Војната откако Ким Џонг-ун ќе умре

Слично како атентатот врз надвојводата Франц Фердинанд во Сараево во 1914 година, смртта на Ким Џонг-ун може да биде искра што ќе предизвика разорeн пожар што ќе го зафати светот, вели Нешнел интрест.

Набљудувачите на Северна Кореја будно ги следат медиумските информации дека Ким Џонг-ун можеби починал, или е во „сериозна опасност“, евентуално по тешка медицинска процедура, а се зголемуваат шпекулациите за организирање наследник. Најголемиот фокус е на сестрата на Ким, Ким Јо-џонг, дека таа е логичниот наследник, да се надеваме во непречениот пренос на власта. Сепак, овој исход не е сигурен. Многу ќе зависи од тоа како различните фракции околу Ким Џонг-ун би реагирале на нејзиниот подем и дали силите што чекаат шанса да ја соборат наследната линија Ким ќе ја сметаат смртта на Ким Џонг-ун за своите пет минути за дејство.

Во тој случај, најлошото можно сценарио го претстави Ван Џексон, кој смета дека е можна опасната борба за моќ во Северна Кореја да ескалира во воен судир меѓу САД и Кина доколку Северна Кореја се дестабилизира.

Тој смета дека можноста за внатрешни немири - дури и за граѓанска војна - во Северна Кореја, мора да го покрене прашањето за безбедноста на севернокорејското нуклеарно оружје. Доколку се распадне граѓанскиот поредок, американските сили во Јужна Кореја и јужнокорејската војска може да бидат принудени да интервенираат северно од демилитаризираната зона за да ги обезбедат овие оружја. Американското доближување до Јалу тогаш може лесно да предизвика одговор од Пекинг.

Во друг случај, Кина би можела да се придвижи јужно од Јалу за да ги стабилизира внатрешните немири со цел да ги спречи брановите бегалци од Северна Кореја - потенцијално заразени со ковид-19 - да се упатат кон Кина. Како може САД и Јужна Кореја да реагираат ако силите на Народната ослободителна армија се упатат кон 38-та паралела?

Клучната поента е дека состојбата на Корејскиот Полуостров не се одвива во стратегиски вакуум. Потенцијалните настани таму - и секој американски одговор на нив - ќе бидат будно следени од Пекинг во поширок контекст на интензивирање на стратегиската трка меѓу САД и Кина. Кина веќе се чини дека планира да ги искористи американските слабости по ковид-19, а секој немир во рамките на Северот би можел драматично да го зголеми ризикот од поширок конфликт.

Надвор од полуостровот, кинеската морнарица упорно ја тестира американската решителност, потопувајќи виетнамски рибарски брод, и го фиксира својот радар врз еден морнарички брод на Филипините во Јужно Кинеско Море. Американските, австралиските и кинеските поморски сили работат блиску едни до други околу спорните области и потенцијалот за судир може да доведе до многу брзо проширување на конфликтот. Некои аналитичари забележуваат дека самоувереноста на Кина расте пред очигледната намалена воена готовност на САД што е резултат на пандемијата на коронавирус. Тие ја истакнуваат зголемената настојчивост на Кина против Тајван и изгледите дека Пекинг би вовел воена блокада, бидејќи насетува дека САД се вртат кон дома и можеби нема да можат да одговорат.

Брзодестабилизирачката ситуација на Корејскиот Полуостров ќе ги зголеми овие ризици. Соочен со нестабилност во Северна Кореја и со ризик од поморски конфликт во Јужно Кинеско Море, Пекинг би можел да пресмета дека сега е време да се делува одлучно. Во ова ќе придонесе и сè поголемата ефикасност на кинеските капацитети за ограничување и спречување на пристап и маневар (A2AД) што неодамна ги принудија САД да го прекинат своето континуирано бомберско присуство во Гуам првпат по шеснаесет години.

Сценариото предложено погоре секако е најлошото можно и не е нужно неизбежно. Но отсуството на јасен процес на сукцесија кога Ким Џонг-ун навистина ќе умре драматично ги зголемува ризиците дека ваквиот развој ќе предизвика последици што не се ограничени на царството на пустиникот. Слично како атентатот врз надвојводата Франц Фердинанд во Сараево во 1914 година, смртта на Ким Џонг-ун може да биде искра што ќе предизвика разорeн пожар што ќе го зафати светот.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе