„Системски предизвици“

Вртење на НАТО кон Кина и вселената, но Русија сепак останува главната грижа

Со предупредување од самитот на НАТО дека Кина претставува „систематски предизвик“, лидерите на западниот воен сојуз, алудирајќи на фундаментална промена, го свртеа своето внимание кон Кина и нејзината растечка воена моќ, пренесуваат светските медиуми.

Фото: ЕПА

Како што денес пренесе Радио Слободна Европа, се проценува дека Русија сè уште останува главна грижа на членките на Алијансата, која изразија и подготвеност за заедничка одбрана во случај на напад во вселената.

Лидерите на НАТО предупредија дека Кина претставува „системски предизвик“ за меѓународниот поредок заснован на правила, како знак на зголемената вознемиреност на Западот во врска со воените амбиции на Пекинг, вели Фајненшл тајмс, истакнувајќи дека во изјавата на НАТО се рефлектираат обидите на администрацијата на Џозеф Бајден да го користи претседателовото патување во Европа за мобилизирање на сојузниците против Кина.

Во коминикето од самитот во понеделник во Брисел, членките на Трансатлантската алијанса ги наведоа дезинформациите, кинеската воена соработка со Русија и брзото проширување на нуклеарниот арсенал на Пекинг како дел од заканите, наведува британскиот весник, додавајќи дека силата на соопштението покажува дека односите меѓу Западот и Пекинг се влошиле во 18-те месеци од последниот состанок на членките на НАТО, кога алијансата издаде претпазливо соопштение за „можностите и предизвиците“ што ги носи Кина.

Шефовите на држави и влади на НАТО, исто така, одобрија стратегија за сајбер-одбрана и ги проширија овластувањата за повикување на принципот на колективна одбрана од членот 5 на Алијансата во случаи на координирани сајбер-напади. Лидерите на НАТО усвоија мерки за зајакнување на одговорите на сателитски напади и зајакнување на капацитетот во новите технологии како што е вештачката интелигенција, посочува Фајненшл тајмс, додавајќи дека членките на алијансата сѐ повеќе се преокупирани со потенцијалната воена употреба на вештачката интелигенција и Кина и Русија во вселенските активности. Соопштението на западниот воен сојуз дека растечките воени амбиции на Кина претставуваат предизвици со кои НАТО мора да се справи, навестуваше фундаментална промена во вниманието на алијансата посветена на заштитата на Европа и Северна Америка, но не и на Азија, пишува Њујорк тајмс. Весникот проценува дека описот на Кина во последната изјава од самитот ја рефлектира новата загриженост за тоа како Кина има намера да ја користи својата воена моќ и офанзивните сајбер-технологии во следните години.

И Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп постојано ги потенцираа заканите што ги претставува Кина како авторитарен политички систем со растечки воени трошоци и амбиции, вклучително и зголемена воена соработка со Русија, пишува весникот, истакнувајќи дека Кина е во основата на тврдењето на Бајден дека демократиите се во егзистенцијален конфликт со автократиите.

Во коминикето за кое преговараа членките, НАТО е претпазлив во карактеризирањето на Кина: додека Русија во документот постојано беше опишувана како „закана“ за алијансата, за Кина се вели дека претставува „предизвици“. Сепак, вели медиумот, овие предизвици се големи.

Генералниот секретар на НАТО рече дека Кина го има вториот по големина воен буџет по Соединетите Држави и најголемата морнарица на светот.

Пекинг исто така ги зајакнува своите нуклеарни залихи и развива пософистицирани ракети и бродови.

Кинеската армија ги хакираше компјутерите низ целиот свет за да краде индустриски и воени тајни и да се ангажира во дезинформациите во земјите на НАТО.

А со своите напори да воспостави 5Г-мрежи низ Африка, Блискиот Исток и Европа, кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеи, според Њујорк тајмс, предизвика нови стравувања дека може да ја контролира комуникациската инфраструктура што му е потребна на НАТО.

Со договорот на лидерите на НАТО за пренасочување на Алијансата кон поконфронтативен став кон Кина се направи значителен пресврт, додека Бајден се обиде да ја зајакне и пренасочи организацијата по ерата на Трамп, посочува Вашингтон пост и оценува дека тоа е и победа на Бајден.

Дискусијата на самитот беше нагло проширување на напорите на НАТО да му се спротивстави на Пекинг, бидејќи Кина со години беше надвор од фокусот на алијансата, пишува весникот.

Идејата за промена на фокусот на НАТО кон Кина е продолжение на посетата на Бајден на Европа, бидејќи тој исто така се обиде да ги изостри дискусиите поврзани со Кина на самитот Г7 во Велика Британија, пишува весникот, додавајќи дека Бајден постојано ја претставува борбата на сегашната генерација како борба помеѓу демократиите и автократиите како Кина и Русија.

Бајден и сојузниците во НАТО предупредија на глобалното влијание на Кина и ја нарекоа Русија закана за европската и атлантската безбедност, додека американскиот лидер се обиде да ги здружи демократиите против автократиите и да го зајакне сојузот што беше разнишан од вербалните напади на неговиот претходник, пишува Волстрит џурнал.

И покрај атмосферата на обновено единство меѓу сојузниците, посочува американскиот весник, тлеат споровите околу тоа како да се балансираат новите закани од Кина со традиционалните закани од Русија и како да се справат со заканите во нови домени, вклучително и сајбер-просторот и вселената.

Русија, сепак, останува главната грижа на членките на НАТО, посочува Волстрит џурнал и вели дека Кина се споменува десетина пати во коминикето, што е промена од претходните самити кога таа едвај се споменуваше, додека Русија се споменуваше повеќе од 60 пати со критики за руското трупање војска на нејзините граници, сајбер и дезинформационите напади насочени кон Западот и анексијата на Крим.

Сојузниците во НАТО ги здружуваат силите на нов фронт - војна во вселената, посочува Тајмс, истакнувајќи дека лидерите на алијансата се согласиле да се бранат ако избие вселенска војна поради стравувањата дека тоа би можело да биде нова линија на фронтот, додека Кина и Русија го интензивираат тестирањето на оружјето насочено на сателитите.

Генералниот секретар на НАТО рече дека секој напад врз сателити или друга опрема во вселената може да го активира членот 5 од колективниот воен одговор, вели лондонскиот весник, истакнувајќи дека првпат членките на алијансата формално се согласиле дека ваквите напади може да бидат штетни како и конвенционалните напади.

Русија и Соединетите Држави уште од раните години на Студената војна работат на ракети за уништување објекти во вселената, но постои загриженост поради софистицираноста на тие оружја, истакнува Тајмс. Кина создаде најмалку три генерации пресретнувачи и спроведе серија тестови на ракети што може да погодат објекти во орбитата, додека Москва го засили тестирањето на системот за кој се верува дека може да погодува цели во ниската Земјина орбита.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Време е да се фокусираме врз суштинските проблеми. Време е да создадеме вистински ’општествен договор‘ за владеење на правото и на човековите права како главни столбови на европските вредности

повеќе

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе