Вети дека ќе ги зацврсти „демократските сојузи“

За Бајден придобивањето на сојузниците е поважно од средбата со Путин

Џо Бајден неделава ќе ја има првата странска турнеја како претседател на Соединетите Американски Држави, а според Гардијан тој е одлучен во намерата да ги убеди сојузниците и ривалите дека „Америка се вратила“ по четирите години на Доналд Трамп.

EPA-EFE

Откако посочи дека 21 вел го гледа како борба меѓу демократиите и автократиите, Бајден за време на турнејата ќе се сретне еден на еден со премиерите на Белгија и Британија, како и со лидерите на Русија и Турција.

Пред турнејата Бајден во колумна објавена во саботата во Вашингтон пост вети дека ќе ги зацврсти „демократските сојузи“ на САД наспроти разните кризи и растечките закани од Русија и Кина.

78-годишникот, со поголемо искуство во надворешната политика од кој било претходен американски лидер, влегува во арената во момент кога Кина е во подем и откако Трамп ги отвори некогаш незамисливите прашања за тоа дали на Вашингтон може да му се верува.

Петер Вестмекот, поранешниот британски амбасадор во САД кажа за Гардијан дека Бајден и членовите на неговиот тим треба да бидат спремни дека нивните соговорници за време на турнејата ќе им го поставуваат прашањето „како да ѝ веруваме на Америка?“

„Гледате што се случи со иранскиот нуклеарен договор: новиот претседател го искина“. Вестмекот го поставува прашањето што ќе се случи за четири години ако во Белата куќа повторно влезе Трамп или некој негов клон.

„Која е целта на постигнување договор со вас во оваа фаза кога тоа не вреди ни колку хартијата на која е напишан“, прашува Вестмекот и додава дека тој верува дека американската делегација е свесна за штетата која ѝ е нанесена на Америка како сигурен сојузник.

По четири и пол месеци напорна домашна агенда, Бајден ќе се обиде да го надомести изгубеното време на меѓународниот фронт. Гардијан потсетува дека првата земја која Трамп ја посети беше автократската Саудиска Арабија, додека неговиот наследник со турнејата по Британија, Белгија и Швајцарија испраќа друг сигнал.

Специјалниот однос и „непријатната“ средба

Бајден на 10 јуни ќе се сретне со Борис Џонсон за да ја „потврдат трајната сила на специјалниот однос“ меѓу САД и Обединетото Кралство, соопшти Белата куќа. Тоа ќе биде првата средба во живо на двајцата лидери и може да биде особено непријатна ако се има предвид дека во 2019 Бајден го нарече Џонсон „физички и емотивен клон“ на Трамп.

Вестмекот истакнува и дека Бајден „не сметаше дека брегзитот е добра идеја, му сметаа од ништо предизвиканите навредливи коментари кои Џонсон им ги упатуваше на неговите демократски колеги, како и јасната порака дека во Даунинг стрит 10 би биле задоволни со уште еден четиригодишен мандат на Трамп“. Сето ова ќе биде во воздухот при средбата на двајцата лидери.

Меѓу темите на разговорот веројатно ќе биде пандемијата на коронавирусот, иницијативата за оданочување на глобалните корпорации, предизвикот кој го претставува Кина, договорот со Иран и конференцијата за климата во Глазгов во ноември. Познато е и дека Бајден е горд на своето ирско потекло и во повеќе наврати предупреди дека секој трговски договор меѓу САД и Британија зависи од почитувањето на Договорот од Велики петок.

Бајден од 11 до 13 јуни ќе присуствува на самитот на Г7 во Корнвол, а меѓу приоритетите се пандемијата, економското заздравување, климата и „солидарноста и заедничките вредности меѓу големите демократии“, соопшти Белата куќа. Ќе биде тоа првата голема сцена за поправка на сојузот и отфрлање на мантрата на Трамп „Америка на прво место“.

„Ќе биде тоа прилика за Џо Бајден да ги претстави деталите околу враќањето на САД во улогата на светски лидер“, вели за британскиот весник Леон Панета, поранешен министер за одбрана и директор на ЦИА. Тој смета и дека довербата во САД сериозно ја нарушила администрацијата на Трамп поради начинот на однесување кон сојузниците. Бајден мора да ја поправи штетата, признава Панета. „Тој го може тоа, но веројатно има работа со сојузници кои се обидуваат да сфатат дали е тој само минлива фаза во надворешната политика на САД или нешто потрајно“.

Да докаже дека Трамп е „аномалија“

Светските лидери минаа четири години преиспитувајќи ја Трамповата практична примена на „лудачката теорија“ на дипломатија, некои задоволувајќи го неговото его додека други го држеа на дистанца. Сега сите тие можат да здивнат, пишува Гардијан.

Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на Трамп кажа дека пораката од Г7 самитот треба да биде дека Америка никогаш не заминала, туку дека „Доналд Трамп бил аномалија во американската историја и дека Бајден претставува враќање на нормалноста со демократски претседател од редовите на левиот центар“.

„Тоа не е нормалност со која јас се сложувам, туку нормалност која на демократската страна е еквивалент на Џорџ В. Буш на републиканската страна. Трамп нема идеологија. Тој не претставува смислено размислување. Не постои трампизам. Тој е ненормалност. Тоа би требало да е утехата за Г7“.

Бајден и неговата сопруга Џил на 13 јуни ќе се сретнат со британската кралица во дворецот Виндзор, што ќе биде нејзина прва средба со странски лидер во последната година. Тоа ќе значи дека 95-годишната кралица се сретнала со сите 14 американски претседатели за време на своето владеење, освен еден – Линдон Џонсон. Џен Псаки, секретарката за медиуми во Белата куќа во четвртокот праша: „Кој од нас не би сакал да ја запознае кралицата?“

Бајден потоа патува во Брисел за да учествува на самитот на НАТО на 14 јуни, што е прилика да ја заживее американската посветеност на колективната безбедност. Исто така ќе се сретне со Реџеп Таип Ердоган, и тоа само неколку недели по неговото признание дека во 1915 година е извршен геноцид врз Ерменците, што според турскиот лидер отворило „длабока рана“ во веќе напнатите односи меѓу двете земји.

Во Брисел ќе биде одржан самитот ЕУ-САД на 15 јуни, што е прилика да се прослави враќањето на Америка во Парискиот климатски договор и да се усогласи пристапот кон Кина. Бајден исто така ќе се сретне со белгискиот крал Филип и премиерот Александер де Кром.

Нејасната цел на средбата со Путин

На крајот, Бајден оди во Женева каде на 16 јуни ќе се сретне со Владимир Путин.

Бајден во февруари кажа дека го предупредил рускиот лидер дека се завршени деновите кога САД молчеле на агресивните постапки на Русија како мешање во изборите, сајбернападите, труењето американски државјани. Во март, Бајден го нарече Путин убиец.

Во колумната за Вашингтон пост, претседателот на САД наведе дека сојузниците се „единствени во одговорот на руските предизвици на европската безбедност, почнувајќи од нејзината агресија во Украина. Нема сомнеж во решеноста на САД да ги бранат своите демократски вредности, кои не можат да се раздвојат од своите интереси“, порача Бајден.

Американскиот претседател додаде дека нема да се воздржува на Путин да му ја пренесе посветеноста на САД и Европа на истите демократски принципи во одбраната на достоинството и човековите права. Бајден во колумната истакна и дека Вашингтон не сака конфликт.

„Сакаме стабилен и предвидлив однос во кој можеме да соработуваме со Русија на прашањата како стратегиската стабилност и контролата на вооружувањето“.

Гардијан пишува дека средбата Путин-Бајден прилично ќе се разликува од опуштената средба на Трамп и Путин во Хелсинки во 2018. Болтон се сеќава дека по фамозната средба на Трамп и Путин на која присуствуваа само преведувачите, нивниот преведувач кажа дека Путин главно зборувал и дека речиси целиот муабет бил околу Сирија. „Бев одушевен: колку помалку зборувал Трамп, толку е помал ризикот“, кажа Болтон.

Меѓутоа Болтон, кој е основач на Фондацијата за американска безбедност и слобода, смета дека средбата на Бајден и Трамп е избрзана.

„Се сретнувате кога имате спремна стратегија како да се позанимавате со Русија, а мислам дека тој ја нема“, кажа Болтон и додаде дека е изненаден од таквиот пристап, особено поради повеќедецениското искуство на Бајден во надворешната политика.

Алина Пољакова, претседателка на Центарот за европски анализи е изненадена што оваа средба е воопшто договорена.

„Обично во нормалните дипломатски околности, самитот е последното место за преговори, туку прилика за најава или вршење на некој вид сеопфатен договор“, вели Пољакова.

„Во овој момент, имајќи го предвид односот меѓу Русија и САД, многу е тешко да се каже дека каков било вид соработка би можел да постои меѓу двете земји бидејќи нашите интереси се дијаметрално спротивни. Затоа се поставува прашањето која е всушност целта на самитот. Затоа што претседателот Бајден го предложи?“

Клучното прашање на нашето време е – можат ли демократиите да се здружат и да донесат реални резултати за нашиот народ во светот кој брзо се менува? Ќе успеат ли демократските сојузи и институциите кои обликуваа толкав дел од минатиот век да го докажат својот капацитет против модерните закани и непријатели? Јас верувам дека одговорот е да. А оваа недела во Европа имаме прилика тоа и да го докажеме“, наведе Бајден за Вашингтон пост.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе