен ден за новинарството“. Експертите за слобода на говорот ова обвинение за Асанж го гледаат како напад врз слободата на медиумите насекаде.

Адвокатот Џејмс Гудејл за напорите на американската влада да осуди (најверојатно за шпионажа) новинар што не е Американец и не објавувал во САД го изјави ова: „Ако гонењето на Џулијан Асанж успее, тоа ќе му зададе речиси смртен удар на истражувачкото известување врз основа на доверливи информации“. Дејвид Кај, специјален известувач на ОН за слобода на мислењето и изразувањето, изјави дека „гонењето на Асанж ќе биде опасно проблематично од перспектива на слободата на медиумите“.

Одговарајќи на овој најнов развој за основачот на Викиликс, Американската унија за граѓански слободи искоментира дека „секое гонење од страна на Соединетите Држави на господинот Асанж за издавачките операции на Викиликс би било досега невидено и неуставно и би ја отворило вратата за кривични истраги на други новински организации“. Фондацијата Слобода за печатот исто така издаде соопштение, предупредувајќи дека обвинението против Асанж претставува сериозна закана за слободата на печатот и истакна дека треба против него „енергично да протестираат сите оние што се грижат за Првиот амандман“.

Само еден ден пред неговото апсење, Викиликс одржа прес-конференција со адвокатот што го претставуваше Асанж. Тие ја разоткрија операцијата на шпионирање на Еквадор против Асанж, чии права на азил и државјанство значат дека земјата има обврска да го заштити.

Камерите во лондонската амбасада на Еквадор, поставени во соработка со САД, претставуваат целосна инвазија на приватноста, а се снимале и средбите на Асанж со неговите адвокати и лекар. Адвокатката на Асанж, Џенифер Робинсон, го опиша ова како сериозно прекршување на привилегијата адвокат-клиент, што ја поткопало способноста на неговиот правен тим правилно да го брани својот клиент.

Сериозноста на третманот на Еквадор кон сопствениот граѓанин и азилант ја призна и ООН. Специјалниот известувач на ОН за правото на приватност, Џо Канатачи, и независниот специјален известувач на ОН за тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, Нилс Мелцер, кој во петокот предупреди дека апсењето на Асанж може да биде „сериозно прекршување на човековите права“, планирале да се сретнат со Асанж на 25 април за да ги испитаат овие прекршувања на правата во амбасадата.

Апсењето на Асанж и евентуалната екстрадиција во САД се многу повеќе од индивидуално прашање. Ова задира право во срцето на слободата на изразувањето, основните човекови права и соодветното судење. Ако не се спротивставиме на нападот на американската влада врз овој западен новинар, авторитарната држава ќе добие моќ да го прави истото.

Ако САД можат да гонат неамерикански новинар за откривање на нејзините тајни, зошто Русија не може да суди американски новинар во Вашингтон што открива тајни за Москва? Зошто Саудиска Арабија не може да суди новинар за откривање тајни за убиството на саудискиот новинар Џамал Хашоги?

Викиликс објави материјал што му е даден од информатори. Многу медиумски организации го објавија тој материјал. А што е со Њујорк тајмс и Вашингтон пост? Дали и тие ќе се соочат со обвиненија? Всушност, администрацијата на Трамп веќе се закани со гонење новинари што објавуваат доверливи материјали.

Треба ли да биде осуден издавач што објавил вистинити информации за владината корупција и за нелегални војни? Кога кажувањето на вистината стана злосторство? Чинот на објавување информации за кои е потврдено дека се автентични и во јавен интерес не смеe да се казнува. Изложувањето владини воени злосторства, кршења на човековите права и убиства на цивили, вклучувајќи и новинари, не е кривично дело. Ова е самата функција на слободниот печат, како извидница на нашата демократија.

Криминалното гонење на Асанж поставува многу опасен преседан. Ова е гонење на нашата демократија, која ја задушува слободата на изразување на сите во светот. Ова не е политичко прашање, дефинирано како левица наспроти десница или една идеологија против друга. Ова е прашање што се однесува на нашите основни човекови права. Станува збор за прашање дали ќе имаме или ќе немаме граѓанско општество, управувано од владеењето на правото.

Сега е време да се преземе акција. Мораме да ја повикаме владата на Велика Британија да се спротивстави на екстрадицијата на овој прогонет новинар во САД. И да се мобилизираме за да побараме од администрацијата на Трамп да ги повлече кривичните обвиненија против Асанж и Викиликс. Ние мора да се бориме да го одбраниме Асанж, не заради него, туку за самите себе и за нашата демократија.

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе

Додека Бугарите се убедуваат себеси и нас дека Гоце Делчев бил Бугарин, да се потсетиме на некои од Гоцевите искажувања, кои ја одразуваат неговата големина и неговото визионерство.

повеќе