Развиена на принцип на нова технологија

Вакцината на Модерна е скапа и пред сè наменета за Америка

Успехот на вакцината која ја произведе компанијата Модерна против ковид-19 вчера го славеше целиот свет. Резултатите од анализата на податоците на клиничкото истражување се слични на оние кои пред една недела ги соопштија компаниите Бајонтек и Фајзер. Повеќето учесници во истражувањето, како што тврди Модерна 94,5 отсто, а Фајзер над 90 отсто, се заштитени од болеста.

EPA-EFE

Тоа е фантастична вест која покажува дека концептот функционира, пишува Гардијан, но го отвора прашањето колку држави ќе можат да си ја дозволат вакцината на компанијата Модерна која е прилично скапа.

Вакцините на Модерна и Фајзер се развиени на принцип на нова технологија која досега не довела до регистрирана вакцина. Станува збор за таканаречена „месинџер РНА“ или мРНА технологијата која подразбира дека дел од генетскиот код на коронавирусот се вбризгува во телото. Тоа почнува да произведува вирусни протеини, но не и целиот вирус, што е доволно за оспособување на имунолошкиот систем да се избори. Многу експерти сметаат дека тоа ќе биде иднината на сите вакцини, бидејќи има потенцијал евтино и безбедно да доведе до вакцини за разни видови болести.

Истражувањето спроведено од Модерна, во кое учествувале 30.000 доброволци, покажало дека вакцината спречила тешки случаи на ковид-19. Од вкупно 95 случаи на зараза во истражувањето на Модерна, деведесет биле меѓу доброволците кои добиле пласибо, а пет меѓу оние кои ја примиле вакцината. Меѓу тие 95 случаи на заболување 11 развиле тешка клиничка слика, а сите примиле пласибо. Истражувањето покажало и дека вакцината ги штити лицата постари од 65 години, кои се сметаат за најризична група. Несаканите ефекти се главно болка во раката и малаксаност и главно се слаби и кратко траат.

Ова е најдобриот резултат на кој можат да се надеваат произведувачите на вакцината, пишува Гардијан. Резултатите допрва треба да бидат потврдени во конечната студија за неколку недели, кога 151 лице кое учествуваат во студијата ќе бидат заразени со коронавирусот. Меѓутоа, прилично е сигурно дека во седиштето на Модерна во Масачусетс веќе го пијат шампањското.

Уште една причина за славење е тоа што вакцината на Модерна може да биде еден месец чувана во обичен уред за ладење на температура од 2 до 8 Целзиусови степени. Големата причина за грижа кај вакцината на Бајонтек и Фајзер е во тоа што ѝ треба улта студен синџир од ладилници кои ја одржуваат температурата меѓу минус 70 и минус 80 Целзиусови степени. Тоа значително им го отежнува транспортот на некои држави, како и чувањето на вакцината, а за сиромашните земји тоа е практично невозможно без значителна донаторска помош.

Значи во рок од една недела се соопштени феноменални резултати на прелиминарните податоци. Една ластовица не ја прави пролетта, но две веќе можат да се толкуваат како навестување за убаво време, пишува британскиот весник.

Меѓутоа, постои клучно прашање кое се однесува на вакцината на Модерна. Таа е многу скапа, истакнува Гардијан и додава дека летоска Модерна предвидувала дека една доза од вакцината ќе чини 37 долари, што е значително повеќе од вакцината на која работи компанијата Џонсон и Џонсон која чини 10 и вакцината на Фајзер која чини 20 долари. Овие цени се однесуваат на мали количества, и извесно е дека ќе бидат договорени попусти на поголеми количества, но Модерна е комерцијална компанија која јасно даде до знаење дека сака да заработи.

Гардијан истакнува дека американскиот пазар е примарната мета на оваа компанија. Вакцината на Модерна е развиена со помош од американската влада од која оваа компанија доби 2,48 милијарди долари. Оваа вакцина е најсветлата точка на програмата „Операција со ворп брзина“ на претседателот Доналд Трамп.

До крајот на годината компанијата планира да произведе 20 милиони дози достапни за употреба во САД од што според пишувањето на Ројтерс милиони дози веќе се спремни за дистрибуција и се чека само одобрението на надлежните агенции.

Токму поради цената и врската со американската влада остатокот од светот ќе мора да чека, а сиромашните земји можеби ќе мора да бараат вакцина на друго место. Програмата Ковакс на Обединетите нации ќе помогне во обезбедувањето вакцина за посиромашните земји, но по цената која ја бара Модерна тоа може да биде прескапо. Вакцината на Модерна, како и повеќето други, се дава во две дози.

Од друга страна, Модерна призна дека постои проблем кога станува збор за достапноста на нивниот производ. Секоја компанија која учествува во трката за вакцината е свесна за можноста од негативна реакција доколку во некои земји луѓето продолжат да умираат од ковид-19, а во други тоа стане нешто од минатото. Модерна соопшти дека нема да ја патентира вакцината додека трае пандемијата. Тоа значи дека произведувачите во Индија и Кина ќе можат да произведуваат поевтини верзии. Активистите пак не се задоволни бидејќи тврдат дека компаниите не смеат да бидат тие кои ќе одредуваат кога пандемијата завршила и кога ќе ги кренат цените. Лекари без граници истакнаа дека компанијата Астра Зенека соопштила дека нема да остварува профит од вакцината која ја развиваат во соработка со Оксфорд универзитетот до јули следната година.

Ефикасна вакцина која ќе нè ослободи од мерките за ограничување на движењето, осаменоста и економската катастрофа е на повидок, пишува британскиот весник. Од клучна важност е таа да им помогне на сите, бидејќи како што кажа шефот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус „не е готово додека не биде готово секаде“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе