„Потсмевање со правдата“

Злосторствата на САД во Авганистан? Тоа не е приоритет

Борците за човекови права и адвокатите на жртвите ги вџаши одлуката на главниот обвинител на Меѓународниот суд да ги продолжи истрагите за злосторствата на талибанците, но не и за американските злосторства.

EPA-EFE

Соговорниците на Дојче веле велат дека тоа е потсмевање со правдата.

Најавата на главниот обвинител Карим Кан дека Меѓународниот кривичен суд (МКК) со седиште во Хаг повторно ќе ги отвори истрагите за наводните воени злосторства во Авганистан израдува многу активисти за човекови права, неколку недели откако радикалните исламисти ја преземаа власта во таа земја.

Досега истрагите на МКК ги опфаќаа злосторствата на територијата на Авганистан извршени од мај 2003 до денес, како и други злосторства поврзани со американската „војна против тероризмот“ од јули 2002 до денес.

Меѓу осомничените за тешки злосторства се талибанците и други исламистички групи, но и регуларните авганистанска и американска војска, меѓународните трупи како и ЦИА поради озлогласените тајни затвори во Литванија, Романија и Полска каде биле затворани и мачени наводните терористи.

Сепак, британскиот правник Кан прецизираше дека повторно ќе ги отворат истрагите за „злосторствата наводно извршени од страна на талибанците и Исламската држава на Хорасан“, додека „ќе го намали приоритетот“ на останатите истраги.

Многумина ги разгневи најавата дека американските потенцијални злосторства ќе бидат речиси заборавени.

Опасна селективност

„Вџашувачки е едноставно да се кренат раце по толку години борба американските сили да се вклучат во оваа пресметка (истрагата за воените злосторства)“, вели за Дојче веле Патриша Гросман од Хјуман рајтс воч.

„Ова е едностран и селективен избор на оние кои заслужуваат правда и страшно е кога тоа го прави суд“, додава таа.

„Таа селективност е екстремно опасна, претпоставката дека некои жртви се попогодни од други и дека заслужуваат подобар третман. Тоа е погрешно и бев шокирана“.

Меѓународната федерација за човекови права соопшти дека МКК „не би требало да исклучува други групи жртви или злосторства“ кои спаѓаат во негова надлежност.

Ракел Васкез Љоренте, постојаната претставничка на таа организација при МКК побара обвинителот „без одложување да обезбеди доследно да се спроведат и другите отворени истраги“.

Адвокатката Кетрин Галахер била шокирана од одлуката на Кан.

Таа застапува тројца поранешни затвореници во Гвантанамо, американското мачилиште на територија на Куба.

„Да се дозволува на моќна држава да се извлече со долгогодишно мачење на толку луѓе на повеќе континенти придонесува на општа неказнивост“, напиша таа на Твитер.

Потегот на главниот обвинител на МКК зачудува дотолку повеќе што неговата претходничка Фату Бенсуда мина низ пекол за воопшто да успее да отвори истраги за американските злосторства, жалејќи се на првичната одлука на судот да ги отфрли нејзините барања.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги навредуваше Бенсуда и соработниците и им наметна санкции, но обвинителката од Гамбија не се откажа.

Во април администрацијата на Џо Бајден ги повлече санкциите.

Одлука во прилог на талибанците

Можеби, вели Харун Рахими, правник од Американскиот универзитет на Авганистан, некој оваа одлука во МКК да ја гледа како „прагматичен избор“ поради недостигот од ресурси.

Но тоа би ја „промашило поентата од аспект на моралниот углед на тој суд и она што одлуката го претставува во очите на светот“.

Рахими оди чекор понатаму, нарекувајќи ја одлуката на Кан да се фокусира само на исламистичките злосторства „голема победа на талибанците“.

Тие, имено, ќе укажат на двојните аршини и ќе ја зајакнат поделбата на наши и нивни.

„Меѓународниот суд требаше да биде на морална висини кога станува збор за злосторствата за кои сме се договориле дека никој не би смеел да ги прави и дека треба да сноси последици ако ги изврши“, вели Рахими.

„Целата поента на тоа е да се афирмира универзалната етика која била нарушена“.

Соединетите Американски Држави инаку никогаш не ја признаа надлежноста на Меѓународниот кривичен суд.

Но, Авганистан да и судот може да години Американци ако извршиле злосторства, на пример, во Авганистан или во други земји кои го признаваат судот.

Низа борци за човекови права и правници побараа средба со Кан.

Тие сакаат да се обидат да го убедат да ја продолжи истрагата за сите злосторства кои му се на бирото.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе