Војни, климатски промени и беда: предупредување за иднината

Институтот СИПРИ во Стокхолм предупредува дека климатските промени и лошите и корумпирани власти често доведуваат до оружени конфликти. Заканата за светот е сето ова заедно и мора веднаш да се дејствува, велат авторите.

Фото: ЕПА

Уништувањето на шумите, топењето на глечерите и загадувањето на океаните се поврзани со повеќе жртви во конфликтите, сѐ поголеми трошоци за оружје и гладни луѓе, според новата студија на Институтот за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ). На ова мора да се додаде и пандемијата, која донесе нови опасности.

Да речеме Сомалија, земја во источна Африка, која е во граѓанска војна со децении. Во исто време, сушата го осиромашува населението, превенција нема, владата е слаба, а луѓето паѓаат во рацете на исламистичката паравојска Ал Шабаб.

Неподносливо е и во Централна Америка: лошите жетви поради климатските промени се интензивираат со насилството и корупцијата, а луѓето се принудени да бегаат во САД.

„Природата и мирот се испреплетени така што загрозувањето на едното го оптоварува другото, додека поттикнувањето на едното го зајакнува другото. Можно е да се направи нешто, а моментот да се направи нешто е - сега“, предупредува директорот на СИПРИ, Ден Смит, за Дојче веле.

СИПРИ го подготвил извештајот за претстојниот 9-ти Стокхолмски форум за мир и развој и сака тој да послужи како предупредување за политичарите.

Во извештајот се наведува дека многу власти во светот не ја разбрале тежината на кризата, не посветуваат доволно внимание, па дури и ја поттикнуваат несигурноста.

„Другите шефови на држави или влади би дејствувале, но тие имаат други приоритети, кои бараат време и внимание, како што се пандемијата од последните две години и актуелната војна во Украина“, рече Смит.

Групата автори од Институтот за мир и други институции заклучуваат: „Нашето општество можеби е побогато од порано, но е многу понесигурно.“

Климатските промени предизвикуваат временски непогоди, а пандемијата го загрози глобалниот синџир на снабдување. Насилството и слабата жетва ги направија животите на многу земјоделци невозможни и придонесуваат за миграцијата во светот. Жртвите „често се земји што веќе страдаат од сиромаштија и лоши влади“, според експертите на СИПРИ.

Има и оружени конфликти: од 2010 до 2020 година нивниот број се удвоил на 56. Бројот на бегалците исто така се удвоил, на 82,4 милиони.

Пред две години беше зголемен бројот на нуклеарните боеви глави откако со години се намалуваше, а минатата година за првпат светските трошоци за оружје го надминаа астрономскиот износ од два трилиони долари.

А кога станува збор за животната средина, извештајот од Стокхолмскиот институт дава мрачна слика: на речиси четвртина од видовите им се заканува исчезнување. Квалитетот на почвата се влошува, „додека експлоатацијата на природните ресурси како што се шумите и рибниот фонд продолжува на неодржливо ниво“.

Позитивен пример дава Јужна Кореја: таа ја научи лекцијата од епидемијата на САРС во 2002 година, така што стапката на смртност од ковид таму во првите две години беше десет пати помала отколку во земјите со слична големина. Така, Јужна Кореја избегна голем број економски и социјални проблеми.

Авторите на извештајот предупредуваат дека се неопходни визии за иднината и брза акција. Сите одлуки, од Обединетите нации до локалните проекти, секако треба да ги вклучуваат луѓето што се најмногу погодени.

Но, во моментов, не се чини дека доаѓа ера на нова и подобра меѓународна соработка, со оглед на руската инвазија на Украина и опасностите од новата железна завеса, а потоа има сѐ поголеми тензии меѓу Западот и Кина. „Ако се тргне од претпоставката дека нешто е невозможно, тогаш и испаѓа невозможно“, смета Ден Смит.

Меѓународната соработка е неопходна за наша сопствена корист: „Знаеме дека уништувањето на животната средина води до поголеми опасности. До тој степен мора да се борите против уништувањето на животната средина за своја безбедност“.

Сепак, Кина и Соединетите Држави ја објавија својата заедничка намера да ја заштитат климата на Конференцијата на ОН за климатски промени минатиот ноември.

Директорот на СИПРИ смета дека Германија како економска велесила мора да одигра важна политичка улога во неопходните промени. Германија е првата земја што „пред Советот за безбедност ја посочи врската меѓу климатските промени и безбедноста“.

Сега, Германија би можела да почне енергетски пресврт што „не само што ќе се ослободи од зависноста од фосилните горива од Русија, туку и од фосилните горива воопшто“, додаде Смит.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе