Зошто хаосот во Источна Европа никогаш не е лоша вест за Путин

Последните денови западни функционери изразија загриженост поради илјадниците руски трупи кои се појавија во близина на источната граница на Украина. Генералниот секретар на НАТО во понеделникот ја предупреди Москва на „потенцијалните агресивни акции“ откако украинските власти проценија дека има околу 90.000 руски војници „во близина на границата и на привремено окупираните територии“, како и на Црното Море.

EPA-EFE

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен кажа минатата недела дека САД се „загрижени од извештаите за невообичаени руски воени активности“ и ја спомна можноста дека Русија можеби „се обидува да ја повтори“ инвазијата на својот сосед од 2014 година. Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел ја повикаа Русија „да заземе воздржан став“ бидејќи секој обид „за поткопување на интегритетот на Украина би имал сериозни последици“, пренесува Си-ен-ен.

Прашањата на кои се бара одговор се: Колку е опасна ситуацијата? Што западната алијанса може да направи? Што всушност сака рускиот претседател Владимир Путин?

Во четири очи, европските дипломати и функционери одговараат на овие прашања кажувајќи дека не веруваат дека ситуацијата е иста како во 2014 година, кога руски оперативци го анектираа црноморскиот полуостров Крим.

Орисија Лутсевич, украинска аналитичарка во Четам хаус, се сложува.

„Тоа е најдобрата војна која може да ја водите а чизмите да не тропнат по земја. За разлика од 2014 година тука не станува збор за територија, туку за порака до Западот дека Русија има легитимно присуство во овој регион“, кажа таа.

Меѓутоа, овие функционери се плашат дека Путин создал нешто што многу радо го користи.

Путин знае дека Западот ќе може да одговори, ако создаде трупи. Тоа значи дека изјавите на горе наведените функционери на САД, Франција, Германија и ЕУ се празни. Проблемот е во тоа што изјавите и другите мерки не влијаат на Путин.

„Русија повеќе пати покажа дека е во состојба да поднесе санкции“, вели Кетрин Клавер Ешбрук, директорка на Германскиот совет за надворешни односи.

„Путин знае дека санкциите западните влади тешко им ги продаваат на одредени групи дома кога можат индиректно да влијаат врз германските бизниси или снабдувањето со енергија во Франција бидејќи нивните компании не можат да работат со руските компании“, истакна таа.

Путин добива на јакнење на легитимитетот кога овие западни лидери се приморани да разговараат со него за да ги деескалираат напнатите ситуации.

„Секогаш кога некој како Меркел бил приморан да ја крене слушалката и да разговара со него за спречување криза, тој станува истовремено и причина и решение на проблемот. Тоа го прави многу моќен и дома и во Европа“, вели постар дипломат на ЕУ.

Во Европа се одвива уште една ситуација која би можела да му овозможи на Путин да игра и непријател и пријател.

На границата меѓу Белорусија и Полска се случува миграциска криза која тежнее кон насилна ескалација. Белорускиот претседател Александар Лукашенко е обвинет дека ја произвел со пренасочување на мигрантите од Блискиот Исток и Азија преку Минск кон границата. Ненадејниот прилив во која било земја во ЕУ создава реална можност за политичка криза и главоболка за ЕУ.

Природата на внатрешните граници на ЕУ значи дека кога еднаш ќе влезете во земја како што е Полска, станува полесно да се движите во блокот. Тоа сигурно би довело државите членки да се свртат едни против други, да се сее поделба во самиот блок и да се поткопува единството на ЕУ – нешто што ги прави Лукашенко и Путин многу среќни, пишува Си-ен-ен.

За да биде покомплицирано, Полска во моментов е во друг спор со Брисел поради неусогласеноста на Варшава со правото на ЕУ.

Висок функционер на ЕУ објасни дека Полска „веќе ја користи оваа криза за да се залага за единство околу прашањето на емиграциите. Проблемот е во тоа што солидарноста со Полска околу тоа ќе се сфати како соработка со нејзиното кршење на правилата што ја поткопува ЕУ“.

Иако Путин негира каква било вмешаност во пренасочувањето на луѓето, тој го брани решавањето на кризата на Лукашенко. Русија е најважниот сојузник на Белорусија, кој помага Лукашенко да остане на власт. Повеќето аналитичари сметаат дека не е веројатно дека таквата политика на конфронтација била спроведена без консултации со Кремљ.

Овој вид криза му овозможува на Путин да ужива поддржувајќи го Лукашенко и разгорувајќи го огнот, додека истовремено игра миротворец. Доколку Путин јасно дадеше до знаење дека сака Лукашенко да престане, тој речиси сигурно ќе престанеше.

Не е јасно што е долгорочниот план на Путин за двете кризи. Меѓутоа, секоја ситуација во која Западот изгледа разединето и немоќно, додека неговите граници се соочуваат со пробивање, се смета за добра вест за рускиот претседател.

А Западот во изминатата деценија „многу често изгледаше импотентно пред руската агресија. Западниот дипломатски арсенал е празен кога е Русија во прашање“, вели аналитичарот за глобални прашања Мајкл Бочиркив.

„Многу источноевропски нации сега се уплашени дека САД и нивните најблиски сојузници едноставно повеќе не се заинтересирани за надворешните проблеми по повлекувањето од Авганистан“, заклучува тој.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе