Земјата бара излез од долгогодишната криза

Вашингтон ѝ ги ублажува санкциите на Венецуела  

Преговорите кои резултираа со договор на венецуелската влада и опозицијата минатиот викенд би можеле да доведат до ублажување на долготрајната економска и политичка криза во Венецуела.

EPA-EFE

Сето тоа се случува во момент кога глобалната потреба за извори на нафта надвор од Русија расте и додека Соединетите Американски Држави ги ублажуваат санкциите на јужноамериканската држава богата со нафта, пишуваат светските медиуми.

Со постигнувањето на големиот општествен договор, владата на Николас Мадуро и венецуелската опозиција го прекинаа повеќегодишниот политички застој, сигнализирајќи можно ублажување на тешката економска и политичка криза во Венецуела која доведе до огромен бран бегалци во целиот регион, пишува Франс прес.

Двете страни на преговорите во Мексико потпишаа на 26 ноември хуманитарен договор за образованието, здравството, безбедноста на храната, реагирање на поплавите и програми за електрична енергија. Се сложија следниот месец да ги продолжат разговорите за претседателските избори закажани за 2024, а кои треба да обезбедат учество на опозицијата.

Министерството за финансии на САД соопшти дека договорот од саботата означува „важни чекори во вистинска насока за обнова на демократијата“ во Венецуела, по што одобри издавање на шестмесечна лиценца на американската нафтена компанија Шеврон да продолжи со пумпање нафта во Венецуела. Тоа, истакнува АФП, би ѝ овозможило на јужноамериканската земја, која ги има најголемите светски резерви на нафта, повторно да влезе на глобалните нафтени пазари.

И покрај огромните резерви нафта, истакнува Франс прес, Венецуела пати од голема сиромаштија и политичка криза која се влоши откако Мадуро се прогласи за победник на спорните избори во 2018 година.

Меѓународните напори да се реши венецуелската криза зајакнаа по руската инвазија на Украина и притисокот од глобалното снабдување со енергенси. Во заедничка изјава Канада, САД, Британија и ЕУ ветија „спремност да е преиспитаат санкциите“ на Венецуела, но побараа да се ослободат политичките затвореници, да се почитува слободата на медиумите и да се гарантира независност на правосудството и изборните тела.

На состанокот во Мексико владата и опозицијата се сложија да бараат од Обединетите нации да управуваат со венецуелските државни фондови во странските банки во износ од околу три милијарди долари, кои ќе бидат одмрзнати за да се ублажи хуманитарната криза, наведува Ројтерс.

Преговорите на владата на Мадуро и нејзините политички противници се одржани со посредување на Норвешка.

Најавата на владата на претседателот Џо Бајден за укинување на клучните нафтени санкции против Венецуела го означува првиот значаен чекор кон ублажување на повеќегодишното ембарго на таа земја што на крај може да помогне во ублажување на тензичниот глобален енергетски пазар, оценува Вашингтон пост.

За администрацијата на Бајден, под претпоставка дека преговорите со опозицијата ќе продолжат кон демократски избори и подобрување на човековите права, секое попуштање на глобалното снабдување со енергија се смета за позитивно.

Сепак, истакнува американскиот весник, американските функционери ги отфрлаат извештаите дека администрацијата дејствувала за да го ублажи недостигот од нафта и високите цени на енергијата поради руската инвазија на Украина. Тврдат дека станува збор исклучиво за „Венецуела и венецуелскиот процес“.

Санкциите против Венецуела кои се воведени пред 15 години поради трговија со дрога, корупција и кршење на човековите права постепено се зголемуваа и кулминираа под администрацијата на Доналд Трамп, кога беа особено заострени мерките против државната нафтена компанија ПДСВА.

Сепак, економскиот и политички притисок врз Мадуро немаше многу ефект, укажува Вашингтон пост и додава дека венецуелскиот народ го носи најголемиот товар на уништената економија и репресијата, што доведе до заминување на милиони од земјата.

Ретката средба на лидерите на огорчено поделената влада и опозицијата на Венецуела делумно ги одразува економските ефекти на руската инвазија на Украина, која го натера Вашингтон да ги преиспита своите ограничувања за енергетските компании кои работат во Венецуела, пишува Њујорк тајмс.

Мадуро, кој долго го негирање патењето на Венецуелците, очајнички треба да ја подобри економијата и да ги зголеми своите шанси за победа на изборите во 2024, додека лиценцата одобрена на Шеврон за работење во Венецуела ѝ овозможува на јужноамериканската држава повторно да влезе на меѓународниот пазар на нафта.

Преговорите во Мексико се дел од низата состаноци на владата на Венецуела и опозицијата која се надева дека политички отстапки ќе бидат следни на дневниот ред. меѓутоа, го пренесува весникот мислењето на аналитичарите, разговорите се дел од поголемата акција за ублажување на американската политика кон Венецуела која е поврзана со сè поголемата глобална потреба за неруски извори на нафта.

По новиот договор на владата на Мадуро и опозицијата, други компании, сметаат експертите, веројатно ќе вршат притисок врз САД за понатамошни укинувања на ограничувањата поврзани со Венецуела, вклучувајќи ги санкции кои им забрануваат на деловните субјекти во Индија и на други места да увезуваат венецуелска нафта.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе