Прва дебата пред изборите

Жестока расправа: Бајден го нарече Трамп кловн, расист, кученце на Путин... (ВИДЕО)

Првата дебата на кандидатите за претседател на Соединетите Американски Држави, републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден, ја обележаа жестоки упаѓања во збор на соговорникот и остри обвинувања.

EPA-EFE

74-годишниот Трамп и 77-годишниот Бајден, поранешниот потпретседател на САД, синоќа во Кливленд во кавгаџиски тон расправаа за пандемијата на коронавирусот, насилството во градовите, губењето на работните места и начинот на кој Врховниот суд ќе влијае врз секторот на здравствената заштита во иднина.

Ниедна од претседателските дебати во претходните изборни циклучи не била толку хаотична како синоќешната во државата Охајо, со што се вклопи во исклучително грдата предизборна кампања, оценува Асошиејтед прес.

Дебата Си-ен-ен ја оцени како „апсолутно одвратна“, наведувајќи дека владеел целосен хаос и дека таа „немала врска“ со информирањето на јавноста за тоа што кој од двата кандидати ќе прави како шеф на државата во случај на победа.

Агенцијата Ројтерс оценува дека дебата на која „владеел хаос“ ја обележале лични навреди, напади и Трамповото често прекинување на соговорникот.

„Двајцата претенденти за Белата куќа зборуваа паралелно и разменуваа навреди во возбудливата политичка кавга која на двајцата многу им отежна да ги изнесат ставовите“, наведува Ројтерс.

Во дебатата одржана точно пет недели пред претседателските избори, двајцата кандидати често зборуваа истовремено, а Трамп толку го прекинуваше предизвикувачот, речиси викајќи, што Бајден во еден момент му кажа „Ќе замолчиш ли, човеку?“

„Фактот е дека сѐ што досега кажа е лага. Јас не сум тука за да ги разоткривам неговите лаги. Сите знаат дека е лажго“, кажа Бајден.

Трамп, милијардерот од Њујорк кој спротивно на очекувањата победи на изборите во 2016 година, постојано се обидуваше да го контролира разговорот, прекинувајќи го Бајден, но и зборувајќи истовремено со модераторот на дебатата, новинарот на Фоск њуз Крис Волис кој не успеа да воспостави контрола над дискусијата.

На нападите со кои Трамп сакаше да го одврати вниманието од тешките прашање за односот кон пандемијата или данокот што го платил, Бајден се обиде да возврати, понекогаш гледајќи право во камерата и обраќајќи им се директно на гледачите.

„Тешко е да се дојде до збор со овој кловн“, кажа Бајден, потпретседателот на САД во времето на администрацијата на Барак Обама од 2009 до 2017 и долгогодишен сенатор од сојузната држава Делавер.

Бајден Трамп го нарече „расист“ и „кученце“ на претседателот на Русија Владимир Путин. Неколку пати за шефот на Белата куќа кажа дека е „најлошиот претседател кој Америка го имала“.

И покрај обидите да биде доминантен, Трамп сепак често се наоѓаше во дефанзива.

Бројни американски медиуми, меѓу кои Политико и Си-ен-ен, го истакнуваат фактот дека Трамп избегна да одговори на прашањето на Волис дали е спремен да ги осуди белите супрематисти (расистите) и другите екстремистички групи од десницата.

Трамп прво кажа дека „сѐ е проблематично што доаѓа од левото крило, а не од десното“ и праша која точно организација треба да ја осуди. Волис тогаш ја издвои екстремно десната група „Горди момци“.

Претседателот на САД и тогаш избегна да ја осуди насилната екстремистичка група, наведувајќи дека „некој мора нешто да направи“ со групата Антифа и левицата.

Бајден реагираше, кажувајќи дека Трамповиот директор на Федералното истражно биро (ФБИ) потврдил дека терминот „Антифа“ не претставува организација туку идеологија.

Медиумите го издвојуваат и моментот кога Трамп кажа дека Бајденовиот син Хантер бил исфрлен од војската поради проблеми со кокаинот.

Бајден веднаш кажа дека неговиот син „имал проблеми со дрогата, како и многу други луѓе“.

„Тој тоа го надмина. Го реши проблемот. Работеше на тоа и јас сум горд на него“, додаде Бајден.

Жестока расправа беше водена кога Бајден го обвини Трамп дека „чекал и чекал“ да реагира кога коронавирусот пристигнал во САД и дека „и понатаму нема план“ за управување со пандемијата.

Трамп возврати дека Бајден „никогаш не би ја завршил работата“ околу коронавирусот како неговата администрација бидејќи „го нема тоа во крвта“.

Тие двајца поради епидемијата не се ракуваа на почетокот на дебатата, на подиумот беа значително одалечени еден од друг и не носеа маски.

Бајден го обвини Трамп и дека како претседател на САД работел на „создавање расна омраза и расни поделби“ и додаде дека во САД постои „системска расна неправда“.

Трамп одговори дека кривичниот закон на кој Бајден работел кога бил во извршната власт ги третирал Афроамериканците „подеднакво лошо како и кој било друг во земјата“.

Го обвини Бајден дека се плаши да го користи терминот „ред и закон“ од страв да не ги изгуби гласовите на левичарите.

Трамп во текот на кампањата постојано го доведува во прашање интегритетот на изборите, предизвикувајќи загриженост дека тие ќе бидат украдени, бидејќи годинава поради коронавирусот значително поголем број гласачи ќе гласаат преку пошта.

„Ова ќе биде (изборна) измама каква што не сте виделе“, повтори синоќа Трамп.

Бајден кажа дека нема причина за загриженост дека изборите ќе бидат нечесни.

Повеќето анкети му даваат јасна предност на Бајден во однос на Трамп, на 35 дена пред изборите.

До изборите ќе бидат одржани уште две претседателски дебати, на 15 октомври во Мајами и на 22 октомври во Нешвил.

Изборите за претседател ќе се одржат на 3 ноември. Гласачите тогаш не се определуваат директно за Трамп или Бајден, туку бираат 538 таканаречени електори кои во декември се состануваат за формално да изберат претседател.

Победник на изборите е кандидатот кој ќе освои најмалку 270 електори. Ако ни Трамп ни Бајден не освојат 270 електори, претседателот на САД ќе го бира Претставничкиот дом на Конгресот на САД, што не се случило од 1824 година.

Таква ситуација е можна само ако и Трамп и Бајден имаат по 269 електори, што е теоретски возможно, но речиси незамисливо.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе