Си-ен-ен

Во потрага по „болеста Х“: местото на постојан страв од нова пандемија

Решението е јасно. Да ги заштитиме шумите за да го заштитиме човештвото - бидејќи Мајката природа има смртоносни оружја во својот арсенал.

Фото: скриншот

Покажувајќи рани симптоми на хеморагична треска, една пациентка седи мирно на креветот, расправајќи се со две деца што едвај чекаат да ја напуштат болничката соба слична на ќелија, во Ингенде, далечен град во Демократска Република Конго. Се чекаат резултатите од тестот за ебола, пишува Си-ен-ен.

Пациентката може да комуницира со роднините само преку пластичен прозорец. Нејзиниот идентитет е тајна, за да се заштити од прогонство од локалното население, кое стравува од инфекција со ебола. И нејзините деца биле тестирани, но досега не покажуваат симптоми, пишува Си-ен-ен.

Постојат вакцина и лекови против ебола што ја намалија стапката на смртност.

Но прашањето што сите го имаат на ум е што ако оваа жена нема ебола? Што ако таа е нулта-пациент со „болест Х“, прва позната инфекција со нов патоген што може да го преплави светот исто толку брзо како ковид-19, но кој, како еболата, може да има стапка на смртност од 50 до 90 проценти?

„Болеста Х“ засега е хипотетичка, епидемија што, стравуваат научниците и експертите за јавно здравје, може да доведе до сериозни болести низ целиот свет, ако и кога ќе се појават, според СЗО. „X“ означува непознато.

Ова не е нешто од научната фантастика. Ова е научен страв, заснован на научни факти.

„Сите мора да бидеме исплашени. Еболата беше непозната. Ковидот беше непознат. Треба да се плашиме од нови болести“, вели лекарот на пациентката, д-р Дадин Бонколе.

 

Закана за човештвото

Човештвото се соочува со непознат број нови и потенцијално фатални вируси што потекнуваат од тропските дождовни шуми во Африка, според професорот Жан-Жак Мујембе Тамфум, кој помогнал во откривањето на вирусот ебола во 1976 година и оттогаш е во првите редови во ловот на нови патогени микроорганизми.

„Живееме во свет каде што ќе се појават нови патогени микроорганизми. А тоа претставува закана за човештвото“, рече тој за Си-ен-ен.

Како млад научник, Мујембе ги зел првите примероци од крв кај пациенти со мистериозно заболување што предизвикуваше крвавење и уби околу 88 проценти од пациентите и 80 проценти од вработените во болницата „Јамбуку мисија“ кога болеста беше откриена за прв пат.

Примероците беа испратени во Белгија и САД, каде што научниците открија вирус во форма на црв. Тие го нарекоа „ебола“, по реката во близина на изворот на епидемијата во тогашен Заир.

Идентификацијата на еболата се потпираше на синџир што ги поврзува најдалечните африкански дождовни шуми со високотехнолошките лаборатории на Запад.

Сега Западот мора да се потпре на африканските научници во Конго и на други места како чувари што ќе предупредуваат на идните болести.

Во Ингенде, стравот од нов смртоносен вирус е многу реален дури и по закрепнувањето на пациентката што имаше симптоми слични на ебола. Нејзините примероци беа тестирани на самото место и испратени до Конго Националниот институт за биомедицински истражувања (ИНРБ) во Киншаса, каде што беа дополнително тестирани за други болести со слични симптоми. Сите тестови беа негативни, па болеста од која страдаше таа останува мистерија.

Говорејќи за Си-ен-ен во Киншаса, Мујембе предупреди на многуте идни зоонотични болести, кои се пренесуваат од животните на луѓето.

Жолтата треска, разни форми на грип, беснило, бруцелоза и Лајмска болест се само некои од оние што се пренесуваат од животни на луѓе, често преку вектори како што се глодачи или инсекти.

Овие болести и досега предизвикуваа епидемии и пандемии.

ХИВ се појави во еден вид шимпанза и мутираше во современата светска чума. САРС, МЕРС и вирусот ковид-19, познат како САРС-КоВ-2, се коронавируси што се пренесоа на луѓето од непознати „резервоари“ во животинското царство, термин што вирусолозите го користат за природен домаќин на вирусот. Се смета дека ковид-19 потекнува од Кина, веројатно од лилјаци.

Дали Мујембе смета дека идните пандемии може да бидат уште полоши и поапокалиптични од ковид-19? „Да, да, така мислам“, вели Мујембе.

 

Подемот на нови вируси

Од идентификуваната жолта треска во 1901 година, првата инфекција што се прошири од животни на луѓе, научниците открија најмалку 200 вируси за кои се знае дека предизвикуваат болести кај луѓето. Според истражувањето на Марк Вулхаус, професор по епидемиологија на заразни болести на Универзитетот во Единбург, нови видови вируси се откриваат со стапка од три до четири годишно. Повеќето од нив потекнуваат од животни.

Експертите велат дека зголемениот број нови вируси главно се резултат на еколошкото уништување и трговијата со диви животни.

Како што исчезнуваат нивните природни живеалишта, животните како стаорците, лилјаците и инсектите преживуваат таму каде што изумираат поголемите животни. Тие можат да живеат заедно со луѓето и често се главните осомничени за пренесувањето нови болести на луѓето.

Научниците ги поврзаа минатите епидемии на ебола со човечките упади во дождовните шуми. Во една студија од 2017 година, истражувачите користеле сателитски податоци за да утврдат дека 25 од вкупно 27 епидемии на ебола лоцирани долж границите на дождовните шуми во централна и западна Африка од 2001 до 2014 година, почнале на места каде што две години порано масовно биле уништени шумите. Тие додадоа дека епидемиите на зоонозната ебола се јавуваат во области каде што густината на човечката популација е голема и каде што вирусот наоѓа поволни услови, но исто така и дека релативната важност на уништувањето на шумите е делумно независна од овие фактори.

Во првите 14 години на 21 век во областа со дождовни шуми покрај реката Конго беше исечена шумска површина голема колку Бангладеш.

Обединетите нации предупредија дека ако сегашното уништување на шумите и растот на популацијата продолжат со истата стапка, дождовните шуми во земјата скоро целосно ќе исчезнат до крајот на овој век. Додека се случува ова, животните и вирусите што тие ги носат ќе се судрат со луѓето на нови и често катастрофални начини.

Но тоа не мора да биде така.

Мултидисциплинарен тим научници од САД, Кина, Кенија и Бразил пресметаа дека годишната глобална инвестиција од 30 милијарди американски долари во проекти за заштита на дождовните шуми, стопирање на трговијата со диви животни и земјоделството ќе биде доволна за трошоците за спречување на идните пандемии.

Во написот за списанието Саенс групата вели дека вложувањето 96 милијарди долари годишно во глобална заштита на шумите може да доведе до 40% намалување на глобалното уништување на шумите во области со висок ризик од излевање на вируси. Ова би вклучувало стимулации за луѓето што живеат надвор од шуми и забрана за сеопфатно сечење на дрва и комерцијализација на трговијата со диви животни.

Научниците велат дека слична програма од 2005 до 2012 година доведе до 70-процентно намалување на уништувањето на шумите во Бразил.

Иако 30 милијарди долари годишно може да звучи многу, научниците велат дека инвестицијата брзо ќе се исплати. Пандемијата на коронавирусот само САД ќе ги чини 16 трилиони долари само во следните 10 години, велат економистите од Харвард Дејвид Катлер и Лери Самерс. Меѓународниот монетарен фонд проценува дека на глобално ниво оваа пандемија ќе чини 28 трилиони загубени производства од 2020 до 2025 година, во споредба со претпандемиските проекции.

 

Систем за рано предупредување

Мујембе сега го предводи ИНРБ во Киншаса.

Иако некои научници сè уште седат во тесните канцеларии во стариот ИНРБ комплекс, каде што Мујембе некогаш работеше на еболата, во февруари беа отворени сосема нови лаборатории. ИНРБ е поддржан од Јапонија, САД, Светската здравствена организација, Европската Унија и други меѓународни донатори, како и од невладини организации, фондации и академски институции.

Со лаборатории за биосигурност од трето ниво, можности за секвенционирање на геноми и најсовремена опрема, овој објект не е само последица на хуманитарна помош, туку и на стратешки инвестиции.

Со поддршка на Центарот за контрола и превенција на болести на САД и Светската здравствена организација, овие лаборатории ИНРБ се светски систем за рано предупредување за нови епидемии на болести како што е еболата и, што е уште поважно, болестите што допрва ќе бидат откриени.

„Ако се појави патоген во Африка, ќе му треба време за да се прошири низ целиот свет“, вели Мујембе. „Значи, ако вирусот е откриен навреме, во ваквите институции, Европа и остатокот од светот ќе имаат време да развијат нови стратегии за борба против новите патогени микроорганизми“.

Мујембе има извидници на бојното поле за нови патогени микроорганизми. Лекари, вирусолози и истражувачи работат длабоко во внатрешноста на Демократска Република Конго, во потрага по познати и непознати вируси пред тие да предизвикаат нови пандемии.

Сајмон Пјер Ндимбо и Гај Мидинги се екологисти и ловци на вируси во северозападната провинција Екуатор, каде што се наоѓа и Ингенде. Тие се шпицот на копјето во следењето и потрагата по знаци на нови заразни болести.

За време на една неодамнешна експедиција, тие собраа 84 лилјаци, макотрпно извлекувајќи ги животните од мрежите и ставајќи ги во вреќи.

„Мора да бидете претпазливи, ако не сте, ќе ве гризнат“, вели Мидинги, кој носи двојни ракавици за заштита.

Само едно каснување од лилјак може да биде моментот кога од животно ќе се прошири нова болест кај луѓето.

Ндимбо вели дека нивниот приоритет е да бараат знаци на ебола кај лилјаците. Последната епидемија на болести во провинцијата Екуатор се должеше на пренесување меѓу самите луѓе, но тоа беше нов вид за кој се верува дека потекнал од шумски резервоар. И никој не знае каде е, ниту што е тој резервоар.

Во лабораторијата во Мбандака од лилјаците се земаат примероци од крв за да се направи тест за ебола пред да се испратат во ИНРБ за дополнителни тестови. Потоа лилјаците се ослободуваат.

Десетици нови коронавируси се пронајдени во лилјаците во последниве години. Никој не знае колку можат да бидат опасни за луѓето.

Останува мистерија како еболата најпрво ги заразила луѓето, но научниците веруваат дека зоонотските болести како ебола и ковид-19 се шират за време на колењето на дивиот свет.

Месото од диви животни е традиционален извор на протеини за луѓето што живеат во дождовните шуми, но сега со него се тргува и далеку од неговиот извор и се извезува на глобално ниво. Обединетите нации проценуваат дека годишно се извезуваат околу пет милиони тони такво месо од областа на реката Конго.

Во Киншаса, еден продавач на пазарот мавта со труп од мајмун колобус, чии заби се скаменети во морничава насмевка - овие мали примати тој ги продава за 22 долари, иако, вели, може да „се ценкате“ за цената.

Мајмуните колобус беа ловени до истребување во некои делови на Конго, но трговецот вели дека може да ги извезува со авион во Европа.

„Морам да бидам искрен, забрането е да се праќаат мајмуни“, објаснува тој. „Мораме да им ги отсечеме главите и рацете и да ги спакуваме меѓу другото месо.“

Вели дека секоја недела пристигнуваат пратки, честопати од Ингенде, оддалечено 600 километри, од истото место каде што живеат лекарите во постојан страв од нова пандемија.

Адамс Касинга, директор на Конзерв Конго и истражувач на криминалот со диви животни, вели дека истрагите покажале дека „пет до 15 тони месо од диви животни се извезуваат само од Киншаса... некои одат во Америка... но најголем дел оди во Европа. Главно во Брисел, Париз и Лондон“.

Извозот на пушени мајмуни, пушени делови од питони, шунка од антилопа е ужасен. Но малку е веројатно дека тие носат опасни вируси, кои би биле убиени во процесот на готвење, иако научниците предупредуваат дека дури и зготвените примати не се сосема безбедни за консумирање.

Многу поголеми закани се живите животни на таканаречените „влажни“ пазари.

Таму млади крокодили - со врзани нозе и вилици - се превиткуваат едни врз други. Трговците нудат буриња со огромни копнени полжави, морски и слатководни желки. Постојат и пазари со живи шимпанза и други егзотични животни, од кои некои завршуваат во приватни колекции, а други во тенџере.

„Болеста Х“ може да е темпирана во кое било од овие животни, донесена во метрополите од сиромашните луѓе за да ги задоволат вкусовите на богатите за егзотична храна и домашни миленици.

„Постои популарна заблуда дека месото од диво животно е за сиромашните, а всушност тоа е за привилегираните и богатите, така што имате високи функционери што веруваат во суеверието дека консумирањето одредено диво месо дава сила“, вели Касинга. „Некои луѓе го консумираат таквото месо како статусен симбол. Но исто така последниве 10 до 20 години ние имаме наплив на новодојденци, главно од Југоисточна Азија, кои бараат да јадат конкретни типови месо, како желка, змија и примати“.

Научниците веќе ги имаа поврзано овие влажни пазари со зоонозните болести. И птичјиот грип Х5Н1 и САРС потекнуваат од нив. Точното потекло на коронавирусот што го предизвикува ковид-19 сè уште не е потврдено. Но сомнежот падна на влажните пазари каде што живи животни се продаваат и се колат за месо.

Комерцијализацијата на трговијата со такво месо е потенцијален пат на инфекција. Тоа е и симптом на уништувањето на тропската дождовна шума во Конго, втора по големина во светот по Амазон.

Поголем дел од уништувањето спроведуваат локални земјоделци, кои економски се потпираат на шумите - дури 84 проценти од шумите се расчистуваат за да се создаде област за земјоделство од мал обем.

Но техниките на сечење и палење што ги користи локалното население ја зголемуваат изложеноста на луѓето на оваа некогаш недопрена територија и нејзиниот див свет, што е главен фактор на ризик за болести.

„Ако навлезете во шумата... ја менувате екологијата; па инсектите и стаорците ќе ги напуштат овие места и ќе дојдат во селата... така, ова е пренесување на вируси, на нови патогени“, објаснува Мујембе.

Во болницата Ингенде, лекарите носат колку што можат повеќе заштитна опрема: очила, жолти заштитни костуми, двојни ракавици затворени со селотејп, качулки на главите, навлаки врз чевлите и комплексни маски за лице.

Тие сè уште се загрижени дека пациентката можеби има симптоми слични на ебола што всушност не се ебола. Можеби тоа е нов вирус, можеби е една од болестите што ги погодуваат тукашните луѓе, а што веќе ѝ се познати на науката - но ниту еден од извршените тестови не ја објаснува нејзината висока температура и дијареја.

„Имаме случаи многу слични на ебола, но кога ќе направиме тестови, тие се негативни“, вели директорот за медицински услуги во Ингенде, д-р Кристијан Бомпаланга.

„Треба да спроведеме дополнителни прегледи за да видиме за што станува збор... во моментов имаме неколку сомнителни случаи“, рече тој посочувајќи на изолираниот оддел на кој се лечат младата жена и нејзините деца. Неколку недели подоцна, сè уште нема јасна дијагноза за нејзината болест.

Откако некој нов вирус ќе почне да циркулира меѓу луѓето, последиците од некоја кратка средба на работ на шумата или на влажен пазар може да бидат разорни. Ковид-19 го покажа тоа. Еболата го покажа тоа. И во повеќето научни публикации, постои претпоставка дека ќе има уште повеќе инфекции ако луѓето продолжат да ги уништуваат дивите живеалишта. Не станува збор за „АКО“, туку за „КОГА“.

Решението е јасно. Да ги заштитиме шумите за да го заштитиме човештвото - бидејќи Мајката природа има смртоносни оружја во својот арсенал.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе