Ковид-19

„Во пеколот сме“: вториот бран во Русија ги фати регионите неспремни (ВИДЕО)

Медицинските лица во болниците низ Русија се фрустрирани што властите не го искористија летниот одмор за да се подготват за вториот бран на коронавирусот, вели Москва тајмс.

Фото: ЕПА

На видео што минатата недела масовно беше споделувано низ руските социјални медиуми, десетици тела завиткани во црни пластични ќеси се наредени до ѕидовите на пропаднатиот подрум во една болница во Барнаул, главниот град на регионот Алтај во Сибир.

„Пациентите починати од ковид-19 се чуваат во подрумот на болницата поради недостиг од патолози и зголемувањето на бројот на заразените и починатите од коронавирус“, рече Министерството за здравство на регионот во изјавата во четвртокот, потврдувајќи ја автентичноста на вознемирувачката снимка.

Руското здравствено надзорно тело „Роспотребнадзор“ во саботата вклучи уште еден аларм, велејќи дека регионот се приближува кон „италијанското сценарио“, мислејќи на северна Италија, една од најпогодените области во светот од коронавирусот.

Алтајскиот регион - како и многу други руски региони - бележи рекорден пораст на бројот на заразените и починатите од ковид-19, додека земјата се соочува со вториот бран на коронавирусот. За разлика од првиот бран, помалку од 30% од сите случаи на коронавирусот се во Москва, а главниот град досега успеа да го избегне недостигот од болнички персонал и кревети што накратко го доживеа пролетта, рекле за Москва тајмс двајца лекари што работат во болници во градот.

Тие укажале на фактот дека властите во Москва неодамна резервирале пет големи болници низ градот за пациенти со ковид-19, намалувајќи го притисокот врз другите.

„Ние не сме пренатрупани. Има многу работа, но работите одат стабилно“, рече Александар Купурин, лекар во московската болница Комунарка.

Ситуацијата во регионите е многу поинаква, смета Василиј Власов, епидемиолог на Вишото економско училиште во Москва, кој верува дека земјата сега ја плаќа цената од ненадејното владино укинување на карантинот во мај и последователната реторика што го „потценува“ ризикот од вирусот.

Во мај, Русија претежно го укина својот карантин, прогласувајќи победа над ковид-19. Критичарите тврдат дека тоа било сторено за да се зајакне расположението на јавноста пред два важни политички настани што беа презакажани поради пандемијата - историскиот референдум за уставни измени што му овозможија на претседателот Владимир Путин да се кандидира за понатамошни мандати и парадата на Денот на победата во Москва за да се одбележат 75 години од крајот на Втората светска војна.

„На луѓето секој ден им беше кажувано дека вирусот е поразен и дека животот се враќа во нормала. Полека, но сигурно, тој се прикрадна назад. Овој пат, вирусот има поширок дофат во сите возрасти и социјални класи“, рече Власов, додавајќи дека иако Русите пролетва се плашеле од вирусот, сега е потешко да се натераат да преземат мерки на претпазливост.

Медицинските лица што работат во болници низ регионите на Русија опишаа сериозен недостиг од болнички кревети и медицински персонал. Многумина ја изразија својата фрустрација што грешките направени за време на првата криза во пролетта се повторуваат, и дека властите не успеале да го искористат летниот одмор за соодветно да се подготват.

„Знаевме дека ќе дојде, но сепак нè фати неспремни“, рече Алексеј, хирург што работи во Инфективната болница во Елиста, главниот град на републиката Калмикија. Тој одби да го даде своето презиме.

Калмикија, осиромашен будистички регион во близина на Касписко Море, во моментов има најголема стапка на заразени по жител во Русија.

Алексеј рече дека болницата нема доволно кревети и дека е принуден да ги враќа пациентите што сè уште не се критични. Студија на весникот „Комерсант“ покажа дека болниците во регионите Новосибирск и Алтај исто така остануваат без кревети за пациентите со ковид-19.

Како што беше случај за време на првиот бран, болниците исто така се принудени да спроведуваат карантин или да затвораат, бидејќи медицинските лица што немаат соодветна опрема за лична заштита се заразија со вирусот.

На 20 октомври, медицинскиот персонал во четирите болници што лекуваат пациенти со ковид-19 во уралскиот регион Курган испрати писмо до Владимир Путин во кое побара руски воени лекари да бидат испратени во регионот „или во спротивно луѓето ќе почнат да ни умираат на улица.“

„Ние сме во пеколот... Во нашиот регион има огромна неконтролирана епидемија“, се вели во писмото.

Во писмото, лекарите велат дека локалниот здравствен систем е „срушен“ и дека немаат доволно медицински персонал бидејќи многумина се разболеле.

Во други региони, преморените медицински работници масовно даваат отказ, а некои велат дека не ги добиле ветените финансиски бонуси за лекувањето на пациентите со вирус.

Во Централната клиничка болница во Екатеринбург, четвртиот по големина град во Русија, околу 80 вработени дадоа отказ од почетокот на коронавирусната криза, објави Новаја Газета.

„Лекарите се загрижени дека она што се случи во Дагестан ќе се случи и овде“, рече Наталија, медицинска сестра во регионалната болница Уст-Кански, рурален алтајски град со околу 15.000 жители. „Едвај сме заштитени“.

Јужната република Дагестан беше една од најпогодените региони од коронавирусот во мај и беше потврдено дека најмалку 40 лекари починале од ковид-19.

Сепак, овојпат не се само регионалните градови погодени посилно од Москва. Помалите градови и села, кои минатиот пат беа заштитени од вирусот поради нивната рурална локација, сега исто така известуваат за повеќе случаи на коронавирусот, според локалните медиуми.

„Ова е логичен следен чекор на вирусот, кој го видовме во претходните пандемии. Прво ги погодува големите градови, а потоа се спушта до помалите заедници“, рече Власов.

 

Лоша математика

Иако официјалната смртност на Русија од 26.269 луѓе ја става на 43-то место на глобалната листа на смртни случаи по жител, руските и западните демографи се сомневаат во овие бројки, вели Москва тајмс.

Руската статистика за коронавирусот се најде под лупа уште од почетокот на епидемијата, кога официјалните лица го прогласија жестокото тестирање како причина за чудно ниската стапка на смртност во земјата. Сепак, наскоро стана јасно дека ниската стапка на смртност може да се објасни со методологијата на земјата – Русија го додава починатиот пациент позитивен на коронавирус во вкупниот број само ако патолозите кажат дека вирусот играл директна улога.

Неодамнешните месечни статистички податоци објавени од руската државна агенција за статистика Росстат го оценија реалниот број на смртни случаи од коронавирус на 45.663 помеѓу април и август, последниот достапен месец, со стапка на смртност од 4,6% наспроти глобалната стапка од 3-4%.

Во јулското истражување, 74% од руските лекари рекле дека не ѝ веруваат на официјалната статистика.

Во седмицата кога кружеа снимките од телата во болницата во Алтај, официјалните лица објавија само 27 смртни случаи на ковид-19 за целиот регион.

И покрај сѐ поголемиот број заразени, Русија досега не покажа желба за повторно воведување целосна блокада или други мерки за карантин.

„Во однос на комплексните мерки на целосни забрани: не планираме да го сториме тоа, ни владата не планира да го стори тоа“, рече Путин минатата среда.

Во Москва, баровите и рестораните се преполни како резултат на, како што многумина го опишаа, „замор од пандемијата“, откако градот пролетта беше ставен под подолг карантин. Стотици илјади мали фирми во Москва, исто така, рекоа дека не се во можност да ја почитуваат наредбата на градоначалникот Сергеј Собјанин, кој им наложи на работодавците во главниот град да обезбедат најмалку 30% од нивниот персонал да работи од далечина.

Во склад со расположението на градот, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, минатата недела го прослави својот 53-ти роденден со забава во затворена просторија, каде што политичката и културната елита во земјата пееше и танцуваше без да преземе видливи мерки на претпазливост против вирусот.

Бидејќи Русија не е подготвена да влезе во карантин, официјалните лица очекуваат бројот на заразени да остане висок низ целата земја до февруари, кога земјата се надева дека ќе ја спроведе својата програма за масовна вакцинација.

Дотогаш, Алексеј, докторот во Калмикија, очекува неговиот регион да биде во „многу тешка ситуација“.

На прашањето за снимките од роденденската забава на Песков, тој воздивна.

„Тие танцуваат, додека ние сме тие што треба да работат и да се борат“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба да биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место, пишува во колумна за Аутограф хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ анализирајќи ги бугарските условувања, но и предупредува дека Хрватска засега молчи..

повеќе

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе