Вухан: во поранешното ковид-жариште сега животот тече сосема нормално

Вухан, град со околу 11 милиони жители во Кина, каде што беше воведен првиот карантин во светот поради ковид-19, денес е далеку од стравот, паниката и вознемиреноста што се чувствуваа во раните денови на епидемијата.

Фото: ЕПА

Во Вухан, центарот на кинеската провинција Хубеи, каде што се забележани првите случаи на епидемијата на ковид-19, животот продолжува како и обично по две години борба со болеста, вели агенцијата Анадолу.

Болеста, чии први случаи беа откриени во Вухан кон крајот на 2019 година, прво се прошири низ Кина, а потоа и преку границата, зафаќајќи го целиот свет. Иако бројот на заразените со вирусот во светот надминува 280 милиони, сè уште нема јасни знаци како светот ќе се спаси од пандемијата.

Вухан, град со околу 11 милиони жители, каде што беше воведен првиот карантин во светот поради ковид-19, денес е далеку од стравот, паниката и вознемиреноста што се чувствуваа во раните денови на епидемијата.

Градот Вухан се наоѓа во централна Кина и е сместен на раскрсницата на многу брзи железнички линии. Железничката станица Вухан, која има 11 патнички перони, прима брзи возови од целата земја.

Бидејќи во последно време во градот не се пријавени случаи на инфекција со коронавирусот, ограничувањата за патување не важат. На пример, можно е да се најде место во брз воз од главниот град Пекинг до Вухан речиси на секои половина час во текот на денот.

Кога ќе пристигнете во градот по патување со воз што трае околу пет часа, на излезот од станицата ве пречекуваат медицински работници, кои бараат од патниците да покажат неколку здравствени баркодови. Има посебен дигитален баркод за градот од кој доаѓате, кој ги прикажува сите ваши патувања во последните 14 дена.

Откако патниците ќе ги скенираат баркодовите со камерата на мобилниот телефон и ќе им ги покажат на полицајците, продолжуваат понатаму кон излезот. Ако патникот доаѓа од локација со среден или висок ризик, службеникот прво ќе побара од патникот вербално да потврди дали бил таму во последните 14 дена.

Кина во голема мера успеа да ја стави под контрола пандемијата на ковид-19 со стратегијата „нула случаи“, стратегија што првпат беше имплементирана во Вухан, по што тој стана модел за борба против пандемијата во другите делови на земјата.

За стратегијата за нула случаи, чија цел е сузбивање на случаите на зараза таму каде што ќе се појават и прекинување на синџирот на пренос, е потребен карантин во градовите со милиони жители, ограничувања за патувања и полициски час, како и масовно тестирање на граѓаните. Мерките што го попречуваат текот на секојдневниот живот често бараат жртвување и на незаразените граѓани.

Не случајно еден од зборовите што можеа да се слушнат во борбата против ковид-19 во Кина е зборот „ciayou“, што значи „со труд можеш да успееш“. Со овие зборови, испишани со светлосни ефекти на високите градски облакодери во Вухан за време на пандемијата, се повикуваше на труд и жртва од жителите на кинескиот град, но денес веќе нема такви пораки и апели.

Денес, ништо на преполните улици на Вухан не дава впечаток дека некогаш бил жариште на коронавирусот.

Во еден дел од градот каде што има камени градби што сведочат за колонијалното архитектонско наследство, група жени изведуваат танцови движења што Кинезите ги нарекуваат „танц на плоштадот“. На улицата може да се забележат и многу продавачи на слатки и сувенири. Пред штандовите со храна често може да се забележат долги редици луѓе.

Светот првпат стана свесен за постоењето на ковид-19 кога Кина на 31 декември 2019 година објави дека во градот Вухан, провинцијата Хубеи, се појавила мистериозна респираторна болест од непознато потекло.

Болеста првпат била откриена кај граѓани што го посетиле пазарот со морска храна во Вухан, а првиот пациент се пријавил во болница на 17 ноември 2019 година со повод „болест на дишните патишта“, чија причина не може да се утврди.

Карантинот воведен во Вухан на 22 јануари 2020 година беше укинат на 7 април 2020 година, откако пандемијата беше ставена под контрола.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе