Зошто некои луѓе толку многу ја мразат Грета Тунберг

Таа го посвети својот живот на спасување на планетата и на сè што живее на неа - па зошто Грета Тунберг е толку омразена?

На само 16 години, тинејџерката активистка инспирира цела една генерација да бара акција за климатските промени, предизвикувајќи важни разговори на некои од најголемите светски платформи.

Пред една година, таа избега од часови и ги предупреди нејзините родители и наставници дека нема да се врати сè додека возрасните не почнат да работат на решавање на климатската криза.

Минатиот месец, ѝ се придружија милиони луѓе од 150 земји низ целиот свет.

Но и покрај нејзиниот „заговор“ за спас на светот, Грета е соочена со навреди скоро на секој чекор.

Таа е обвинета за упадливо изразување морална коректност, за претставување на состојбата покатастрофално од реалното и за создавање генерација на депресивни и вознемирени деца што се плашат дека крајот на светот е близу.

Грета тврди дека работата е многу едноставна. За неа и нејзините приврзаници, крајот на светот не е некоја далечна закана. Тој е реален и доаѓа, освен ако најмоќните лидери во светот не повлечат некои поголеми потези.

Психологот за животна средина, докторката Рене Лерцман, вели дека молскавичниот подем на Грета го одразува длабокиот колективен копнеж за разумност и лидерство за климатските промени.

Таа тврди дека возрасните ѝ се толку лути на неа - дете со плетенки - затоа што им го кажува тоа што не сакаат да го слушнат.

„До овој момент немаме видено онаков тип лидер што очајно ни треба: што ја зборува вистината и е приземен. Грета ниту е хистерична ниту е падната од Марс. Тоа што таа е дете само ѝ додава моќ како некој што очигледно е без личен интерес или его. Нападите врз неа зборуваат за нашата сопствена нелагодност кога гледаме модел на лидерство што нашите возрасни во идеален случај би го покажувале“, вели д-р Лерцман.

Во жестокиот говор на Самитот за климатски активности на Обединетите нации минатиот месец, Грета им порача на светските лидери: „Сето ова е погрешно. Јас не требаше да бидам тука. Требаше да се вратам на училиште од другата страна на океанот. Сепак, вие од нас младите луѓе побаравте надеж. Како се осмелувате?“

Таа подоцна беше исмевана од Доналд Трамп, кој на своите 64,7 милиони следбеници им ги твитна зборовите: „Таа изгледа како многу среќна млада девојка, која ја чека светла и прекрасна иднина. Баш фино да се гледа ова!“

Шведската тинејџерка одговори со моментално менување на својата биографија на Твитер како реакција на потсмевот од американскиот претседател.

Но додека некои од критиките кон Грета се маскирани со хумор, сè повеќе и повеќе критики едноставно се силеџиство.

Возрасните што ја нападнаа Грета ја употребија нејзината дијагноза на Аспергеров синдром и рекоа дека таа е „длабоко нарушена личност“ или „психички болна“.

Д-р Лерцман вели дека нападите врз менталното здравје на Грета се класичен одбранбен механизам. Таа рече: „Таа е лесна цел затоа што ги кажува несаканите, непожелни вистини. Луѓето ја напаѓаат затоа што не сакаме да го слушнеме тоа што таа има да го каже. Таа е ранлива и отворена, а за некои луѓе тоа е сериозна закана.“

Бидејќи го проучува пресекот на психологијата и животната средина уште од крајот на 1980-тите, д-р Лерцман тврди дека Грета е толку инспирирачка за многумина бидејќи човечкото разбирање на климатските промени по самата своја природа е психолошко.

„Како што расте нашата свест, така растат и многу други чувства и искуства, како сознајна дисонанца, конфликти, дилеми, тага, лутина, сето тоа. Многумина од нас, со најдобри намери, предизвикуваат трауматска реакција кај луѓето зборувајќи за климата и за подигање на свеста. Целиот наш начин на живот зависи од практиките со јаглеродот, без разлика дали лета, јаде месо или што било друго. Тоа може да биде напорно, непријатно и длабоко вознемирувачко“, вели Лерцман и додава:

„Толку долго време нашите водачи ги игнорираат климатските промени како да не станува збор за вистинска закана. И еве сега имаме некого, млада личност, која ја отфрла сета глума и ги кажува работите онакви какви што се. Нејзината порака и глас се разоружувачки и на неа ѝ се приклучуваат многу луѓе што обично не би реагирале на климатската порака. Тоа што Грета се појави како несовршена личност овозможува таа да биде лесна цел.“

„Треба да најдеме креативни, конструктивни начини за да ги разгледаме овие проблеми заедно.“

Д-р Лерцман верува дека младите луѓе ги доживуваат климатските промени на фундаментално поинаков начин од возрасните и како резултат на тоа се во голема мера одговорни за нивното решавање.

„Вистината е дека не е во ред да им ги пренесеме сите наши лоши одлуки и недостиг од лидерство на помладите луѓе. Сите сме заедно во ова“, вели таа.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе