За два дена заминува Акихито, царот кој драматично ја модернизираше Јапонија

Јапонскиот цар Акихито и царицата Мичико драматично ја модернизираа монархијата окована со традиција. Владетелот кој ќе абдицира на 30 април и неговата сопруга се „спуштија меѓу луѓето“ и значително ја зголемија популарноста на династијата.

Акихито ја прекина традиција речиси во сѐ, од венчавката со љубовта од народот па до извинувањето за јапонските воени злосторства,

Неговиот пристап често ги разгневуваше традиционалистите кои царот го доживуваат како полубог.

Роден е во 1933 година, во времето кога Јапонија го почнуваше своето милитаристичко ширење низ Азија. Тој имаше 11 години кога Јапонија, понижена и разурната, ја загуби Втората светска војна.

Престолот го наследи во 1989 година, по смртта на неговиот татко, царот Хирохито.

За време на владеењето на Хирохито Јапонија мина од агресивен експанзионизам до институционализиран пацифизам, уставната категорија која им ја наметнаа повоените американски окупациски сили.

Американците го оставија Хирохито на власт, но статусот од полубог му беше деградиран во фигура без политичка моќ.

Тоа беше улогата која Акихито ја прифати и тивко ја трансформираше монархијата дотогаш отуѓена од народот. Беше првиот член на царското семејство кој се оженил со девојка од народот, ќерка на сопственик на фабрика за брашно.

Одлуката на тогашниот престолонаследник да го отфрли традиционалниот договорен брак и да се ожени со девојка што ја сака, беше доживеана како потврдување на демократизацијата на Јапонија.

Младата двојка одлучи и да живее со своите деца, наместо, според обичајот, да ги препушти на одгледување на дадилки.

Нивните методи предизвикаа, нормално, критики во палатата и меѓу традиционалистите, а тоа особено го искуси Мичико, најмногу во првите години од бракот.

Во 1960 го роди идниот цар Нарухито, а три години подоцна имаше спонтан абортус па на некое време се повлече од јавниот живот. Вториот принц, Акишино, е роден во 1965.

Мичико ги издржа сите критики, озборувања и постојаното внимание од традиционалистите и денес е сакана, меѓу другото и затоа што во царското семејство внесе свежина и модерност.

Двојката стана позната и по посетите на местата погодени од природни катастрофи и давањето поддршка на жртвите.

По разорните земјотрес и цунами во 2011 кои ја предизвикаа нуклеарната катастрофа во Фукушима, Акихито телевизиски ѝ се обрати на нацијата, што беше првпат во историјата на монархијата, за да ги смири луѓето и да спречи паника.

Царската двојка два месеци подоцна и лично ја посети Фукушима на згрозување на традиционалистите кои сметаат дека царот не треба да разговара со поданиците. Пошироката јавност, меѓутоа, царското сочувство и блискост радосно ги прифати.

На Акихито популарноста му овозможи и да изнесува ставови кои беа на работ на тоа да ја прекрши забраната за политичко мешање. Особено јасно го покажа своето противење на национализмот и искажа „длабоко жалење“ за јапонските потези во Втората светска војна.

За историската посета на Кина во 1992 царот кажа дека Јапонија „му нанесе големо патење на кинескот народ“ и ја додаде историската реченица: „За тоа длабоко жалам“.

Кореја не ја посети, но и на Корејците им се извини за маките нанесени за време на бруталното јапонско владеење со Корејскиот Полуостров од 1910 до 1945 година.

На крајот на владеењето прекрши уште една традиција. Пред три години јавно го замоли народот да му дозволи да абдицира поради возраста и нарушеното здравје.

„Искрено се надевам на вашето разбирање“, му кажа на народот.

Владата го послуша и го смени законот според кој сите цареви беа присилени да владејат до смртта.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе