Во Јапонија минатиот месец се убиле повеќе луѓе отколку што умреле од ковид во цела 2020

Ерико Кобајаши се обидела да се убие четири пати. Првиот пат имала само 22 години и работела со полно време во издаваштво, но не заработувала доволно за да плати кирија и храна во Токио.

EPA-EFE

„Бев навистина сиромашна“, вели Кобајаши, кој по обидот за самоубиство минала три дена во болница без свест. До денес 43-годишната Кобајаши напишала книги за своите проблеми со менталното здравје и има постојана работа во невладина организација. Но коронавирусот го враќа стресот што некогаш го чувствувала, пишува Си-ен-ен.

„Платата ми е намалена и не го гледам светлото на крајот на тунелот. Постојано ја чувствувам кризата што може да се случи ако повторно завршам во сиромаштија“, вели Кобајаши.

Експертите предупредија дека пандемијата би можела да доведе до кризи во менталното здравје. Масовната невработеност, социјалната изолација и тешкотиите вршат притисок врз луѓето во целиот свет.

Во Јапонија владините статистики покажуваат дека повеќе луѓе умреле поради самоубиства во октомври отколку поради ковид-19 од почетокот на годината. Според јапонската Национална полициска агенција, месечниот број на самоубиства во октомври пораснал на 2.153. до петокот ковид-19 вкупно однел 2.087 животи.

Јапонија е една од ретките земји што навремено ги објавуваат податоците за самоубиствата. Последните податоци за САД, на пример, датираат од 2018 година. Јапонските податоци би можеле и на другите земји да им овозможат увид во влијанието на менталното здравје и во тоа кои групи се најзагрозени.

„Ние дури и немавме карантин, а ефектот на коронавирусот е минимален во споредба со други земји. А сепак имаме голем пораст на бројот на самоубиства. Тоа сугерира дека и други земји би можеле да забележат сличен или уште поголем пораст на бројот на самоубиствата во иднина“, вели Мичико Уеда, вонредна професорка на Универзитетот Васеда во Токио.

Јапонија веќе долго се бори со една од највисоките стапки на самоубиства во светот. Јапонија во 2016 година имаше стапка на самоубиства од 18,5 на 100.000 жители, по што е веднаш зад Јужна Кореја кога станува збор за западнопацифичкиот регион и што е речиси двојно повеќе од годишниот глобален просек од 10,6 на 100.000 жители.

Иако причините за олку високата стапка на самоубиства се комплексни, долготрајното работно време, притисокот во училиштата, социјалната изолација и културолошката стигма околу менталните проблеми се наведуваат како главни фактори.

Но во текот на десетте години до 2019 бројот на самоубиствата почна да опаѓа и дојде до 20.000 годишно, според податоците на јапонското министерство за здравство, што е најмалку од 1978 година, од кога се води статистиката. Се чини дека пандемијата го сврте тој тренд, а порастот на бројот на самоубиства несразмерно ги погодува жените.

Иако во вкупниот број самоубиства поголем дел отпаѓа на мажите, бројот на жени кои си го одземаат животот е сè поголем. Во октомври бројот на самоубиства на жените бил 83 отсто поголем отколку во истиот месец минатата година. За споредба, во истиот период бројот на самоубиства кај мажите пораснал за 22 отсто, пишува Си-ен-ен.

Јапонија е единствената земја во групата Г7 во која самоубиството е водечка причина за смртта на младите на возраст од 15 до 39 години. А бројот на самоубиствата кај помладите од 20 години почнал да се зголемува и пред пандемијата. Бидејќи поради пандемиските рестрикции децата останаа надвор од училиштата, се соочуваат со малтретирање, стресен домашен живот и притисок поради заостанувањето во домашните задачи.

Во изминатите недели Јапонија има рекордни дневни случаи на зараза со ковид-19, а лекарите предупредуваат дека третиот бран би можел да се влоши во зимските месеци. Експертите стравуваат дека високата стапка на самоубиства ќе продолжи да се зголемува со продолжувањето на економските проблеми.

„Сè уште не сме ги доживеале целосните економски последици на пандемијата. И самата пандемија може да се влоши, може повторно да дојде до полу-карантин, а ако тоа се случи, последиците би можеле да бидат огромни“, вели Уеда.

Во споредба со некои други земји, јапонските рестрикции поради коронавирусот се релативно мали. Јапонија прогласи вонредна состојба, но во ниеден момент не воведе строг карантин, а ограничувањата за меѓународните патници не беа толку строги како во Кина. Но како што ќе расте бројот на случаите, веројатно ќе бидат потребни построги мерки, па некои се загрижени дека тоа може да влијае врз менталното здравје.

„Немавме карантин, а влијанието на ковид тука е минимално во споредба со други земји, а сепак имаме голем пораст на бројот на самоубиствата. Тоа укажува дека други земји би можеле да забележат сличен или уште поголем пораст на бројот на самоубиства“, тврди Уеда.

И покрај тоа што морала да се носи со намалување на платата и постојана финансиска несигурност, Кобајаши вели дека сега подобро се носи со тежината.

„Јавно зборувам дека бев ментално болна и патев од депресија, во надеж дека тоа другите ќе ги поттикне да прозборат. Имам 43 години и животот станува позабавен во средовечните години. Значи, се чувствувам добро што сум сè уште жива“, заклучува Кобајаши.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе