Воената неутралност е прашање на идентитет во Шведска

За разлика од Финска, Шведска неволно оди кон НАТО

Додека се чини дека Хелсинки со задоволство стапува во процесот, Стокхолм прилично неволно се приближува кон западната алијанса.

Фото: ЕПА

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто вчера изјави дека двете земји можат заедно да одлучат дали ќе ѝ се приклучат на воената алијанса. Стокхолм врши ревизија на надворешната политика, која вклучува и став за можното членство во НАТО, а нејзините резултати се очекуваат во средината на мај. Финска соопшти дека планира „за неколку недели“ да одлучи дали ќе поднесе барање за приклучување кон Алијансата.

Премиерките на двете земји претходно овој месец изјавија дека размислуваат за влез во НАТО, тврдејќи дека руската инвазија на Украина го променила „целиот безбедносен пејзаж“ на Европа и „драматично го обликувала расположението“ во скандинавскиот регион.

Меѓутоа, Ричард Милне, дописник на „Фајненшл тајмс“ од скандинавските и балтичките региони, минатата недела изјави дека расположението во Финска и Шведска во однос на откажувањето од воената неутралност значително се разликува.

Додека се чини дека Хелсинки со задоволство влегува во процесот, Стокхолм прилично неволно се приближува кон западната алијанса, истакнува Милне.

Тој вели дека шведската левоцентристичка влада е поделена околу членството во НАТО и тоа прашање почнала сериозно да го разгледува дури во последните недели, кога Финска навести дека ќе се приклучи без разлика што ќе одлучи Шведска.

На тој начин, Стокхолм остана без единствената кредибилна алтернатива: одбранбениот сојуз со Хелсинки, вели новинарот на ФТ.

Експертите објаснуваат дека двете земји всушност имале различни причини за нивната долгогодишна неутралност. Неутралноста на некој начин ѝ беше наметната на Финска како најдобар начин за справување со Советскиот Сојуз за време на Студената војна. За Шведска неутралноста одамна е дел од нејзиниот национален идентитет, давајќи ѝ завидна репутација на држава што повеќе од 200 години не водела војна.

„Во Шведска тоа е прашање на идентитет. Поради 200-годишната историја на неутралност, таа е всадена кај луѓето. Финска имаше драматични и на моменти ужасно тешки ситуации“, изјави за ФТ Ганила Херолф од Шведскиот институт за меѓународни односи.

Јармо Линдберг, поранешниот фински министер за одбрана, едноставно објасни дека: „Финците се прагматични. За Швеѓаните тоа повеќе е идеолошка работа“.

Географијата исто така игра значајна улога. Финска има подолга граница со Русија отколку со НАТО во сегашната форма, поради што оваа нордиска земја е свесна за безбедносната закана. Меѓутоа, за Шведска, која нема граница со Русија, Финска историски делуваше како нејзина тампон-зона. Во Хелсинки кружи шега дека „Швеѓаните со векови се бореле до последниот Финец“.

Разликата е очигледна и во начинот на кој двете земји се движат кон членство во НАТО.

За време на парламентарните седници во Финска во врска со приемот во НАТО, акцентот главно беше ставен на зајакнувањето на безбедноста. Соочени со Русија, која е многу поагресивна и непредвидлива отколку што мислеа Финците, постои силно чувство дека само членот 5 - кој вели дека нападот врз една членка на НАТО е напад врз сите - обезбедува доволна заштита.

Во Финска дебатата се врти главно околу владејачката Социјалдемократска партија. Четири партии од десниот центар веќе пет години се залагаат за влегување во НАТО, додека националистичките Шведски демократи рекоа дека ќе гласаат за доколку Финска одлучи да ѝ се приклучи на Алијансата.

Тоа веќе значи дека во шведскиот парламент има мнозинство за членство. Меѓутоа, идејата за приклучување во воен сојуз без поддршка на социјалдемократите - победникот на сите парламентарни избори во овој век - беше речиси незамислива.

Сепак, судејќи според медиумските извештаи за време на викендот, идејата за откажување од воената неутралност доби на интензитет и кај социјалдемократите.

Последните анкети покажуваат дека 58 отсто од Швеѓаните поддржуваат влез во НАТО, додека 21 отсто се против. Во Финска 68 отсто од испитаниците го поддржале влезот во Алијансата, што е двојно повеќе отколку пред војната во Украина, додека само 12 отсто се против.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе