Збогување со Меркел со нејзините три музички желби

Во јавноста се шпекулира дали канцеларката само ќе се одмора и ќе прави колачи со пензијата од околу 15.000 евра или сепак ќе бара дополнителна работа.

Фото: ЕПА

Денеска на официјалната воена церемонија Германија ќе се збогува со Ангела Меркел, која се очекува следната недела по 16 години на функцијата канцелар да ја замени Олаф Шолц.

За разлика од канцеларот-обединувач Хелмут Кол, кој беше испратен со тоновите на Бетовеновата „Ода на радоста“, неговата „политичка миленичка“, која помина долг и фасцинантен пат од ќерка на свештеник во поранешната ДДР до најмоќната жена во Европа, ќе замине со песната „Го заборави филмот во боја“ (Du hast den Farbfilm vergessen), испеана во 1973 година од „мајката“ на германскиот панк Нина Хаген.

Овој избор на музика на популарната „мути“ (мајка), која со својот сопруг Јоаким Зауер секоја година оди на музичкиот фестивал во Бајројт, посветен на Рихард Вагнер, ја изненади јавноста. Многумина се прашуваат каква порака испраќа Меркел и дали тоа е знак дека во пензија нема само да чита книги и да го пече омилениот колач со сливи.

Покрај оваа песна, која беше хит во Источна Германија, воениот оркестар ќе ѝ исполни на Меркел уште две музички желби од нејзината младост: ќе ја изведе популарната песна „За мене ќе паѓа дожд од црвени ружи“, во изведба на германската музичка икона Хилдегард Кнеф, и христијанската екуменска песна од 18 век „Велики Боже, те славиме“.

Поради пандемијата на коронавирусот, на оваа свечена проштална церемонија ќе присуствуваат само 200 гости. Меѓу нив ќе има и 52 министри од претходните четири влади на чело со Меркел.

Покрај музичкиот вкус на Ангела Меркел, јавноста сѐ повеќе ја интригира прашањето што ќе прави Фрау Европа, како што „Тајм“ ја нарече Меркел, која уште во 2015 година ја прогласи за личност на годината. Многумина се сомневаат дека поранешната „канцеларка на слободниот свет“ само ќе ужива во мирни пензионерски денови во својата викендичка во Хоенвалд.

Остана забележано дека во 1998 година, како министерка за животна средина во владата на Кол, пред да ја преземе ЦДУ, изјави: „Би сакала да ја напуштам политиката во вистинскиот момент. Тогаш не сакам да бидам полумртва руина“.

Дојче веле потсетува дека при последната посета на Меркел на Вашингтон во јули, новинарите ја прашаа како ги замислува пензионерските денови. Иако на ова прашање претходно одговораше неодредено, овојпат стави до знаење дека прво ќе направи пауза и нема да прифаќа никакви покани за јавни настапи. Прво ќе мора да сфати дека нејзините должности сега ќе ги извршува некој друг, рече, и веднаш додаде: „Мислам дека тоа многу ќе ми се допадне“.

Канцеларката во заминување, која тогаш беше наградена со почесен докторат од Универзитетот Џон Хопкинс, со насмевка додаде дека во слободното време, кое го немала претходните 16 години, ќе се обиде повеќе да чита и да спие бидејќи се чувствува уморно: „А потоа ќе видам што ќе искрсне“, додаде таа.

Германските медиуми веќе грубо пресметаа дека Меркел, која во јули наполни 67 години, ќе може да смета на пензија од 15.000 евра. Како поранешен висок државен функционер ќе има доживотно право на лично обезбедување и службен автомобил. Ќе има и канцеларија во просториите на Бундестагот во Берлин и двајца советници и секретари.

Неколку нејзини претходници на функцијата профитираа од своите политички врски. Кога Хелмут Шмит ја напушти власта во 1982 година, стана коиздавач на неделникот „Цајт“ и мошне баран говорник. Во едно интервју изјави дека си поставил правило да не држи предавања за помалку од 15.000 долари.

Откако ја напушти канцеларската канцеларија, Хелмут Кол, „политичкиот татко“ на Меркел, основаше фирма за политички и стратегиски консалтинг и многу добро заработуваше како лобист и советник.

Нејзиниот претходник Герхард Шредер само неколку месеци по заминувањето од функцијата во 2005 година почна да прима „руска плата“, бидејќи отиде на позицијата прв човек на Надзорниот одбор на енергетскиот гигант „Газпром“, што предизвика бура во Берлин. Тој случај го поттикна донесувањето закон според кој, пред да се префрлат на приватен бизнис, поранешните високи државни службеници мора да ја прашаат владата дали нивната работа „го компромитира јавниот интерес“. Во некои сомнителни случаи, Етичкиот комитет, кој ја советува владата, има можност да одреди период на чекање до 18 месеци.

И додека сѐ уште се шпекулира дали Меркел ќе бара нова дополнителна работа или почесна функција, писателот на криминалистика Давид Зафир во својата имагинација најде занимација за поранешната канцеларка. Во неговиот малку хумористичен роман „Мис Меркел“, на поранешната канцеларка набргу ѝ здосадува животот на село. Во романот, кој потсетува на авантурите на Мис Марпл, хероината од романите на Агата Кристи, Меркел се приклучува во истрага за мистериозно убиство.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе