Претседателот на Србија беше водечка фигура во кампањата

Вучиќ владее, половина Србија не гласаше

Коалицијата Александар Вучиќ – за нашите деца, собрана околу Српската напредна партија однесе убедлива победа на вчерашните парламентарни избори во Србија, а изборниот праг според првичните резултати го минаа само уште две изборни листи, коалицијата на Социјалистичката партија на Србија и Единствена Србија и листата Александар Шапиќ – Победа за Србија.

EPA-EFE

Сенка врз триумфот на СНС и српскиот претседател Александар Вучиќ фрла одзивот на гласачите кој до 19 часот беше 45,5 отсто што е за 7,6 отсто помалку отколку на претходните избори во 2016 година. До доцна синоќа не беа соопштени прецизни податоци за излезноста на гласачите, а медиумите објавија дека одзивот бил околу 48 отсто.

По соопштението на резултатите Вучиќ прогласи победа кажувајќи дека „иако во политика многу долго никој ваков момент не доживеал“. Вучиќ истакна дека од нешто помалку од три милиони и 300 илјади гласачи кои гласале вчера, СНС добила повеќе од два милиони што е „апсолутна победа“.

„Ова е историска победа, историски момент. Добивме огромна доверба од граѓаните. Добивме повеќе од два милиони гласови, победивме секаде, победивме таму каде што никогаш претходно не сме, победивме страшно уверливо“, кажа Вучиќ по објавата на првите резултати. „Добивме и големо предупредување од народот дека мораме да бидеме уште поодговорни, посериозни и повредни. Да направиме најдобар можен резултат за народот и граѓаните“, кажа Вучиќ.

Според проекциите на Ипсос и Цесид листата собрана околу СНС освоила 62,2 отсто од гласовите, коалицијата на Социјалистичката партија и Единствена Србија 10,6 отсто, додела листата Александар Шапиќ – победа за Србија освоила 4 отсто од гласовите.

Синоќа најблиску до минување на цензусот беше Движењето за обнова на кралството Србија (ПОКС) со 2,9 отсто од гласовите. Според првите податоци цензусот не го минаа Српската радикална партија со 2,2 отсто од гласовите, ПОКС со 2,8 отсто, Суверенистите со 2,6 отсто ни коалицијата Метла за која гласале 2,4 отсто од излезените гласачи. Претставници во парламентот според првичните резултати нема да има ни Движењето на слободни граѓани кое го предводи Сергеј Трифуновиќ кое освои околу 1,8 отсто од гласовите.

„Вучиќ целосно успеа да ја уништи политичката структура во Србија. Вучиќ спроведува инженеринг врз луѓето, ова е безизлезна ситуација. Не е нормално една партија да има повеќе од 60 отсто, а првата следна 10 отсто“, кажа поранешниот српски претседател Борис Тадиќ.

Тој кажа дека е прашање колку луѓе всушност излегле на изборите, и дали „забрзувањето“ на бројот на излезените во последните два часа е сведоштво дека Вучиќ го „баждарел“ резултатот за да го има потребниот легитимитет.

Наведувајќи ги како причина недостигот на услови за одржување слободни и фер избори и опасноста по јавното здравје, неколку водечки опозициски групи на чело со Сојузот за Србија ги бојкотираа изборите.

Сергеј Трифуновиќ, лидерот на Движењето на слободни граѓани кое не ги послуша повиците на главните опозициски групи за бојкот, оцени синоќа дека кампањата која ја водела неговата политичка опција во иднина „ќе се изучува како не треба“ да се работи, но дека таа партија ќе се бори за „оздравување на Србија“.

Иако српските гласачи вчера не бираа претседател, Вучиќ доминираше со кампањата преку мејнстрим медиумите кои ги контролира, критикувајќи и исмевајќи ги противниците. Ги отфрли обвинувањата за залоупотреба на церемонијалните овластувања на претседателот преземајќи ја водечата улога во кампањата.

Аналитичарите сметаат дека вчерашните избори во Србија однапред биле одлучени бидејќи владата ги свикала во услови кога знаела дека ќе победи а сега конечно доби мандат за дополнително да ја ослаби ионака слабата опозиција.

Владејачката партија има корист од „медиумскиот пејсаж“ во кој доминираат прорежимските медиуми, а има и голема „база на гласачи“ сочинета од вработените во јавниот сектор и нивните најблиски, наведува Асошиејтед прес.

Од вкупно 88 опозициски пратеници во парламентот дури 55 ги бојкотираа седниците на крајот на минатата година тврдејќи дека „нема демократија, нема нормален дијалог и слобода на изразување“.

Минатата година опозицијата претстави услови за одржување фер и слободни исбори, а суштината беше во рамноправната застапеност во медиумите.

Низ годините, српското тело за надзор на медиумите, Бирото за општествени истражувања (БИРОДИ) редовно во своите извештаи заклучуваше дека српските медиуми поголемиот дел од времето определено за политика го посветуваат на позитивно известување за Вучиќ и неговата владејачка коалиција, речиси без критички осврт.

Вучиќ во извештаите на централните информативни емисии на телевизиите со национална покриеност и кабловскиот канал Н1 за време на десетте дена изборна кампања беше убедливо застапениот актер, а партиите од опозицијата кои го заговараа бојкотот беа најнегативно претставени од набљудуваните партии и движења, соопшти БИРОДИ.

Бирото своите наоди ги достави на набљудувачката мисија на ОДИХР и најави дека во следниот период ќе инсистира на создавање меѓумедиумски дијалог за изборното известување, со оценка дека актуелното известување е далеку под стандардите на ОДИХР и потребите на демократското општество кое се стреми кон членство во ЕУ до 2025 година.

Организацијата Фридом хаус во годишниот извештај наречен „Симнување на демократската фасада“, Србија, за првпат од 2003 година, ја деградираше од „полуконсолидирана демократија“ во „хибриден режим“.

„Годините контрола, злоупотреба на власта и автократската тактика која ја користи Александар Вучиќ ја турнаа Србија преку работ“, се наведува во извештајот од мај. Вучиќ ги отфрли критиките за авторитарно владеење, а тие не му ја нарушија позицијата ни дома ни во странство, пишува Политико.

ЕУ и САД се воздржуваат од критикување на Вучиќ, а во очигледната интервенција во изборната кампања Доналд Туск, претседателот на Европската народна партија, главното политичко семејство на десниот центар во Европа, минатата недела на Твитер по видеоповик го пофали Вучиќ кажувајќи дека има полно право да биде горд и задоволен од она што го направил за Србија и му посака среќа на изборите.

Следниот предизвик на Вучиќ е посетата на Белата куќа следната сабота (само неколку дена по патот во Москва) каде се организирани разговори меѓу лидерите на Србија и Косово).

Со години Европската Унија се обидуваше да поттикне дијалог и поблиска соработка меѓу двете страни. Меѓутоа, во изминатите месеци САД ја преземаа контролата, на чело со Ричард Гренел, поранешниот американски амбасадор во Германија кого претседателот на САД Доналд Трамп минатата година го именуваше за специјален претставник за дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе