Зошто Цетиње им е толку важно на Црногорците

Викендот во регионот го обележаа протестите во Црна Гора, конкретно на Цетиње против устоличувањето на митрополитот на СПЦ Јоаникие. На улиците на Цетиње владееше речиси воена состојба, а полицијата во судирите со демонстрантите користеше солзавец и шок-бомби.

EPA-EFE

Клучно беше местото на судирите, градот Цетиње, неофицијалната престолнина на Црна Гора.

На тие чувства играше и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој порача дека „само човек без достоинство“ би си дозволил „со хеликоптерски десант на црногорската престолнина и под заштита на панцирни ќебиња да биде внесен во Цетињскиот манастир и на тој начин да го посрами тронот на свети Петар Цетињски“.

Зошто Цетиње им е толку важно на Црногорците?

Станува збор за град од околу 15 илјади жители сместен во подножјето на Ловќен, меѓу Бока Которска, Скадарско Езеро и Јадранско Море.

„Во симболична смисла, Цетиње е центарот и душата на Црна Гора, без него не би постоеле ни тогашната ни сегашната држава. Црна Гора се градела на Цетиње, сите победи и порази се случиле на Цетиње, тоа бил центарот, пред сè Цетињскиот манастир. Подоцна, во 1838, Његош го отворил и државното седиште Билјарда, а во 1867 кнезот Никола го изградил дворецот каде што бил центарот за управување со земјата“, објаснува за Би-би-си кустосот на Народниот музеј на Црна Гора Петар Лекиќ за значењето на Цетиње.

Цетиње станало седиште на тогашна Зета, односно Црна Гора, во 1482 година, кога зетскиот владетел Иван Црнојевиќ тука го изградил дворецот. Две години подоцна е изграден манастирот, кој бил центар на Црногорската митрополија како водечка институција во борбата против надоаѓачкото Османлиско Царство. На Цетиње е отворена првата печатница во југоисточна Европа, само четири децении по таа на Гутенберг. Градот во своето време бил центар на политичката, верската и културната моќ, која го прекинала доаѓањето на Турците.

Падот на Зета под османлиска власт формално се случил во 1496 година, кога Ѓураѓ, синот на Иван Црнојевиќ, основачот на Цетињскиот манастир, ја напушта Црна Гора.

Борбата за ослободување од Турците траела речиси 400 години. Црна Гора државноста формално ја обновила во 1878 на Берлинскиот конгрес.

Меѓутоа, од крајот на 15 до крајот на 19 век Црна Гора имала некаков вид автономија или независност. Двете институции што ја воделе Црна Гора во тој период се Цетињската митрополија и Општоцрногорскиот збор, кои заедно учествувале во креирањето на државната политика.

Петар Петровиќ Његош, славниот писател и филозоф, бил и црковен и световен поглавар на Црна Гора од 1830 до смртта во 1851 година и успеал да ги обедини црногорските племиња и да ги создаде основите на модерната држава, како и да ја воведе обврската за плаќање данок.

Сето тоа тој го правел од Цетиње, на кое во 1838 ја изградил новата владетелска резиденција Билјарда, наречена по првата маса за билјард во Црна Гора. Таквата власт на црковните великодостојници – теократија – во Црна Гора постоела со векови, а особено во времето на лозата Петровиќ.

На Ловќен над Цетиње во социјализмот е изграден спектакуларниот Мавзолеј на Његош.

Устоличувањето на митрополитот Јоаникие на Цетињскиот манастир црногорските националисти го доживеаја како обид на Српската православна црква да го прошири влијанието во земјата.

Во секој случај, Цетиње и по овие насилни протести ќе остане митско место на црногорскиот национализам и државноста.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе