Украина и Кубанската ракетна криза: што би направил Кенеди?

Државничките вештини на Кенеди во ракетната криза се богат извор на идеи што може да помогнат да се расветли предизвикот со кој сега се соочуваат САД, и одлуките што ги носи претседателот Џо Бајден.

Дваесет и седми октомври 1962 година, пред 60 години, беше најтемниот ден од она за што историчарите се согласуваат дека било најопасната криза во запишаната историја. Ако следуваше војна, тоа ќе значеше непосредна смрт на стотици милиони души, пишува Греам Алисон, професор на Универзитетот Харвард, вели Греам Алисон за Нешнел интерест. Тој ден претседателот Џон Ф. Кенеди со шепот му се доверил на својот брат Роберт дека мисли дека шансите ова да заврши со војна се „меѓу 33 и 50 отсто“. Ништо што историчарите открија во подоцнежните децении не успеа да ги зголеми тие шанси.

На тој дванаесетти ден од тринаесетдневната криза, Соединетите Американски Држави се најдоа на крајот од патот што го избраа. Две недели претходно, кога американските разузнавачи открија дека Советскиот Сојуз се обидува да распореди нуклеарни ракети со среден дострел на 145 километри од американскиот брег, на островот Куба, Кенеди одговори со воведување поморски карантин на островот. Иако ова успешно ги спречи дополнителните испораки на проектили или нуклеарни боеви глави за Куба, воопшто не ги спречи Русите брзо да ги однесат ракетите што веќе беа на островот до точка од каде што можеа да лансираат нуклеарни боеви глави против американските градови. На овој последен крстопат, освен ако не успееше некако да се убеди Никита Хрушчов да го смени курсот и да ги повлече ракетите, или ако Соединетите Држави извршеа воздушни напади за веднаш да го уништат оружјето, советската стратегиска офанзивна нуклеарна база на Куба ќе станеше свршен чин.

Благодарение на тајните снимки од овие размислувања, сега ние можеме да бидеме мувите на ѕидот што ги слушаат претседателот и неговите колеги како се борат со одлуките за кои знаеја дека за неколку часа може да доведат до комплетна нуклеарна војна. 27 октомври почна со едногласна препорака на Здружениот генералштаб Кенеди да нареди итен воздушен напад врз ракетите за да се осигури дека тие не можат да ја нападнат Америка. Набргу потоа, еден разузнавач пријавил дека американски шпионски авион У-2 скршнал од патеката и дека сега е над советска територија во она за што Хрушчов можел да помисли дека е последна мисија за проверка на таргетирањето пред американскиот прв напад. Подоцна истиот ден, американските разузнавачи пријавиле дека втор американски У-2 што летал над Куба фотографирајќи за да им овозможи на воените планери да го следат напредокот на потенцијалните цели на островот бил соборен од советска ракета земја-воздух. Советската воздушна одбрана станала функционална, Хрушчов бил подготвен да ја искористи и реално го испукал првиот истрел.

Во следните часови, Кенеди и колегите истражувале повеќе опции. Мааните на секоја опција ги надминувале предностите. Во текот на тој ден, оваа група станала многу фрустрирана, збунета, па дури и лута. На крајот од маратонската попладневна средба, Кенеди им предложил на сите да направат пауза, да одат на вечера, да се обидат да си ги расчистат мислите и повторно да се соберат подоцна истата вечер на последен состанок.

За време на таа пауза, тој смислил магичен коктел што останува една од најнеобичните иницијативи во дипломатијата. Тој се состоел од јавен договор (повлекување на советските ракети од Куба во замена за американско ветување дека нема да го нападне островот во иднина); таен ултиматум (Хрушчов ќе мора да објави во рок од 24 часа дека ги повлекува ракетите или САД ќе дејствуваат еднострано за да го решат проблемот); и супертаен бонус (ако се повлечат руските ракети, шест месеци потоа ќе се отстранат американските ракети Јупитер во Турција, кои Хрушчов ги гледаше како приближен еквивалент на ракетите што самиот ги распоредуваше во Куба). Иронично, токму во моментот кога Роберт Кенеди го информирал советскиот амбасадор во Вашингтон за предлогот на претседателот Кенеди, во Москва Хрушчов решил да ги повлече советските ракети од Куба без никакви отстапки во однос на турските ракети. Така, ова било „рашомон-момент“ - потсетник на јапонската филмска класика на Куросава.

Додека рускиот претседател Владимир Путин продолжува да ги зголемува влоговите во својата војна против Украина, вклучително и неговата анексија на четири украински провинции и неговата изјава дека Русија ќе го употреби својот нуклеарен арсенал ако треба за да ја брани својата територија заедно со остатокот од Мајка Русија, многумина го слушаат ехото од настаните пред шест децении. Како што неодамна изјави претседателот Џо Бајден, „За прв пат по Кубанската ракетна криза, имаме директна закана од нуклеарно оружје доколку работите продолжат како што тргнале“.

Затоа, не е изненадување што членовите на тимот за национална безбедност на Бајден, како и надворешните набљудувачи, се прашуваат - што би направил ЏФК? Јасно е дека Украина не е Куба, Путин не е Хрушчов, а 2022 година е многу далеку од 1962 година. Згора на тоа, историјата не е книга со рецепти, кои ако се следат прецизно, може да се зготви суфле. Сепак, државничката вештина на Кенеди во таа ракетна криза дава богат извор на идеи што може да помогнат да се расветлат предизвиците со кои сега се соочуваат САД и одлуките што ги носи Бајден.

Заради заштеда на време, овие идеи може да се сумираат во три ДА, две НЕ и еден императив. Прво, ДА, треба да се земе предвид структурната реалност на условите во кои се јавува судирот. Првите две димензии на оваа реалност најдобро ги сумираше Роналд Реган во неговата позната реплика: „Во нуклеарната војна не може да се победи и таа никогаш не треба да се води“. Изјавата и императивот се лесни за кажување, но тешки за применување. Во судирот со нуклеарен непријател, кој има завиден нуклеарен арсенал, дури и кога напаѓачот може целосно да го уништи непријателот, тој не може да спречи одмазднички одговор, кој целосно ќе го уништи неговото сопствено општество. Ако на крајот на нуклеарната војна земјата на напаѓачот биде уништена, како што често велеше Реган, „никој тоа не може да го нарече победа“. Со зборовите на Кенеди: „Тоталната војна нема смисла во ера кога големите сили можат да одржуваат големи и релативно неранливи нуклеарни сили и да одбиваат да се предадат без да прибегнат кон употреба на тие сили“.

Од ова произлегува големиот императив на Реган: нуклеарна војна никогаш не смее да се води. Што значи ова за односите меѓу огорчените непријатели беше научено на потешкиот начин за време на Студената војна. Иако енергично, па дури и брутално се натпреваруваа со непријател за кој и Кенеди и Реган искрено веруваа дека е злобен, и кој сакаа на крај да го елиминираат, тие сепак ја препознаа неопходноста од воздржаност во постапките на Америка за да се избегне нуклеарна војна што ќе го уништи она што тие најмногу го сакаа.

Второ, ДА, треба да се покаже американската моќ и решителност. Покажаната сила почнува со зборови, но уште поважно, бара акција. Во 1962 година, САД имаа значителна предност во однос на Советскиот Сојуз во стратегиското нуклеарно оружје - факт што Кенеди го подвлече објавувајќи дека им наредил ДЕФКОН 2 на американските сили (највисоко ниво на подготвеност што не е војна). Покрај тоа, американската поморска блокада и видливите подготовки за голем воздушен напад проследен со инвазија ја нагласија огромната надмоќ на Америка на нејзиниот праг доколку избие војна во Куба.

Трето, ДА, треба јасно да се идентификуваат виталните интереси на Америка и да се фокусираме на целите неопходни за да се одговори на сегашниот предизвик. За Кенеди, тоа значеше отстранување на ракетите од Куба, но не вклучуваше соборување на Кастро или елиминирање на советската марионетска држава на западната хемисфера.

Обете НЕ почнуваат со наредба да не се користи нуклеарно оружје, бидејќи секоја употреба на нуклеарно оружје нè става на подвижни скали чиј импулс ќе ги насочи двете страни кон целосна нуклеарна војна што би значело уништување на Соединетите Држави. Во годините по кубанската нуклеарна криза, ова стана она што сега се нарекува „нуклеарното табу“.

Второ, да НЕ се врши конвенционален воен напад во кој би биле убиени стотици непријателски војници, бидејќи тоа исто така би нѐ ставило на подвижните скали што водат кон употреба на нуклеарно оружје и можна нуклеарна војна. Помалку познато од нуклеарното табу, ова „ненуклеарно табу“ беше привремено усвоено од Хари Труман за време на Берлинската блокада во 1948 година, кога тој го отфрли планот на својот командант да ги испрати американските сили да се пробиваат до Берлин по автопат. Наместо тоа, тој го изуми берлинскиот воздушен лифт.

Оттогаш, тоа стана силен преседан за секој американски претседател. Повеќето од неговите наследници се соочија со предизвикот да избираат помеѓу напад во кој би загинале стотици советски или руски војници, од една страна, и да живеат со инаку неприфатлив исход или да најдат алтернатива, од друга страна. Во секој случај, тие ја одбиваа опцијата за напад. Никој не беше подготвен да го ризикува опстанокот на нацијата за ништо помалку од некој витален американски национален интерес.

На крај, покрај овие ДА и НЕ, за еден императив е потребна стратешка имагинација. Во ракетната криза, таа вклучуваше магичен коктел од јавни, приватни и супертајни состојки. Според мислењето на Џ.Ф. Кенеди, тоа беше најважната лекција од кубанската ракетна криза за неговите наследници. Како што рече тој за време на надворешнополитичкиот говор на Американскиот универзитет само пет години пред да биде убиен: „Пред сè, додека ги браниме нашите витални интереси, нуклеарните сили мора да ги спречат конфронтациите што ќе го принудат непријателот да избере помеѓу понижувачки пораз и нуклеарна војна“.

Во сегашната конфронтација со Путин, Соединетите Држави имаат среќа да ги води прекален воин од Студената војна, вели Алисон. Бајден не само што читал за она што го стори ЏФК во 1962 година - тој и се сеќава на тие судбоносни денови. Затоа, сличностите меѓу она што досега го направи, и она што веројатно ќе го направи во иднина не се случајни.

Објавено

Сабота, Октомври 29, 2022 - 20:13

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе