Ковид-19

Заразување по вакцината? Можно е, но вакцините го спасуваат животот

Секогаш одново доаѓаат вести дека и вакцинирани луѓе се заразиле со ковид-19. Но тоа не треба да биде причина за чудење, ниту аргумент против вакцинацијата. Бидејќи дури и ако некој има благи симптоми или е позитивен на коронавирусот по вакцинирањето, вакцината останува ефикасна: го прави она што всушност и треба да го направи - спречува тешки форми на болеста, а со тоа и фатален исход.

Фото: ЕПА

Сите вакцини досега одобрени од здравствените служби на ЕУ (ЕМА) и на САД (ФДА) имаат голема ефикасност.

На пример, иРНК-вакцините на Бајонтек/Фајзер и Модерна имаат ефикасност од 95 проценти, а векторската вакцина на Астра зенека, според најновите податоци, 76 проценти. Сепак, ова значи дека е можно да се заразите дури и по вакцинирањето.

Но ако ефикасноста се проценува во однос на тешките симптоми на болеста, сите вакцини поминуваат многу подобро. Ако дојде до инфекција, тие обично спречуваат тежок тек на болеста, поради што пациентите мора да бидат приклучени на респиратор или од чии последици умираат.

И во Германија веќе имаше случаи кога постари лица во старечки домови дури и откако ја примиле вакцината имале тешки симптоми на ковид-19 или дури починале. Сепак, наодите покажуваат дека овие пациенти се заразиле непосредно пред или по вакцинирањето. Вакцината немала доволно време за да развие соодветна имунолошка заштита и пациентот да се заштити.

Институтот Роберт Кох (РКИ) пишува дека особено две околности може да доведат до болест по вакцинирањето: ако заразувањето се случило непосредно пред или во првите денови по вакцинирањето, бидејќи на телото му требаат околу две недели за да изгради имунолошка заштита. Целосната заштита што ја дава одредена вакцина се постигнува дури по втората доза.

Лекарите прават разлика помеѓу стерилизирачки и функционален имунитет. Стерилизирачки имунитет значи дека лицето што е вакцинирано никогаш повеќе не може да зарази никого. Првите анализи на вакцините Бајонтек / Фајзер од Израел покажуваат дека луѓето што примиле две дози на вакцината имаат 92% помал ризик да заразат други луѓе.

Значи, барем за оваа вакцина може да се каже дека развива прилично висок стерилизирачки имунитет против најчестите варијанти на вирусот. Сè уште нема веродостојни податоци за сите вакцини, но веројатно има слични вредности и кај другите.

Затоа, се применува следново: дури кога има јасни докази дека едно вакцинирано лице не може да зарази други или кога е постигнат доволно висок имунитет на стадо, властите можат да ги ослободат вакцинираните лица од обврската да носат маски или да држат дистанца. Но сè уште не сме стигнале до таму.

Од друга страна, докажано е дека сите вакцини гарантираат функционален имунитет: тие го спречуваат или го намалуваат ризикот од тешки симптоми, а во ретки случаи на болеста - значително го скратуваат нејзиниот тек.

Засега нема јасен одговор на прашањето колку долго вакцината штити од инфекција, без разлика која е. Пред да бидат одобрени вакцините, истражувачите успеаја да утврдат колку се безбедни. Третата фаза од развојот на вакцините се однесуваше и на функционалната ефикасност.

Потребно е време да се утврди колку долго трае имунитетот. Затоа, периодот по одобрувањето честопати се нарекува четврта фаза на развојот на вакцини. Во моментов сме во средината на таа фаза. Сигурни информации за времетраењето на имунитетот ќе добиеме дури по неколку месеци, па дури и години.

 

Кои се последиците од мутациите?

Различни вакцини реагираат различно на различни мутации.

Производителите на вакцини, на пример, се загрижени поради варијантата П.1, откриена во Бразил, со која се заразиле голем број луѓе, иако веќе еднаш биле заразени или веќе биле вакцинирани. Оние што биле вакцинирани, исто така, може да се заразат и со јужноафриканската варијанта Б.1.351. Лекарите тоа можеа да го докажат на примерот на вакцината на Астра зенека.

Но дури и во тој случај лекарите тргнуваат од тоа дека вакцината ќе придонесе симптомите на болеста да бидат поблаги, како и дека ќе придонесе за намалување на бројот на пациентите на кои им треба интензивно лекување.

Ова има врска со фактот дека имунитетот се состои од две компоненти: имунитет од антитела против шилестиот протеин, каде што одделни компоненти може да мутираат, и имунитет од Т-клетки, кои продолжуваат да штитат дури и кога антителата повеќе не функционираат.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе