Женева

Зад кулисите на самитот Бајден-Путин: ливчиња, очила, подароци (ФОТО)

Историскиот самит Бајден-Путин што се одржа завчера во Женева, освен политичките прашања, беше обележан и со неколку интересни детали, како подароците или ливчињата-потсетници што ги користеше претседателот на САД.

Фото: ЕПА

Бајденовите ливчиња

Џозеф Бајден, претседателот на Соединетите Држави, беше снимен како држи неколку ливчиња во рацете во почетокот на состанокот. Не е јасно дали првиот човек на САД се плашел дека ќе заборави некоја важна ставка или не сакал Путин да го збуни и да го сврти разговорот на „своја воденица“, но сигурно е дека Бајден држеше ливчиња.

Американскиот претседател не беше воодушевен што камерите го забележаа овој детаљ, па се обиде ливчињата да ги скрие од нив, но и од погледот на Путин, иако седеа еден покрај друг.

Кога почна разговорот, Бајден си ги стави ливчињата во џебот од сакото. Не се знае што пишувало на нив, но можно е тој да имал список со имињата на новинарите, па дури и факти за некои теми, за да биде подготвен за дискусии на прес-конференцијата.

Ова не е првпат на Бајден да му требаат ливчиња. Истата глетка беше снимена и додека одржуваше прес-конференција по самитот на Г7.

Изразот на Путиновото лице

Иако никој не очекуваше пријателски прегратки и погледи, изразот на лицето на Владимир Путин на почетокот на самитот го привлече вниманието на многумина.

Имено, по неколку насмевки упатени до фотографите, изразот на неговото лице асоцираше дека му е досадно, како што забележа репортерот на Гардијан.

Од Бајден очила за сонце и „бизон“

Бајден на овој состанок не дојде со празни раце. Тој на својот руски колега му донесе за подарок кристална скулптура од бизон и очила за сонце „авијатор“.

Скулптурата на бизон го симболизира највеличествениот цицач на американската нација и претставник на силата, единството, издржливоста. Има и врежана плочка со посвета, што ќе го потсетува Путин на состанокот.

Храбрата новинарка

Оваа средба беше обележана и со прашање упатено до Путин, на неговата конференција одржана по самитот, од страна на новинарка на Еј-би-си за политичкиот затвореник Алексеј Навални.

„Сите ваши политички противници се мртви, во затвор, отруени, зарем тоа не испраќа порака дека не сакате политички противници, од што се плашите?“, го праша новинарката.

Путин беше видно изнервиран. Рече дека Навални знаел дека се трага по него, а сепак решил да дојде во Русија.

„Тој намерно се врати. Сакаше да биде уапсен“, рече рускиот претседател, избегнувајќи да го каже името на Алексеј Навални.

„Ова лице знаеше дека го прекршува законот во Русија и го повтори престапот“, рече тој, повторно изоставувајќи го неговото име.

Еден за друг сѐ најубаво

Иако многумина коментираа дека ниту еден од државниците не покажал наклонетост кон другиот, обајцата кажаа сè најдобро по завршувањето на разговорот со соговорникот.

„Мило ми е што денес се согласивме да почнеме билатерален дијалог за стратешка стабилност“, рече американскиот претседател Бајден.

„Јасно е дека никој не може да има интерес од нова студена војна“, додаде тој.

Според рускиот претседател Владимир Путин, кој пред новинарите се појави пред Бајден, тој се согласил со претседателот на Соединетите Држави дека Русија и САД ќе ги вратат своите амбасадори во Москва, односно Вашингтон. Целта е да се намалат тензиите во меѓусебните односи.

Путин на прес-конференција рече дека тонот на средбата со Бајден бил конструктивен.

„Нашата процена за многу прашања е различна, но верувам дека обете страни покажаа желба да се разберат и да бараат начини да се зближат“, рече Путин и додаде дека не почувствувал непријателство за време на разговорите.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе