За Трамп повлекувањето на САД од Сирија е победа. Исто и за Путин

Претседателот Доналд Трамп рече дека за неговата одлука да ги повлече американските војници од Сирија најмногу ќе им биде криво на Русија и Кина. Тие „обожаваат да нè гледаат заглавени“ во скапите воени мочуришта, рече тој во понеделникот.

Меѓутоа, според некои руски и американски аналитичари и функционери, Москва веројатно ќе извлече голема корист од овој потег.

Целосното повлекување на САД би го отстранило единствениот достоен воен соперник на Русија од натпреварот за обликување на иднината на Сирија, според поранешниот претставник на Трамп за борба против т.н. Исламска држава, Брет Мекгурк. Откако даде оставка на функцијата во декември, тој тврди дека наместо со САД, Москва тогаш ќе треба да се справува со Турција, послаб и попослушен регионален играч.

Освен тоа, со тоа што Курдите во Сирија повеќе не се заштитени од Соединетите Држави, Русија ќе се соочи со помал отпор додека се обидува да ја постигне својата главна цел таму - политичка спогодба што ќе ја врати целата земја под контрола на претседателот Башар ал Асад. Откако го смени текот на сирискиот конфликт, Русија сега се напрега да се врати во своите студеновоени денови како голема сила на Блискиот Исток.

 

Несигурен сојузник

Пошироко, одлуката на Белата куќа да се откаже од претежно курдските Сириски одбранбени сили (сојузникот што ја обезбедуваше пешадијата во борбата предводена од САД за пораз на Исламската држава во Сирија) ризикува да се продлабочи наративот за американската превртливост, која почна за време на арапската пролет 2011 година. Во регионот се смета дека Соединетите Држави на тогашниот египетски претседател Хосни Мубарак, долгогодишен сојузник, не му ја дале поддршката што му била потребна за да ги преживее протестите.

Оттогаш Русија го пополни вакуумот, од Сирија до Либија, дури намамувајќи ја и самата Турција да го земе рускиот ракетен одбранбен систем С-400 додека САД се противеа на тоа.

„Вистината е ваква: Трамп вечерва по еден разговор со странски лидер им даде подарок на Русија, Иран и на ИСИС“, напиша Мекгурк во твит во понеделникот за разговорот на Трамп со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.

Откако ја напушти функцијата, Мекгурк стана жесток критичар на политиката на администрацијата за Сирија. Сепак, одлуката на Трамп ја осудија и неговите поддржувачи. Републиканскиот сенатор Линдзи Греам го осуди напуштањето на курдските сојузници на американска војска како подарок за непријателите на Америка, додека поранешната амбасадорка во ООН Ники Хејли рече дека тоа е „голема грешка“.

 

Ердогановата мапа

Ердоган со недели се закануваше дека ќе ги испрати своите сили во североисточна Сирија. На 24 септември на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, тој држеше мапа на 30 километри длабоката, 480 километри долга безбедна зона што сака да ја создаде.

Турскиот водач рече дека до 2 милиони сириски бегалци (во Турција во моментов се регистрирани 3,7 милиони) може да бидат испратени во зоната, ренаселување што ќе го смени етничкиот состав на територијата. Огромното мнозинство Сиријци што побегнаа од почетокот на граѓанската војна во 2011 година се етнички Арапи, а не Курди, а заминаа од други делови на земјата.

Турската контрола на североисток би претставувала кочница за целта на Русија Сирија повторно да се обедини под контрола на Асад, вели Владимир Фролов, поранешен руски дипломат и надворешнополитички аналитичар во Москва. „Но генерално, Турците за нас се подобри од Американците“, рече тој.

Областа во Сирија што во моментов ја контролираат Соединетите Држави и нивните курдски сојузници се протега на околу 300 километри јужно од предложената турска безбедна зона и ја вклучува и Рака, поранешно седиште на Исламска држава, и најголем дел од изворите на нафта и гас во Сирија. Во 2018 година американски борбени авиони убија дури 200 руски платеници додека се обидуваа да заземат нафтена рафинерија.

 

Напад врз Идлиб

Фролов смета дека е веројатно дека во замена за зеленото светло за нов турски упад, Москва изнудила ветување од Ердоган дека ќе им овозможи на сириските владини сили, поддржани од Русија, да го почнат конечниот напад врз Идлиб - последната голема област на Сирија што сè уште е контролирана од бунтовничките сили, од кои некои се поврзани со Ал каеда. Тој беше предмет на она што стана договор за прекин на огнот, посредуван меѓу Русија и Турција во септември 2018 година.

Минатата недела, обраќајќи се на годишната конференција Валдаи во Сочи, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, исто така се чинеше дека ја одобрува турската воена акција, а предложи и таа да биде со поограничен обем. Во сесијата со прашања и одговори, Лавров рече дека Турција има право, според договорот од 1998 година со Сирија, да ги гони терористите до 5 километри преку границата.

На прашањето на Блумберг дали тоа може да биде придружено со напад на сириската влада врз Идлиб, Лавров одговори дека „Идлиб треба да се разгледува одвоено“.

Рускиот ветеран дипломат, исто така, го кажа и веќе познатото обвинение за наводна американска неодговорност и недоследност на Блискиот Исток. Во вообичаената серија поплаки против САД во Иран, Ирак, Либија и Сирија, Лавров го додаде и неодамнешното „ревизионистичко“ отфрлање на поддршката за решение за две држави во израелско-палестинскиот конфликт, промена што засегна некои арапски сојузници на САД.

 

„Позитивен ефект“

Сега се чини дека се зголемува притисокот врз курдските водачи и борци во северна Сирија да соработуваат со Асад, во обид да спречат каква било инвазија на турската војска, втората најголема НАТО-сила.

„Операцијата на Ердоган против Курдите може да има позитивен ефект за Русија“ само ако САД ги извлечат своите трупи од патот, рече Руслан Мамедов, аналитичар за Блискиот Исток во Рускиот совет за меѓународни прашања, истражувачка група од Москва финансирана од Кремљ. Тоа „ќе ги натера Курдите да сфатат дека треба да склопат договор со Дамаск“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на конференциски повик во понеделникот рече дека Русија ја разбира потребата на Турција да ја осигури својата безбедност, но се надева дека сирискиот територијален интегритет ќе биде приоритетот додека Анкара планира воени операции. „Сите странски сили што нелегитимно се наоѓаат во Сирија треба да заминат“, рече тој.

Кабинетот на курдскиот претставник во Москва, Решад Биенав, рече дека сè уште немал контакт со руските власти за да разговара за упадот со кој се заканува Ердоган. Преку имејл Биенав ги повика „сите наши луѓе, Арапи, Курди, Сиријци и Асирци, да ги здружат силите за да ја одбранат нашата татковина од турската агресија“.

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе