Спајкд

Зошто не смеевме да ja забраниме РТ

Слободниот говор мора да се брани – особено во време на криза.

Фото: скриншот

Прашајте го кој било Британец што мисли дека во моментов се случува во Украина и огромно мнозинство ќе кажат дека Украинците храбро се спротивставуваат на една срамна и неоправдана инвазија. Спротивно на тоа, ќе ви биде многу, многу тешко да најдете некој што ќе ви каже нешто што е поблиску до апсурдната руска пропагандна реченица - дека руските трупи биле принудени да влезат во Украина за да го ослободат нејзиниот народ од геноцидната, неонацистичка диктатура, пишува британскиот новинар Фрејзер Маерс.

Затоа, впечатливо е да се гледа како истренираните западни политички лидери, вклучително и на највисоките политички нивоа, се справуваат со наводната закана од руската пропаганда – и конкретно информативниот канал РТ (поранешна Раша тудеј), поддржан од руската држава.

Минатата недела, лидерката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, објави дека во целата ЕУ се забранети РТ и Спутник (новинска веб-страница и радиомрежа поддржана од руската држава). Овие канали, рече таа, „повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат Путиновата војна и да сеат поделеност во нашата унија“.

Во Обединетото Кралство министерката за култура Надин Дорис му пиша на медиумскиот регулатор Офком, предупредувајќи дека РТ се користи како „оружје“ на руската држава, додавајќи дека е од суштинско значење да се ограничи способноста на Русија да го „искористува и поткопува нашиот отворен систем преку дезинформации“. Оттогаш Офком покрена 15 истраги против РТ, за можни прекршувања на „должната непристрасност“ во известувањето за украинскиот конфликт. Лидерот на лабуристите, Кир Стармер, отиде уште подалеку, користејќи ја својата платформа на Прашања до премиерот за да побара забрана на каналот, со гласни овации од неговите пратеници.

Во изминатите неколку дена, присуството на РТ на интернет исто така беше намалено, бидејќи и Фејсбук и Јутјуб ги забранија нејзините содржини.

Да бидеме јасни, нема сомнение дека РТ ја турка пропагандата на Кремљ за војната во Украина. Минатата недела, на пример, РТ известуваше од првите редови на руската „специјална операција“ (како што руската држава сака да ја нарекува) во „Народна Република Доњецк“ (една од спорните области, која беше признаена како суверен ентитет од Владимир Путин неколку дена пред руската инвазија). Репортерот зборуваше дека украинската армија гранатира училишни згради. На екранот се појави кајрон што го прикажуваше тврдењето на Русија дека „нашата цел е да ги заштитиме луѓето од геноцидот на Киев“. Ова е чиста воена пропаганда.

Сепак, на растечките барања за цензурирање на РТ мора жестоко да им се спротивставиме - и на принципиелна и на практична основа.

Слободата на говорот е првиот принцип што е загрозен тука. Оние што, како Надин Дорис, тврдат дека слободата на говорот се „експлоатира“ не може да бидат во поголема заблуда. Претпоставката што ги поттикнува стравовите од руската пропаганда е дека публиката едноставно верува во сè што ѝ е претставено, вели Маерс за Спајкд.

Цензурирањето на РТ ќе има големи несакани последици. Тоа може да биде лоша вест за британската стратегија кон Русија, на пример. Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус со право предупреди дека на секоја забрана за РТ Русија најверојатно ќе одговори одмазднички  - таа ќе сака да ги забрани каналите поддржани од британската држава, како Би-би-си.

Освен тоа, зарем воопшто не ни е важно да знаеме што мисли другата страна, или во најмала рака, како сака да ги претстави своите постапки? Репортерите на РТ можеби зборуваат бесмислици за руската инвазија на Украина, но забранувањето на РТ сепак ќе нѐ остави многу послабо информирани за најголемата тема во моментов.

Конечно, казнувањето на РТ не е изолиран случај. Да, повиците за забрана се одговор на Путиновата брутална инвазија на Украина. Но тие исто така произлегуваат од пошироката, долгогодишна паника поради заблудувачки информации и дезинформации. Политичката класа верува дека слободното изразување стана малку премногу слободно и треба да се заузда, регулира или забрани. РТ во никој случај не е единствената мета на државната цензура - и ако се симне од етерот, нема да биде последната.

Во моменти на криза, искушението на политичката класа да цензурира е најголемо. Но токму во најмрачните и најтешки часови слободата на говорот треба најмногу да се брани. И ако тоа значи да се залагаме за правото на РТ да емитува бесмислици, тогаш нека биде така.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе