Српската премиерка три пати во Берлин за помалку од година

Вучиќ не го почитува договорот за Косово, Меркел алтернативата ја гледа во Брнабиќ? (ВИДЕО)

Трета посета на Берлин за помалку од една година, но дури сега прва официјална, со сите почести. Некои аналитичари проценуваат дека германската канцеларка Ангела Меркел, затоа што српскиот претседател Александар Вучиќ не го изврши својот дел од договорот, бара алтернатива во премиерката на Србија Ана Брнабиќ.

Иако српската премиерка е честа гостинка во Берлин, а со германската канцеларка Меркел се гледа доволно и на меѓународните конференции, вчерашната посета на Берлин е првиот официјален престој во германската метропола повеќе од две години по нејзиното доаѓање на челото на српската влада.

Во согласност со тоа, беше пречекана со воени почести и свирење химни, по што двете државнички се повлекоа на повисоките спратови на канцеларскиот кабинет, на работен ручек. А таму се разговарало многу за економијата, а малку за политиката, пишува Дојче веле.

На конференцијата за новинарите по средбата  која траеше дваесет минути, само неколку зборови беа одвоени за политичкото прашање на односите на Србија и Косово. Во посебна изјава за српските новинари, по официјалната прес-конференција, Брнабиќ само даде до знаење дека германската страна не се изјаснила за евентуално попуштање кога станува збор за решение засновано врз разграничување.

„Германската страна не кажа ништо за тоа прашање, ниту предложи нешто ново“, кажа српската премиерка.

Претходно Меркел изјави дека дијалогот е моментално блокиран поради изборите на Косово. Таа исто така ги демантираше медиумски написи дека Берлин и Париз сакаат да именуваат сопствен претставник во разговорите за иднината на односите на Белград и Приштина.

Фактот што Брнабиќ доаѓа во официјална посета на Германија две години по именувањето на премиерската позиција, само на прв поглед е необична. Ова е всушност третиот престој на Ана Брнабиќ во Берлин во последната година, но во двата претходни случаи премиерката на Србија беше во втор план. Во ноември минатата година, на економска конференција на весникот Зидојче цајтунг и пролетва оваа година кога му беше само придружба на претседателот Вучиќ.

Некои аналитичари проценуваат дека тајната на „доцната посета“ лежи во односот на канцеларката кон претседателот на Србија. Долгогодишниот дописник на германската агенција ДПА од Белград, писателот и публицист Томас Бреј, пред средбата во Берлин изрази мислење дека Меркел во премиерката Брнабиќ бара алтернатива на дијалогот со Вучиќ.

„Вучиќ не го изврши својот дел од премолчениот договор меѓу Белград и Западот, и не ги доведе односите на Србија и Косово на саканото ниво – додека за возврат Западот молчеше за катастрофалната состојба во правосудството и медиумите во Србија. Затоа што Вучиќ не го заврши своето, Меркел сега бара алтернатива во директниот дијалог со Брнабиќ“, кажа Бреј.

Тој истовремено оценува дека тоа уште еднаш ја покажува неинформираноста на германската дипломатија на Балканот. „Очигледно во Берлин сѐ уште не сфатиле целосно дека Вучиќ ги влече конците и дека без него нема донесување одлуки“.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе