Москва тајмс

Здравјето на Путин: клучно, но обвиено во тајност

Бањање во крв извлечена од роговите на сибирски елен. Земање измет од лојалните службеници за да се избегне анализата. Мистериозни отсуства заради итна медицинска помош.

Фото: ЕПА

Тврдењата изнесени за здравјето на рускиот претседател Владимир Путин, кој во октомври ќе наполни 70 години, се мрачни и злокобни, но и невозможни за потврдување, вели Москва тајмс.

Но тие илустрираат колку малку се знае за здравјето на лидерот чија здравствена состојба е фундаментална за иднината на Европа, уште повеќе откако тој нареди инвазија на Украина.

Во текот на Путиновите две децении на власт, се појавија извонредно малку информации за неговото здравје, надвор од познатите слики што ги дава Кремљ на кои е прикажан со голи гради во обид да се проектира слика на мачо-сила.

Фото: ЕПА

Но интересот сега се зголеми поради војната што Путин ја поведе против рускиот сосед.

Што сѐ се тврди?

Најдлабоката истрага за здравјето на Путин беше објавена во април од страна на новинската веб-страница на руски јазик Проект, која користеше податоци од отворен извор и заклучи дека патувањата на претседателот во јужниот туристички град Сочи биле во исто време со патувањата на голем број лекари.

Во нив се вклучени специјалистот за рак на тироидната жлезда Јевгениј Селиванов, чии посети на Сочи често се совпаѓаа со ненадејните отсуства на Путин од очите на јавноста во изминатите години.

Исто така, се наведува дека еден од методите што Путин ги користел за да си обезбеди долговечност било капење во крв извлечена од рогови на елени во Сибир, метод препорачан од неговиот пријател министерот за одбрана Сергеј Шојгу, кој е од Сибир.

Францускиот неделник Пари мач овој месец објави дека при посетите на Саудиска Арабија во 2019 година и на Франција во 2017 година, Путин бил придружуван од тим секогаш кога одел во тоалет, за да ги чува неговите излачувања за ниту една странска сила да не може медицински да ја анализира неговата урина или столица.

Уште посензационално, повикувајќи се на американските разузнавачи, американското издание Њузвик во јуни објави дека Путин во април бил подложен на третман за напреднат канцер. Советот за национална безбедност на САД го негираше постоењето на такви брифинзи.

Шефот на украинското воено разузнавање, генерал-мајорот Кирило Буданов, во интервју за Скај њуз во средината на мај без докази тврдеше дека Путин има рак.

Проект, исто така, тврдеше дека Кремљ поставил лажна канцеларија во Сочи, која наводно изгледала како онаа во неговата резиденција во предградието во Москва за да изгледа дека работи во руската престолнина и дека не е на одмор во црноморското одморалиште.

Какви се информациите?

Единствениот пат кога Кремљ потврди дека Путин има здравствен проблем беше во есента 2012 година, кога тој откажа неколку состаноци и исчезна од јавниот живот откако беше виден како се движи чудно.

Кремљ во тоа време рече дека тој истегнал мускул, а еден весник пишуваше дека си го влошил проблемот со грбот кога леташе со жерави на моторен делтаплан. Но Проект тврди дека токму тука почнале неговите големи здравствени проблеми.

Во пандемијата на ковид-19 исто така понекогаш беше забележувано чудно однесување од рускиот лидер.

Кремљ соопшти дека тој бил вакциниран, но за разлика од речиси сите други светски лидери, никогаш не се појавија слики од неговото вакцинирање. Оние што доаѓаа во близок контакт со него, вклучително и новинарите, беа подложувани на најстроги мерки на претпазливост, како што е поминување денови во карантин.

Светските лидери што одеа во посета но не ги прифатија строгите услови на Кремљ - како што се францускиот претседател Емануел Макрон и шефот на ОН Антонио Гутереш - беа протерувани до крајот на сега озлогласено долгата маса.

Фото: ЕПА

На оние што ги прифатија барањата на Кремљ, меѓу кои беше и руски тест за ковид, а можеби и карантин, како ерменскиот премиер Никол Пашињан, им беше дозволено ракување, па дури и прегратка.

Средбата со Шојгу за Украина на крајот на април исто така ги разгоре гласините, откако се виде дека Путин цврсто се држи за масата, што некои го протолкуваа како обид да се запре тресењето на телото. На голем број видеа беше прикажано и како едно од стапалата на Путин нервозно мрда за време на состаноците.

Кремљ во меѓувреме без објаснување го одложи за подоцнежен датум годишното контактирање на Путин со рускиот народ преку директна линија, кое обично е во јуни.

Се чини дека се прават огромни напори да се заштити Путин, вели Москва тајмс. На неговата годишна прес-конференција во 2020 година, на само неколку новинари - ставени во карантин и претходно тестирани - им беше дозволено да влезат во собата со него, додека други беа насобрани во друга сала.

Во 2021 година, настанот се врати во својот вообичаен формат, но со огромно растојание помеѓу првиот ред новинари и бирото на Путин. Дури и сега, кога владиното работење се враќа во нормала во поголем дел од светот, Путин најголем дел од домашната работа врши преку видео.

Што вели Кремљ?

Кремљ, преку портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, остро ги отфрла сите тврдења дека рускиот претседател страда од сериозен здравствен проблем.

Фото: ЕПА

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров мошне невообичаено во интервју за францускиот телевизиски канал ТФ1 кон крајот на мај негираше дека Путин е болен, велејќи: „Не мислам дека кој било разумен човек може кај оваа личност да види знаци на некаква болест или заболување“ и тврдеше дека рускиот лидер се појавува во јавноста „секој ден“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко, отпадник за Западот, но чест соговорник лице в лице со Путин, во мартовско интервју за јапонска телевизија инсистираше дека рускиот лидер е во силна здравствена состојба.

„Доколку мислите дека нешто не е во ред со претседателот Путин или дека нешто се случило, вие сте, како што велиме ние, најбедната личност на земјата“, рече тој.

Во неодамнешните јавни настапи - меѓу кои и еден форум за Петар Велики и средба со туркменистанскиот претседател Сердар Бердимухамедов - Путин исто така не покажа знаци на физичка слабост.

Зошто е важно ова?

Путин останува неприкосновен лидер на Русија и повеќето набљудувачи очекуваат тој во 2024 година да се кандидира за трет последователен мандат, по неодамнешните контроверзни уставни измени што му го дозволуваат тоа.

Нема очигледен наследник и, како врховен командант на руските сили, самиот Путин одлучи да ја нападне Украина на 24 февруари.

„Земјата не знае ниту збор вистина за физичкото и емоционалното здравје на личноста што ја води“, рече главниот уредник на Проект, Роман Баданин.

„Целата планета не знае дали е здрав човекот што би можел да го уништи целото човештво со притискање на црвеното копче.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе