Украинскиот дипломат го напушта Берлин: креваше врева, го навреди Шолц, ја разбесни Полска...

Откако пак го фалеше Степан Бандера, украински националист и соработник на нацистите во Втората светска војна, во интервјуто што го даде за германскиот јутјубер Тил Јунг, украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, беше повлечен од амбасадорската функција.

Фото: ЕПА

Пред неколку дена тој во интервју изјави: „Бандера беше украински националист што извесно време соработуваше со Вермахтот за време на Втората светска војна, но потоа заврши во концентрациониот логор Заксенхаузен и подоцна беше убиен од КГБ. Во делови на Украина тој се смета за национален херој поради неговата борба за независност на земјата од Советскиот Сојуз“.

Тој исто така изјави: „Нема докази дека војниците на Бандера убиле стотици илјади Евреи“. Тој го нарече Бандера „борец за слобода“ споредувајќи го со Робин Худ. Водителот Јунг потоа цитираше летоци во кои Бандера повикува на уништување на Русите, Унгарците, Полјаците и Евреите, но украинскиот амбасадор повтори дека Бандера не е масовен убиец и ја затвори темата со зборовите: „Нема сега да ти кажам дека се дистанцирам од тој став. И тоа е тоа!“

Ова не е првпат Мелник јавно да го фали и сочувствува Бандера. Во 2015 година сега веќе поранешниот амбасадор Мелник, според него, положил цвеќе на гробот на Бандера.

Односот меѓу Мелник и германската политичка елита

Мелник треба да се гледа во контекст на украинско-германските односи од почетокот на војната во Украина оваа година. Во неколку наврати, Мелник отворено ја критикуваше и ја прозиваше Германија за недоволна помош за Украина и за соработка со Русија. Потоа рече: „Фактот што Шолц досега одбива да го запре увозот на енергенси од Русија е нож во грбот на Украина“. Тој го нарече канцеларот Олаф Шолц „навредена невеста“ (германски: liverwurst), а интелектуалците што го повикуваат Киев на преговори - „губитници“.

Во април, по неколку недели жестока дебата за испраќање тешко оружје во Украина, Шолц конечно ја одобри испораката на противвоздушно оружје од германско производство. „Но два месеци подоцна, тешкото оружје од Германија допрва треба да пристигне во Украина“, рече тогаш Мелник, не пропуштајќи ја можноста да ја критикува Германија. „Германија е светски првак во најавите, а потоа не презема ништо.“

Мелник потоа одби да се извини за навредата што ја упати кон канцеларот Шолц, коментирајќи дека не се работи за извинување, туку за правилна политика. Канцеларот Шолц во тие денови одби да го посети Киев бидејќи политичката елита на Украина одби да го прими германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер поради неговите наводни блиски врски со Русија.

Германскиот претседател требаше да го посети Киев во средината на април со своите колеги од Балтикот и Полска за да изрази поддршка за Украина. Украина, наводно, одбила, наведувајќи ги силните врски што германскиот претседател ги има со Кремљ. Неколку политички аналитичари и политичари во Германија го прозваа токму Мелник дека континуирано се меша во внатрешните работи на Германија. Од друга страна, поради „вревењето“ на Мелник, или и покрај него, Германија одобри испраќање оружје во Украина.

Ги иритираше германските политичари

Амбасадорот Мелник целосно го напушти дипломатскиот речник, што почна сериозно да ги иритира германските политичари и интелектуалци. Во ток-шоу, тој јавно се судри со германскиот интелектуалец Харалд Велцер, откако Велцер потпиша отворено писмо до канцеларот Шолц во кое 28 германски интелектуалци апелираат до Германија да престане да испраќа тешко оружје во Украина и да инсистира на мировни преговори.

Тие побараа Германија да се врати на позицијата од почетокот на војната во Украина. Во таа дискусија, Мелник му рече на Велцер дека „лесно е да се седи во професорски кабинет и да се филозофира“, обвинувајќи го Велцер дека бара од Украина да се предаде.

Во Вашингтон пост излезе изјавата на германски политичар што сакаше да остане анонимен, кој ја коментираше реториката на Мелник: „Неговото вообичаено однесување е несвојствено за барањата на еден амбасадор. Не можете како амбасадор секој ден да го напаѓате шефот на владата на државата“. Мелник повеќе не успеваше да добие средба со Шолц, како ни со неговиот советник за надворешна политика и безбедност Јенс Плотнер, и покрај своите многубројни барања. Мелник тоа го искоментира: „Тоа е негова одлука. Јас барам други начини“. Тој рече дека сѐ уште има добри односи со кабинетот на канцеларот.

Реакции за ставот на Мелник за Бандера

По соочувањето со водителот што се обиде да аргументира зошто Бандера е контроверзен, не требаше долго да се чека на официјални политички реакции. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба се огради од изјавата на Мелник, наведувајќи дека тоа е негов личен став, а не официјален став на Министерството за надворешни работи на Украина.

Ова интервју предизвика реакции кај Израел и Полска, односно Полјаците и Евреите, двете нации што беа најголеми жртви на нацистичките злосторства. Поранешниот полски министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски реагираше: „Чуден начин да се каже благодарам за напорите на Полска да ја направи Украина кандидат за ЕУ, за прифаќањето милиони бегалци и за донирањето голем број оружје“.

Актуелниот министер за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, побара отчет од својот украински колега Дмитро Кулеба: „Зборував со мојот пријател од Министерството за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во врска со фалсификувањето на историјата во изјавите на украинскиот амбасадор во Германија. Му се заблагодарив на министерот Кулеба за неговата јавна интервенција во овој случај.“

Министерството за надворешни работи на Украина објави соопштение: „Сигурни сме дека односите меѓу Украина и Полска сега се на својот врв. Украина ѝ е благодарна на Полска за нејзината невидена поддршка во борбата против руската агресија. Ништо не нѐ разделува бидејќи и Киев и Варшава целосно ја разбираат потребата да се зачува единството пред заканите“.

Амбасадата на Израел во Германија го обвини амбасадорот Мелник дека со своето интервју го банализира холокаустот. „Изјавите на украинскиот амбасадор се искривување на историските факти, банализирање на холокаустот и навреда за оние што беа убиени од Бандера и неговите луѓе. Изјавите на амбасадорот не само што ги поткопуваат вредностите што сите ги негуваме и во кои веруваме, туку ја поткопуваат и храбрата борба на украинскиот народ да живее според демократските вредности“, се вели во израелската амбасада во Берлин.

Амбасадорот Мелник заминува од Германија

Откако амбасадорот Мелник со месеци ги иритираше германските политичари, аналитичари и интелектуалци, кои ги прозиваше, навредуваше и критикуваше од почетокот на руската инвазија на Украина, интервјуто што го даде беше капката што ја прелеа чашата. Затоа Украина го направи единствениот рационален чекор, реши да го повлече Мелник од амбасадорската позиција бидејќи со изјавите за Бандера им наштети на Украина и на Украинците.

Изјавите за Бандера се токму „дување во едрата“ на руската политика на „денацификација“ на Украина.

Претседателот Путин ја користи „нацификацијата“ на Украина како главен аргумент за нападот врз Украина. Тој зборуваше за украинските нацисти, наследниците на Бандера итн. Покрај тоа, Украина со години се обидува да ги подобри односите со Полска, со која дели турбулентно минато, а таквите постапки на поединци не можат да се толерираат во време кога односот меѓу Украина и Полска е најдобар во историјата.

Навистина, Бандера е прифатен од еден дел од украинското население (првенствено во западниот дел на Украина) како херој и украински националист, но дефинитивно е отфрлен во централниот и источниот дел на Украина. Европа, исто така, има јасна позиција за Бандера, особено Полска и еврејските заедници низ Европа.

Разумен потег на Украина

Колку и да е некој незадоволен од политиката на Германија кон Украина, податоците покажуваат дека Германија (како и Полска) од земјите на ЕУ најмногу ѝ помага на Украина. Полска испрати воена помош во износ од 1,8 милијарди долари, а Германија во вредност од околу 1,5 милијарди долари. Со тоа што Полска често воената помош ја испраќаше во договор со САД, кои на некој начин тоа ѝ го компензираа.

Она за што се обвинува Германија е уделот на нејзината помош во БДП, кој навистина е на ниско ниво од 0,06% од БДП, додека на пример Полска испрати помош во дел од 0,18% од БДП. Сепак, во апсолутни бројки (што всушност е единствено мерливо) Полска и Германија се на врвот на земјите од ЕУ. Исто така, Полска и Германија примија најмногу украински бегалци од земјите на ЕУ.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе