Зошто демонстрантите во Хонг Конг се борат со средновековно оружје (ВИДЕО)

Драматичната полициска опсада на кампусот на Политехничкиот универзитет во Хонг Конг, во кој истанаа забарикадирани уште неколку десетици демонстранти, сѐ уште трае.

Ова е само најновата хаотична епизода во шесте месеци од масовните протести. Во тоа време демонстрантите и полицијата почнаа да прибегнуваат кон сѐ поголемо насилство, а овој месец паднаа и првите две жртви. На 8 ноември еден студентски демонстрант почина откако при судир со полицијата падна од катна гаража, а на 15 ноември 70-годишен чистач загина откако демонстрантите го погодија со „тврд предмет“.

Полицијата во неколку наврати пукаше во демонстрантите со боева муниција, оа така месецов еден демонстрант беше застрелан во градите од непосредна близина, но сепак преживеа. Од друга страна, мажот кого демонстрантите по вербален судир го полеале со запаллива течност и го запалиле е во критична состојба.

Но, особено внимание привлече сѐ понеобичното оружје со кое демонстрантите се борат за поголема демократија и автономија на Хонг Конг од Кина.

Освен вообичаениот арсенал на протестите низ светот – камења, парчиња тротоар и слични предмети за гаѓање, стапови и штитови, запалливи Молотови коктели и пиротехника – хонгконшките демонстранти почнаа да импровизираат со оружје кое изгледа посоодветно за средновековно војување: лакови, стрели, копја и катапулти.

Притоа универзитетите кои ги зазедоа им служат како тврдини и магацини за оружје. Лаковите и стрелите, но и копјата, едноставно ги земале од универзитетските спортски магацини.

На градскиот универзитет, пишува Ројтерс, демонстрантите употребиле и маси за пинг-понг, мебел, спортска опрема и бамбус за кревање барикади за да ги блокираат патиштата и да ја спречат полицијата да влезе.

Тоа го направија и пред полициската опсада на Политехничкиот универзитет, која сѐ уште трае. Среде кампусот со денови минатата недела сечеа метални шипки во палки, изработуваа Молотови коктели, обложуваа стрели со платно за да ги запалат при испукувањето и вежбаа лансирање камења од импровизираните катапулти.

Кога полицијата во саботата се обиде да упадне во универзитетот, студентите и другите демонстранти ги одбија со помош на импровизираното оружје, како и со палење на барикадите. Иако полицијата се закани дека ќе користи вистински куршуми, тоа сепак не го направи.

И додека користењето вакво оружје кај некои предизвикува и згрозување, сѐ помилитантните демонстранти тврдат дека на ескалација ги натерала ескалацијата на власта, дека на нивните ненасилни тактики било одговорено со полициска бруталност и дека оружјето им е потребно за заштита.

„Ова никогаш не беше фер воена зона. Ние немаме ништо, само маски, а полицијата има пушки. Ние само се обидуваме да се заштитиме“, му кажа 23-годишниот Џош на новинарот додека неговите колеги вежбаат гаѓање со лак и стрела.

Друг демонстрант даде сличен одговор на прашањето на Би-би-си: „Зошто го правиме ова? Затоа што полицајците, како што знаете, користат вистински куршуми и застрелаа некого директно во градите. А тоа може да ве убие. Така што, ако тие го унапредуваат оружјето, и ние мораме да го унапредиме нашето за да се одбраниме“.

„Тоа дефинитивно ќе ги уплаши. Сѐ додека нѐ напаѓаат, спремен сум да стрелам. Мислам дека ова (универзитетскиот кампус) го симболизира нашиот дух на одбивање да се предадеме. Ова е одбрана бидејќи полицијата врши инвазија со оправдување дека ние ја блокираме наставата, а ние мораме да застанеме и да се браниме“, вели трет демонстрант.

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, кога супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, ќе биде тешко да се изгради цврсто пријателство.

повеќе

Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и во идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.

повеќе