САД и ЕУ да престанат да им прават отстапки на сецесионистичките сили

Западот можеше да ја спречи кризата во БиХ

Нов судир во Босна и Херцеговина е малку веројатен, но постои ризик од насилство. Милорад Додиќ и неговите сојузници покажаа дека можат да направат неволи кога и да им се посака. Моментната ескалација е предизвикана од акции на Западот, кој сега мора да обезбеди политичката криза да не се претвори во безбедносна, изјави за Вијести Тоби Вогел, соосновач и виш соработник на Советот за политика на демократизацијата со седиште во Берлин.

EPA-EFE

На прашањето колкава е можноста да дојде до распаѓање на БиХ или до нов судир, Вогел рече: “Ситуацијата во БиХ никогаш не беше толку сериозна уште од времето непосредно по војната. Иако мислам дека враќање на судирите во стилот на 1990-тите години не е веројатно, денес постои ризик од некој облик на насилство со понизок интензитет, и тоа лесно би можело да излезе од контрола. Истовремено, важно е да се истакне дека дури и да не дојде до насилства, како што сите, се разбира, се надеваме, Милорад Додик, неговите спонзори во Москва и неговите локални сојузници од ХДЗ ја постигнаа својата цел – покажаа дека можат да создадат неволи кога и да сакаат и дека не постои меѓународно присуство во земјата кое би можело ефикасно да се спротивстави на таквите потези. Босанците ја слушнаа оваа порака јасно и гласно“, вели Вогел.

Високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит во извештајот до Советот за безбедност на Обединетите нации оваа недела предупреди дека „изгледите за понатамошна поделба и судир се мошне реални“. Тој оцени дека Република Српска на чело со Сојузот на независни социјалдемократи на Додик, ги загрозува мирот и стабилноста не само во таа земја, туку и во регионот.

“БиХ се соочува со најголемата егзистенцијална закана во повоениот период“, наведе Шмит во извештајот за состојбата во државата.

На прашањето дали постои реална можност за распад на БиХ, германскиот политичар рече дека тоа не е непосредна опасност.

“Меѓутоа, ако продолжи деградацијата на Дејтонската мировна спогодба...постои ризик таа земја да се распадне“, рече Шмит во интервјуто за Ројтерс.

Велејќи дека и понатаму се надева дека меѓународниот притисок ќе го помести развојот на настаните во „разумна насока“, црвена линија би било основање на одвоена армија на РС внатре во БиХ, што Додик го најави.

“Ако се установи дека тоа е точно...меѓународната заедница ќе мора многу, многу, многу сериозно да размисли за тоа како да одиме напред“, рече Шмит.

Додик почна иницијатива РС да ја повлече согласноста за формирање институции на државно ниво како што се Оружените сили на БиХ, Управата за индиректно оданочување и Високиот судски и обвинителен совет.

Шмит во извештајот за Советот за безбедност на ОН оцени дека тие потези се „рамни на сецесија без нејзино прогласување“.

Советот за безбедност минатата недела усвои резолуција со која мандатот на ЕУФОР во БиХ е продолжен за уште една година. Поради противењето на Русија и Кина и најавите дека би можеле да стават вето на резолуцијата, Советот не го разгледуваше извештајот на Шмит ниту тој се обрати на СБ на ОН.

Одделни аналитичари ова го окарактеризираа како пораз на Западот.

СБ на ОН секоја година гласа за повторна авторизација на мандатот на мултинационалните стабилизациски сили, а секои шест месеци организира дебата за БиХ. По тој повод високиот претставник поднесува полугодишен извештај.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го прати извештајот на Шмит на адресата на 15 членови на СБ, а по гласањето за силите на ЕУ, за предупредувањата на Шмит зборуваа претставниците на САД, Велика Британија, Ирска, Естонија и на други земји на СБ, кои силно ја поддржаа улогата на високиот претставник.

Вогел смета дека спречувањето на Шмит да се обрати во СБ на ОН е без преседан и изгледа дека укажува на тоа дека големите сили не сакаат да ја слушнат отворената процена на ситуацијата. Меѓутоа, како што кажа и самиот Шмит, тоа што е блокирано обраќањето само го засили влијанието на неговиот извештај.

Тоа што ОХР (Канцеларијата на високиот претставник) не е споменат во резолуцијата со која е продолжен мандатот на ЕУФОР, Вогел го гледа како сигнал дека САД, Британија и Франција повеќе не ги поддржуваат ОХР и високиот претставник.

“Тоа е шамар за Кристијан Шмит, но што е уште поважно, тоа ја ослабува институцијата која можеше да дејствува како последна линија на одбраната од сецесионистичките потези. На Додик и на Русија не им дошло до ЕУФОР – трупите на ЕУ се една деценија под минималните оперативни барања и не би биле во состојба да ги заштитат амбасадите на ЕУ во Сараево во случај на насилства. Тоа до што им дошло се ОХР и Бонските овластувања и тие го уценија Западот да попушти на тој фронт заканувајќи се дека ќе го блокираат ЕУФОР. Со еден потег на моливот Советот за безбедност го направи немоќен вториот од двата меѓународни извршни инструменти“.

Шмит кажа дека користењето на неговите широки овластувања за отпуштање на службениците и за наметнување на закони би било последно средство.

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, пристигна во БиХ. Вогел вели дека тој би требало да прати силна порака за поддршка на државните институции, уставниот поредок и на територијалниот интегритет на БиХ, како и на ОХР, и да им упати „веродостојни закани на тие што настојуваат да го поткопаат тоа, особено на Додик“.

“Меѓутоа, еден ден откако Додик ќе го прими унгарскиот премиер Орбан во Бањалука, мислам дека таквата порака на Американците би стигнала мошне доцна, и во секој случај нема да биде особено кредибилна зашто Западот тукушто покажа дека неговата приврзаност на институциите што го чуваат интегритетот на земјата е во голема мера реторичка“, оцени Вогел.

Виктор Орбан престојуваше во пријателска посета на Република Српска.

Аднан Черимагиќ, виш аналитичар на Иницијативата за европска стабилност (ЕСИ) од Берлин, смета дека распадот на БиХ на две или три компактни моноетнички целини во овој момент не е можен зашто денес во БиХ такви три целини не постојат.

“Ниеден од двата ентитети нема територијален континуитет, речиси половина од Хрватите живеат во општини во кои не се мнозинство, а во Република Српска живеат околу 200.000 несрби“, кажа Черимагиќ за „Вијести“.

Тој истакнува дека институционалната архитектура и правната рамка што се воспоставени од крајот на војната за да се одржи БиХ цела, „до таа мера се развиени, етаблирани, меѓусебно поврзани и интегрирани со Советот на Европа и низ разни спогодби поврзани со ЕУ, така што секој едностран и неуставен обид драматично да се сменат би довел до уривање на архитектурата што ѝ овозможи мир на БиХ, би довел до правен и секаков друг хаос, со несогледливи, меѓу другото и безбедносни последици“.

Черимагиќ вели дека во моментов во БиХ не се води борба меѓу Република Српска и државата БиХ, или меѓу Бошњаците, Србите и Хрватите, „туку меѓу политичарите што ги предводи Додик, кои покажуваат јасна спремност да тргнат по пат на еднострани чекори што би можеле да доведат до уривање на правната и институционалната архитектура која гарантираше мир во БиХ во последниве 26 години, и политичари, меѓу кои е и голем број и српски политичари во РС и во Србија, кои правилно ценат дека таквите чекори би ги довеле сите во БиХ во далеку полоша ситуација“.

На прашањето колку придонесе за сегашната ситуација политиката на Западот и што би требало да се промени во пристапот на ЕУ и САД, Вогел кажа:

“Најновата ескалација можеше целосно да се избегне ако ЕУ и САД заедно пред многу години јасно му ставеа на знаење на Додик дека силно ќе го удрат – со санкции, кривични постапки, што сè што имаат на располагање – ако некогаш се обиде да ги поткопа институциите на државата БиХ“.

Вогел вели дека Западот, наместо тоа, му правел отстапки на Додик секој пат кога ќе предизвикал ескалација, „практично гарантирајќи дека тој тоа ќе го повтори“.

“Ако некого наградувате за лошо однесување, тој ќе продолжи лошо да се однесува. Тоа е лекција која особено ЕУ никогаш не ја сфатила“, рече Вогел.

“Така што оваа ескалација е целосно предизвикана со акциите на Западот. Ние сме одговорни за ова. Сега Западот, а особено ЕУ преку ЕУФОР, има должност да обезбеди политичката криза да не се претвори во безбедносна“, заклучи тој.

За да се извлечат од оваа ситуација, сите на кои им е во интерес мирна БиХ мораат да ги поддржат политиките кои јасно и отворено зборуваат за опасноста од еднострани и неуставни чекори, смета Черимагиќ.

“Исто така, би било важно Еу, не само на Босна и Херцеговина туку и на регионот, да им понуди конкретен, вреден и остварлив меѓучекор на патот кон членството во ЕУ“, кажа Черимагиќ и додаде дека ЕСИ заговара тој меѓучекор да биде членство во единствениот пазар на блокот.

На Србија ѝ е во интерес БиХ да остане цела

Ако БиХ ќе биде турната кон дезинтеграција, тоа неизбежно ќе има влијание на другите нерешени судири на Западен Балкан како што е оној меѓу Србија и Косово, предупреди Шмит.

“Немирите во овој регион ќе влијаат и врз прашањето на тешките односи меѓу Србија и Косово на ист или на сличен начин“, кажа Шмит за Ројтерс.

“На Србија би требало да ѝ биде во интерес БиХ да остане цела“, рече Шмит и додаде дека нестабилноста во БиХ би можела сериозно да влијае врз патот на Белград кон членството во Европска Унија.

Санкциите на ЕУ би биле посериозни

На прашањето на Вијести дали можните санкции би го зауздале Додик, Вогел вели дека ЕУ пред една деценија објави дека ќе воведе казнени мерки против сите тие што ќе се обидат да ја поткопаат Дејтонската мировна спогодба.

“На Додик десет години му се овозможува да прави што сака без никаков значаен одговор. Мислам дека тој ја научи лекцијата дека не мора да се плаши од санкциите на ЕУ. Но, санкциите на ЕУ би биле многу поефектни од американските зашто, како што се верува, Додик и неговите пријатели имаат недвижнини и имот во Австрија. Да го отсечат од тоа и да го спречат да патува во ЕУ би било посериозно од какви било американски санкции“.

Да се засили ЕУФОР

Шмит порача дека ЕУФОР, кој има околу 700 припадници, е клучен за идната стабилност и предупреди дека би требало да се прошири во случај Србите да се повлечат од заедничките оружени сили и да основаат сопствени.

Вогел им кажа на Вијести дека никогаш не требало да се дозволи мисијата на ЕУФОР да падне под минималниот број потребен за одржување безбедно и стабилно опкружување во БиХ и смета дека таа треба да се засили.

Меѓутоа, командантот на тие сили, Александар Плацер треба да бара засилување, а тој, според зборовите на Вогел, блиско е поврзан со австриската десничарска партија ФПО, „која е блиска со Додик, Путин, Вучиќ и е во сојуз со луѓето што би го поздравиле распаѓањето на БиХ“. Плацер за австриските медиуми кажа дека во БиХ не постои никаква воена закана и дека општата ситуација во таа земја е стабилна. Наведувајќи дека Плацер не гледа потреба од засилување, Вогел истакнува дека тоа нема да се случи „доколку некој не го прегласа или не го отповика“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе