Улогата на поранешниот советник на Трамп во косовските избори

„Да не беше Америка, ние денес немаше да бидеме тука“, вели Тахир Хајдари, продавач од Приштина. „Односите со Америка мора секогаш да се чуваат“.

Приврзаноста и чувствата кои Косовците ги негуваат кон Соединетите Држави не се никаква тајна. На тоа укажуваат и многубројните анкети на Галуп врз основа на кои Косовците се на првото место од сите држави во светот околу поддршката на американското раководство.

За сето тоа се свесни и косовските политичари.

Така во предизборната кампања, која е во тек, „врската со Америка“ сѐ повеќе станува дел од јавните обраќања на одделни политички лидери.

За тоа особено зборува претседател на Демократската партија на Косово и кандидат за премиер Кадри Весељи, кој наведува дека граѓаните на 6 октомври ќе избираат меѓу зајакнување на соработката со Америка со влада со него на чело или изолација и поголема корупција на чело со неговите политички противници.

Тој истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп е голем пријател на Косово, дека Америка е најголемиот сојузник на Косово и дека иднината на Косово е побезбедна со нејзина посилна поддршка.

Во меѓувреме на Косово осамнаа и билборди со фотографија на Весељи и Трамп.

Во кампањата на Весељи е ангажиран поранешен советник на Трамп, од кампањата за претседателските избори во 2016 година.

Американскиот консултант Семјуел Нанберг ќе ѝ пружа услуги на Демократската партија на Косово во областа на односите со јавноста, комуникациите, стратегиското советување, во периодот од 26 септември до 15 декември.

Како што наведе во официјалниот документ поднесе во американското министерство за правосудство, Нанберг ќе биде ангажиран на подготовката на говорите и на советување на кандидатите, како и на потенцијално известување и информирање на американските функционери за статусот и резултатите на изборите.

За тоа ќе биде платен 110.000 долари. Покрај тоа, Демократската партија на Косово ќе ги сноси трошоците за евентуалните патувања во бизнис класа, хотелите и телефонските и интернет услугите.

Врз основа на тоа, Семјуел Нанберг од 22 септември до 8 октомври престојува на Косово.

Медиумите за Нанберг веќе пишуваа кога доби покана од специјалниот истражител за руската истрага во САД, Роберт Малер.

Вниманието на косовската јавност особено го привлече и собирот на Демократската партија на Косово во вторникот во Гњилане на кој се појави Метју Витакер, вршител на должноста американски јавен обвинител во периодот од ноември 2018 до февруари 2019, по оставката на Џеф Сешнс, додека пред тоа беше шеф на персоналот на државниот обвинител.

Витакер на собирот кажа дека претстојните избори на Косово се однесуваат на борбата против корупцијата и економските можности за граѓаните на Косово, а дека тие цели можат да се постигнат со премиер, кој бара пријателство и поддршка од САД, а дека, според него, Кадри Весељи е таа личност.

За врските со Америка за време на кампањата зборуваат и останатите политички лидери, во помала мера.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово и поранешен премиер Иса Мустафа, реагирајќи на изјавите на Весељи, кажа дека „доколку некој е со Америка, тогаш тоа е Демократскиот сојуз на Косово, затоа што Ибрахим Ругова (првиот претседател на таа партија) го постави патот кон Америка“, а не оние кои „се фотографираат и го злоупотребуваат претседателот на САД“.

Рамуш Харадинај, кандидатот за премиер на Алијансата за ново Косово и Социјалдемократската партија, истакна дека со Американците има добри односи и дека Америка е сојузник на Косово, а не на одредени политичари.

По сето ова, американската амбасада во Приштина во вторникот на медиумите им испрати соопштение.

„Владата на САД не фаворизира или поддржува ниедна политичка партија или кандидати на претстојните избори. Го почитуваме правото и одговорноста на гласачите на Косово да ја одберат својата иднина“, се наведува во изјавата на амбасадата на САД.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе