Западниот брег – библиско наследство или украдена земја

Врските на народот со оваа земја датираат уште од библиски времиња, вели илустратор на стрипови. Неговиот сосед, земјоделец, вели дека земјата им припаѓала на неговите претци и дека е украдена. Едниот е израелски доселеник, а другиот Палестинец кој живее карши.

Израелските населби во окупираниот Западен брег се една од најжешките теми во израелско-палестинскиот конфликт. Палестинците ја сакаат таа област, која Израел ја освои во 1967, за идната држава.

Израел изгради тука повеќе од 120 населби, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред изборите на 17 септември го повтори ветувањето дека ќе ги амнестира што ги збуни Палестинците.

Повеќето земји од меѓународната заедница сметаат дека населбите се незаконски и дека претставуваат голема пречка за мирот меѓу Израелците и Палестинците, што Израел го оспорува.

Михаел Нецер се преселил во Офра во 1985 година, околу десет години откако населбата била формирана како една од првите на Западниот брег.

„Смешно е да се каже дека Евреите тука не можат да живеат“, вели овој 63-годишен цртач на стрипови. „Библијата е дел од тоа. Прашајте кого било дали е лесно да се изгуби врската со претците и вашата земја. Нормално дека не. За еврејскиот народ, историјата е она што нѐ дефинирало“.

Црвените покриви на куќите во Офра лесно се гледаат од Еин Јабруд, палестинското село кое се наоѓа преку патот.

53-годишниот Азми Муслех, локален земјоделец, вели за Ројтерс дека Офра се наоѓа на земјата која ја обработувало неговото семејство.

„Таа земја е моето срце и душа. Тоа е срцето и душата на моето семејство. Одгледувавме сусам, смокви, маслинки уште од времето на мојот татко, неговиот татко и мојот прадедо“, вели Муслех за британската агенција.

Израелските доселенички заедници не се хомогени. Некои доселеници тука ги довела огнена идеологија, додека други едноставно барале евтини станови. Одделни населби кои се наоѓаат во близина на Израел се сметаат за регуларни градови, за разлика од изолираните енклави длабоко на територијата на Западниот брег.

„Не се чувствувам како доселеник“, вели Михел Ковен Волгел, 60-годишен адвокат од Мале Адумим, голема населба на околу 15 минути возење од Ерусалим. „Треба ли да бидеме припоени? Да, ова е град со 41.000 жители, имаме и трговски центар“.

Сместени во подножјето на пустинските ридови, вилите во Мале Адумим им пружаат на жителите удобен живот. Образовниот систем е добар и лесно е да се стигне до градот.

74-годишниот Али Фарун, од палестинскиот град Ел Еизарија, околу 1,5 километри од Мале Адумим нема големи надежи дека оваа територија некогаш ќе биде под палестинска контрола. „Не е ни важно дали ќе го припојат на Ерусалим или ќе остане дел од Западниот брег – тие ќе го контролираат што и да се случи“, вели Фарун за Ројтерс.

Хават Гилад, група колипки расфрлани на рид длабоко во Западниот брег, е дом за околу 45 семејства.

Жителите на таа населба велат дека нивното присуство на Западниот брег е исполнување на библиското ветување на еврејскиот народ.

„Ова му припаѓа на народот на Израел, во тоа нема сомнеж“, вели 43-годишниот Итаи Зар, кој го формирал Хават Гилад во 2002 година откако неговиот брат во близина бил убиен од палестински екстремисти.

„Овде дојдовме пред 18 години, едно семејство, а денес имаме голема заедница“.

Ботена Турабе го набљудувала растот на населбата од нејзиното палестинско село Сара, кое е во непосредна близина. „Ги гледате во текот на ноќта и мислите ништо не се случува, а следното утре ќе погледнете и гледате нови карвани“, вели 47-годишната Турабе. „Ова не е нивна земја – тие ја крадат“.

Беитар Илит е населба изградена за израелската растечка ултраортодоксна заедница. Според одредени податоци во Беитар Илит во 2018 година е забележана најголемата изградба од сите еврејски населби на Западниот брег.

Збиените станбени блокови и продавниците изгледаат како целосно друг свет во однос на колибите и калдрмите на Хават Гилад. Тукашните жители велат дека тука живеат од финансиски причини.

„Не сме тука од идеолошки причини“, вели Давид Хамбургер, 36-годишен сопственик на продавница во Беитар Илит. „Нема шанси да можеме да купиме куќа каде било освен во овие населби“.

Со големи семејства, во просек имаат по седум деца, висока стапка на невработеност и сиромаштија, ултраортодоксните Евреи бараат евтино сместување кое ѝ овозможува на нивната тесно поврзана заедница да живее заедно.

За 64-годишниот Мухамед Авад, земјоделец во Вади Фукин, палестинско село покрај Беитар Илит, не е важно зошто луѓето доаѓаат да живеат во населбите.

„Невозможно е меѓу нас да има мир бидејќи главниот конфликт меѓу нас е околу парчето земја кое тиа на сила го земаа. Како можам некому да му дозволам да ми ја украде земјата, да живее и ужива во неа, и со него да живеам во мир“, вели тој за Ројтерс.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе