Гардијан

Заливска криза: приказната почна кога Британија го заплени иранскиот брод во Гибралтар

Грејс 1 беше запленет поради тврдењето дека е упатен кон Сирија - но дипломатите знаеја дека може да има последици, вели Гардијан.

Утрото откако група од 30 кралски маринци помогна да се заплени Грејс 1 со ирански ознаки во Гибралтар, уморните функционери од Форин офисот не изгледаа многу радосно. Немаше баш некое конкретно претчувство, но дипломатите беа свесни за пошироките билатерални последици врз британско-иранските односи.

Сега, по запленувањето на британскиот нафтен танкер во Заливот, се остварија некои од нивните најлоши стравови. Стена Имперо и нејзиниот екипаж од над 20 луѓе сега се наоѓаат во рацете на Иранската револуционерна гарда - а Велика Британија се покажа неспособна да го заштити британскиот брод што поминувал низ водите на Ормускиот Теснец.

Британците инсистираат дека го заплениле Грејс 1 само поради неговата сомнителна дестинација - пристаниште во Сирија - а не поради фактот што бродот носел иранска нафта. Требаше да се спроведат санкциите на Европската Унија против режимот на Башир ал Асад и да се испочитува меѓународното право, тврдеа Британците. Немаше сомнеж, со оглед на неговата споредна рута, дека бродот е упатен кон Сирија.

Сепак, имаше нешто чудно во британската одлука. Не многу претходни пратки на нафта во Сирија беа задржани. Шпанците тврдат дека Британците дејствувале под инструкции на Американците. Администрацијата на Трамп се обидува да го замрзне целиот ирански извоз на нафта, како дел од својата политика на максимални економски санкции дизајнирани да ги принудат Иранците повторно да ги отворат разговорите за нуклеарниот договор потпишан во 2015 година.

Но Велика Британија се спротивставува на таа американска политика, тврдејќи дека е контрапродуктивна и дека веројатно само ќе ги зајакне тврдокорните во Техеран.

Карл Билд, поранешен шведски премиер и копретседател на Европскиот совет за надворешни односи, ги посочи двосмисленостите на британската акција во Гибралтар: „Ме заинтригира законитоста на британското запленување танкер упатен кон Сирија со нафта од Иран. Се споменуваат санкциите на ЕУ против Сирија, но Иран не е членка на ЕУ. А ЕУ од принцип не им наметнува санкции на другите. Тоа го прават САД.“

Од ирански аспект, британската акција немаше никаква врска со ембаргото на ЕУ, а има секаква врска со желбата да се поддржи американскиот притисок врз иранскиот извоз на нафта, најбрзиот пат за клекнување на иранската економија на колена. Некои проценуваат дека иранскиот извоз е намален на 200.000 барели месечно.

Викендов Британија почна да се труди да излезе од целата работа, кога Џереми Хант, министерот за надворешни работи, му се јави на својот ирански колега, Џавад Зариф, и му рече дека бродот може да биде пуштен ако се обврзе дека повеќе нема да патува кон Сирија.

Но довербата меѓу Хант и Зариф е мала: Зариф се чувствува изневерено од Хант за голем број билатерални прашања, вклучувајќи го и случајот на Назанинин Загари-Ратклиф, иранскиот двоен државјанин затворен во Техеран.

За време на прошетката низ Њујорк неделава, Зариф инсистираше дека Грејс 1 не бил упатен кон Сирија, туку на друга дестинација во Медитеранот, која не може да биде откриена. Тој одби да ги даде гаранциите што ги бараше Хант, велејќи дека Иран нема да открие како се обидува да го избегне американското нафтено ембарго.

Но јасно е дека Британците мислеа дека е можен договор, а европските партнери на Британија притискаа да се реши ова прашање. Хант побара од главниот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо, за кратко време да дојде во Велика Британија за да се состане не само со Тереза Меј, туку и со Борис Џонсон и со самиот него. Исто така, во Форин офисот во четвртокот се водеа разговори и меѓу иранските претставници и Гибралтар.

Пикардо продолжи да инсистира дека разговорите биле конструктивни. Мораше да се кажат неколку дипломатски збора што би ги задоволиле сите освен САД.

Наместо тоа, фрустрирајќи ги Иранците, на брифингот во петокот наутро, судот во Гибралтар го продолжи запленувањето на Грејс 1 за 30 дена. 2,1 милиони барели нафта остануваат во британски раце.

Процесот се одвива на фонот на зголемените закани од Иран дека ќе реагира на она што го смета за „пиратски чин, едноставно кажано“.

Овие предупредувања во некои случаи не беа прикриени, туку експлицитни. Иако Британците се обидуваа да го зголемат обемот на поморската заштита на Кралската морнарица на британскиот трговски превоз, напредокот беше неизбежно бавен.

На крај, танкерот со британско знаме немаше кај да бега, а сега последиците се јасни и сите може ги видат. Заложник е не само нафтата, туку и екипажот, а дипломатите можат само во ретроспектива да размислуваат дали се донесени вистинските одлуки.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе