Научниците се тркаат да одговорат на 5 клучни прашања

Зошто некои луѓе се разболуваат а други не, колку трае имунитетот, дали вирусот мутирал...

По шест месеци и повеќе од десет милиони потврдени случаи, истражувачите се очајни да ги решат разните мистерии на ковид-19.

Кон крајот на декември 2019 во Вухан во централна Кина беше откриена мистериозна нова пневмонија. Шест месеци и над 10 милиони потврдени случаи подоцна, пандемијата на ковид-19 е најлошата здравствена криза во последниот век. Починаа над 500.000 луѓе низ целиот свет.

Вирусот предизвика и истражувачка револуција, а научниците и лекарите низ целиот свет работат со необична брзина за да ја разберат новата болест ковид-19 и вирусот што ја предизвикува: САРС-КоВ-2. Тие го секвенцираа геномот, почнаа да развиваат вакцина и почнаа со тестирање лекови. Но и покрај овие достигнувања, сè уште има многу работи што не ги знаеме.

 

Дали ќе добиеме вакцина и дали таа ќе функционира?

Ефективната вакцина можеби е нашиот единствен излез од пандемијата.

Откако вирусот првпат се појави во јануари, сега се во развој околу 170 кандидати за вакцина, а 15 од нив веќе се тестираат на луѓе - ова е наука што се движи со досега невидена брзина. Споредете го тоа со сидата, која се појави во 1980 година и за која сè уште не постои одржлива вакцина, вели британски Телеграф.

Еден од фаворитите во трката со коронавирусот го развиваат универзитетот Оксфорд и Астра Зенека, кои наскоро ќе преминат во фаза III испитувања во Бразил. Друг кандидат, кој го развива американската фирма Модерна, му дише во врат на оксфордскиот.

Сепак, вакцината не треба да се зема здраво за готово, вели д-р Сет Беркли, главен извршен директор на „Гави, алијансата за вакцини“.

„Кандидатите за вакцини имаат вообичаена стапка на успех од околу седум проценти претклинички, можеби клинички од 15 до 20 проценти, така што огромното мнозинство ќе пропадне. Но со големо портфолио, ова ќе нè одведе напред“, вели тој.

И додека кандидатот од Оксфорд може да излезе прв, студиите на животни покажаа дека тој не спречил мајмуните да заболат од оваа болест, туку ја намалил сериозноста на болеста. Ваквите резултати ја навестуваат можноста вакцината за ковид-19 да спречи потешка форма на болеста, но не и да го спречи ширењето на вирусот, вели Нејчр.

Податоците кај луѓето, иако штури, сугерираат дека вакцините за ковид-19 ги поттикнуваат нашите тела да создаваат моќни неутрализирачки антитела што можат да го спречат вирусот да ги зарази клетките. Она што сè уште не е јасно е дали нивоата на овие антитела се доволно високи за да спречат нови инфекции или колку долго овие молекули опстојуваат во телото.

Д-р Ник Џексон, раководител на програми и технологија во Цепи, кој обезбедува средства за развој на вакцини, рече дека првата вакцина веројатно нема да биде најдобрата.

„Во историјата има голем број примери кога првата вакцина е далеку од супериорна и дека вакцината од втората генерација функционира подобро. Првата вакцина можеби не е најдобра, но ќе биде погодна за справување со пандемијата“, рече тој.

 

Зошто некои се разболуваат, а други не?

Ковид-19 влијае на луѓето на неверојатно различни начини. Некои луѓе воопшто не добиваат симптоми, додека други, иако навидум здрави, добиваат тешка, па дури и фатална пневмонија.

Се проценува дека околу 40% од инфекциите се асимптоматски или се толку благи што едвај се забележуваат. Додека други заболени, меѓу кои и оние што не завршуваат во болница, со недели се чувствуваат уништено и пријавуваат голем број долгорочни компликации, како што се губење здив и замор.

Додека постарите луѓе и оние со други болести, особено дијабетесот, повеќе се изложени на ризик од потешки форми на болеста, научниците сè уште не се сигурни зошто ковид-19 влијае на луѓето на вакви неверојатно различни начини.

Сепак, се појавуваат нови докази дека генетиката може да игра улога во тоа. Германските истражувачи открија две точки во човечкиот геном што се поврзани со зголемен ризик од респираторна слабост кај пациенти со ковид-19. Една од овие точки е генот што ја одредува крвната група.

Пациентите со крвна група А имаат 50% поголема веројатност да имаат потреба од кислород или да одат на вентилатор, открија истражувачите.

Сепак, Андре Франке, професор по молекуларна медицина на Универзитетот во Кил и водечки автор на студијата, рече дека не е сигурно дали е крвната група таа што одредува дали некој ќе стане посериозно болен, или генетскиот маркер.

„Сè уште не можеме да отплеткаме дали ризикот е крвната група или некои генетски варијанти што се поврзани со крвните групи“, рече проф. Франке.

Тим на универзитетот Рокфелер во Њујорк сега ги разгледува геномите на здрави помлади луѓе што доживеале потешки случаи на ковид-19.

Тимот ги комбинира целосните геноми на инаку здрави луѓе под 50 години што добиле тешка форма на ковид-19, како „типот што во октомври трчал на маратон, а сега, по пет месеци, е на интензивна нега, интубиран и на вентилатор“. Екстремната подложност на други инфекции, вклучително и туберкулозата и вирусот Епштајн-Бар, е поврзана со мутации во поединечни гени и експертите веруваат дека истото ќе важи и за овој коронавирус.

 

Колку трае имунитетот?

Фактот колку долго трае имунитетот е клучен за развојот на вакцина и за откривање кој треба прво да ја добие. Имунолозите трескавично работат за да откријат како би изгледал имунитетот кон САРС-КоВ-2 и колку долго може да трае. Поголем дел од работата е фокусиран на „неутрализирачките антитела“, вели Нејчр, кои се врзуваат за вирусните протеини и директно спречуваат зараза.

Сепак, неодамнешните студии покажаа дека имунитетот може брзо да опаѓа.

Една студија откри дека 10% од пациентите хоспитализирани со ковид-19 во Кина имале голем број неутрализирачки антитела само неколку недели по оздравувањето од оваа болест, а потоа тие опаднале.

Сепак, овие антитела може подолго време да останат на високо ниво кај луѓе што имале особено сериозни инфекции. „Колку повеќе вирус, толку повеќе антитела, и толку подолго ќе траат“, вели имунологот Џорџ Касиотис од Институтот Френсис Крик во Лондон.

Тестирањето за антитела беше истакнувано како излез од пандемијата со таканаречени „пасоши на имунитет“ што им се издаваат на луѓе што имаат добри реакции со антитела. Сепак, овие студии ја покажаа ограниченоста на ваквите тестови.

Друга неодамнешна студија покажа дека истражувачите можеби гледаат на погрешно место и дека едни други имунолошки клетки, Т-клетките, а не антителата, се тие што се клучни во борбата против болеста и во создавањето долгорочен имунитет. А студиите покажуваат дека и тие се мобилизираат во борбата против САРС-КоВ-2.

„За луѓето имунитетот се антителата, но имунолошкиот систем е една толку прекрасна машина“, вели вирологот Андре Финзи од Универзитетот во Монтреал, Канада. „Тој е толку многу покомплексен и не се состои само од антитела.“

Едно истражување покажа дека кај 81% од 185-те луѓе што биле тестирани, а кои ја немале болеста, Т-клетките реагирале на Сарс-Ков-2, имунолошки одговор што бил поврзан со претходна изложеност на обични коронавирусни настинки, вели Телеграф.

Ова не е првата студија што ја поврзува изложеноста на обичната настинка со имунитетот кон ковид-19 и некои веруваат дека една од причините поради кои децата и помладите луѓе се помалку подложни на заболувањето е затоа што редовно се изложени на кашлица и кивање.

 

Дали вирусот мутирал?

Сите вируси мутираат додека ги заразуваат луѓето, а САРС-КоВ-2 не е исклучок.

Од почетокот на епидемијата во јануари, разни студии укажуваат на мутации во Сарс-КоВ-2. Но вирусолозите посочуваат дека вирусите мутираат цело време и дека дури ако видиме драматична промена во стапката на смртност или во бројот на инфекции ќе дознаеме дали имало мутација.

Минатата недела д-р Ентони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести во САД и лидер на владината работна група за коронавирусот, рече дека има податоци што укажуваат на постоење на нова мутација на ковид-19, која е повеќе „пренослива“.

Тој предупреди дека научниците сè уште се обидуваат да го потврдат нејзиното постоење и дека се чини дека таа не е поштетна за луѓето што го фаќаат тој подвид на вирусот.

Сепак, иако серија студии сугерираа дека оваа мутација го прави вирусот САРС-КоВ-2 позаразен кај култивираните клетки, не е јасно дали ова својство се пренесува и во инфекциите кај луѓето.

Коронавирусите не ги сакаат топлината или сончевата светлина и постојат шпекулации дека вирусот одмазднички ќе се врати во текот на зимските месеци, вели Телеграф.

Пандемијата на шпански грип од 1918 до 1920 година шеташе низ целиот свет во бранови, достигнувајќи го врвот во најстудените периоди од годината.

Но на прашањето дали неодамнешниот скок кај случаите во Мелбурн е поврзан со австралиската зима, Кит Нил, професор по епидемиологија на заразни болести на Универзитетот во Нотингем, рече дека е рано да се каже дали ковид-19 ќе воскресне кога времето ќе стане постудено.

„Вирусот не сака топлина и некои аспекти на влажност. Колку ова всушност помага ние не знаеме. САД и Индија влегуваат во лето и имаат пораст на случаите. Премногу е рано да се извлечат заклучоци за тоа како доаѓањето на зимата ќе влијае на овој вирус. Зимата во делови на Австралија е многу различна од нашите зими“, рече тој.

Во Велика Британија, главниот ризик во зима може да биде тоа што сме напикани внатре во слабо проветрени простории, додаде тој.

„Знаеме дека ризиците од надворешниот пренос се многу ниски, особено ако се одржува социјалното растојание“, рече тој.

 

Од каде потекнува вирусот?

Ова е најтешкото прашање и беше предмет на интензивни шпекулации и дебати. Иако се смета дека вирусот се појавил на пазар за живи животни во Вухан, научниците сè уште не се сигурни за оригиналниот животински домаќин.

Теоретичарите на заговор верглаат дека вирусот бил создаден во лабораторија во Кина, а оние најлудите дури укажуваа на поврзаност меѓу него и телефонската технологија 5Г - па дури и ги палеа предавателите за мобилни телефони.

Американската влада, исто така, го истакнуваше фактот дека бидејќи Институтот за вирологија во Вухан - каде што интензивно се проучувале коронавирусите - е со седиште во градот каде што се појави болеста, пандемијата можеби избегала од една од нејзините лаборатории, случајно или смислено.

Сепак, вели Нејчр, повеќето истражувачи се согласуваат дека коронавирусот САРС-КоВ-2 веројатно потекнува од лилјаци, поточно од потковичестите лилјаци. Оваа група животни се домаќин на два коронавируси што се тесно поврзани со САРС-КоВ-2. Едниот, именуван РАТГ13, беше пронајден во средните потковичести лилјаци (Rhinolophus affinis) во југозападната кинеска провинција Јунан во 2013 година. Неговиот геном е 96% идентичен со оној на САРС-КоВ-2. Следниот најсличен вирус е РмИН02, коронавирус пронајден кај малајските потковичести лилјаци (Rhinolophus malayanus), кој има 93% иста генетска секвенца со САРС-КоВ-2.

Една сеопфатна анализа на повеќе од 1.200 коронавируси земени од лилјаци во Кина исто така укажува дека потковичестите лилјаци во Јунан се веројатното потекло на новиот коронавирус. Но студијата не ја исклучува можноста вирусот да дошол од потковичести лилјаци во соседните земји, вклучувајќи ги Мјанмар, Лаос и Виетнам.

Разликата од 4% помеѓу геномите на РАТГ13 и САРС-КоВ-2 претставува децении еволуција. Истражувачите велат дека ова укажува дека вирусот може да поминал преку посреднички домаќин пред да се рашири кај луѓето, на истиот начин на кој се смета дека вирусот што предизвикува САРС преминал од потковичестите лилјаци на цибетките (мачколики грабливци од Африка и Евроазија) пред да стигне до луѓето. Во почетокот на епидемијата беа издвоени неколку кандидати за овој животински домаќин, при што неколку групи се фокусираа на панголините.

Истражувачите ги изолирале коронавирусите од малајските панголини (Manis javanica) конфискувани за време на операциите против шверцот во јужна Кина. Геномот на овие вируси е до 92% ист со новиот коронавирус. Студиите потврдуваат дека панголините можат да бидат домаќини на коронавируси што имаат заеднички предок со САРС-КоВ-2, но тие не докажуваат дека вирусот скокнал од панголините на луѓето.

За недвосмислено да се открие патот на вирусот до луѓето, научниците би требало да најдат животно што е домаќин на верзија повеќе од 99% слична на САРС-КоВ-2 - што е комплицирано поради фактот дека вирусот толку масовно се рашири меѓу луѓето, кои исто така го пренесоа на други животни, како што се мачките, кучињата и ласиците.

Жанг Жиганг, еволутивен микробиолог од универзитетот Јунан во Кунминг, вели дека напорите на истражувачките групи во Кина да го изолираат вирусот од добитокот и од дивиот свет, вклучувајќи ги и цибетките, не дале плод. Групи во југоисточна Азија исто така го бараат коронавирусот во примероци од ткива од лилјаци, панголини и цибетки.

Објавено

Вторник, Јули 7, 2020 - 10:13

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе