Ултрабогатите Арапи купуваат гепарди како статусен симбол, затоа им се заканува истребување (ВИДЕО)

Секоја година од Сомалиленд, независна држава на сомалиска територија, се шверцуваат околу 300 мчаденчиња на гепард, што би можело да доведе до истребување на овој вид.

Сомалиленд е главната транзитна рута за шверцување гепарди на Рогот на Африка благодарение на пропусните граници, од каде во картонски кутии или сандаци ги превезуваат до Аденскиот Залив и потоа во нивната крајна дестинација – Арапскиот Полуостров.

Според проценката на организацијата Чита конзервејшн фанд (ЦЦФ), во светот се останати околу 7.500 гепарди кои живеат во дивина, додека уште 1.000 се наоѓаат заробени во приватни кафези во земјите од Заливот во кои стигнале со нелегално купување на интернет.

И додека бројни земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, забрануваат приватна сопственост над гепардите и други диви животни, повеќето прошверцувани гепарди завршуваат во куќи во Арапскиот Залив, каде тие претставуваат статусен симбол за ултрабогаташите кои објавуваат нивни фотографии и снимки на социјалните мрежи.

Таму може да се видат гепарди како лежат на луксузни автомобили, како ги туркаат во базени, ги тераат да јадат лижавчиња и слично.

Но, за гепардите животот во заробеништво може да биде фатален ако пред тоа не ги убие патувањето. Многумина од нив до своите сопственици стигнуваат повредени или со скршени нозе. Според некои проценки, три од четири гепарди умираат при таквите патувања. Гепардите се најбрзите цицачи кои живеат на Земјата и поради тоа им е потребен простор за движење и специјална исхрана. Според изјавите на експертите, повеќето заробени гепарди умираат во период од една до две години.

„Луѓето кои ги држат гепардите како домашни миленичиња предизвикуваат истребување на видот“, вели Лори Макер, американска биолошка и основачка на ЦЦФ.

Ветеринарите од земјите на Арапскиот Залив ги потврдуваат овие тези, но не сакаат да зборуваат јавно. Еден од нив, кој лекувал повеќе гепарди заробени во куќи, изјавил дека имаат проблеми со варењето бидејќи луѓето што ги чуваат не знаат со што треба да ги хранат.

Министерството за климатски промени и животна средина на ОАЕ во изјава за Си-ен-ен негирало дека во таа земја има гепарди во приватни куќи. Тие потврдиле дека се спроведуваат рутински пребарувања на онлајн огласите кои продаваат гепарди и кажале дека досега отстраниле околу 800.

Но, новинарите на американската агенција на социјалните мрежи виделе бројни огласи од оваа земја на кои има гепарди во домашно заробеништво, а ветеринарите им го потврдиле тоа.

Студија направена од ЦЦФ открила 1.367 огласи за продажба на гепарди минатата година, и тоа главно од земји од Арапскиот Залив. Најмногу огласи има на Инстаграм и Јутјуб. Огласите во кои се продаваат гепарди доаѓаат од 15 земји, од тоа 90 отсто од заливските земји, а од тоа 60 отсто од Саудиска Арабија.

Со едноставно пребарување на Гугл Си-ен-ен откриле саудиски огласен простор на кој гепардите се продаваат покрај автомобили и телефони. Еден од огласувачите продава гепарди, но и лавови.

„Каков гепард и да ве интересира, вие побарајте, ние ќе го увеземе. Ако сакате мажјак, ако сакате женка, не е проблем“, кажал еден од продавачите преку телефон. Тој додал дека може да набави младенчиња од два до три месеци старост, како и постари гепарди. Тој препорачал и да се хранат со пилешко, за што ветеринарите велат дека им предизвикува проблеми со варењето. Цените се движат од 6.600 долари па нагоре. За повеќе гепарди се добива попуст. Некои други огласувачи нудат гепарди по цена од 10.000 долари.

Инаку, трговијата со гепарди е забранета според Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови. Но, според проценките на ОН и Интерпол, тргувањето со диви животни е бизнис кој годишно вреди 20 милијарди долари.

Сомалиленд е еден од најнеразвиените делови од светот каде сиромаштијата ги тера луѓето да се вртат кон нелегални бизниси и тргувањето со гепарди, иако тамошната влада тврди дека приоритет ѝ е сузбивањето на ваквите активности.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе