Две недели пред претседателските и парламентарните избори

Турските исламисти и секуларисти ги здружија силите во обид да го соборат Ердоган

Претседателскиот кандидат Темел Карамолаоглу за Гардијан вели дека се надева дека ќе ослаби власта на Ердоган.

Лидерот на најголемата исламистичка партија во Турција го наброја она што го смета за неуспех на владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган: високата стапка на невработеност, сè поголемиот трговски дефицит, хаотичната надворешна политика, заглавената апликација за членство во ЕУ и вонредната состојба по пропаднатиот државен удар во 2016 - и вели дека сето тоа ги повредило фундаменталните права и слободи.

Темел Карамолаоглу, лидер на партијата Саадет (Блаженство), образован во Манчестер, вели дека од овие причини тој и се кандидира за претседател. Во трката за парламентот тој се здружил со решителните секуларисти - коалиција што пред една деценија би била незамислива.

Две недели пред претседателските и парламентарните избори, трката е неочекувано тесна.

Иако Ердоган останува најмоќниот и најпопуларен политичар во Турција, неговите противници се покажаа исклучително добро во анкетите за јавното мислење, а најновите анкети сугерираат дека власта би можело да ѝ биде одземена на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Во услови на опаѓање на слободата на изразување и на чистки на дисидентите, како и на сè почести јавни изрази на побожност во земјата каде што секуларизмот е зацртан во нејзините темели, силниот опозициски глас се појави од најнеочекувано место.

Исламистите, кои некогаш му беа идеолошки сојузници на претседателот, ѝ се приклучија на алијансата, обидувајќи се да го ослабнат неговото одржување на власт.

„Политиката што ја следат Ердоган или неговата влада не ѝ помага на Турција да застане на сопствени нозе во речиси сите аспекти и политики, без разлика дали е економска или надворешна политика“, вели Карамолаоглу за Гардијан. „Неговиот метод на пристап, дискурсот, предизвикува поларизација во Турција. Тоа во голема мера е непочитување на законот“.

Партијата на Карамолаоглу некогаш беше предводена од Неџметин Ербакан, татко на турското модерно политичко исламистичко движење, премиер со еден мандат и поранешен ментор на Ердоган.

Ердоган и другите клучни ликови во движењето, кои во тоа време се сметаа за пореформистички, се поделија и ја формираа АКП, која владее во Турција од 2002 година.

Турскиот претседател сака да се прикаже себеси како светски бранител на исламот и се обиде да се постави како шампион на муслиманските каузи и лидер на движењето за солидарност за угнетуваните верници низ светот, уште еден став што добро му проаѓа кај конзервативните гласачи.

Карамолаоглу вели дека визијата на неговата партија за Турција е од типот на секуларизмот во Велика Британија, во која религијата и државата можат да коегзистираат мирно, со самостојна економија и надворешна политика базирана на дијалог и дипломатија, со поблиски врски со муслиманските нации. Тој сака да се откаже од барањето членство во ЕУ во замена за договор за специјален статус, како и стратегиски сојуз со САД, со кои Турција на чело со Ердоган веќе е во судир.

За изборите, партијата Саадет влезе во сојуз со главниот секуларен опозициски блок, Републиканската народна партија (ЦХП). Исламистите и секуларистите се најневеројатни сојузници, обединети во нивното противење на претседателот и неговата владејачка партија, и покрај нивните жестоки идеолошки разлики.

„Ние немаме иста политика или исто разбирање на владеењето, економијата, надворешната политика“, рече Карамолаоглу. „Но имаме одредени принципи за кои се договоривме, (како) поделба на владата и судството... слобода на печатот, укинување на вонредната состојба“.

Невообичаеноста на овој сојуз е контрадикторна на пошироката кампања за извлекување на гласачите од верската конзервативна база на Ердоган, која со сигурност гласаше за него.

Неговите најсилни ривали во претседателската трка директно ги повикуваат гласачите-верници истакнувајќи ја сопствената побожност. Мерал Аксенер, лидерка на новата националистичка партија, истакнува дека таа го извршила аџилакот во Мека и дека, иако не носи превез, редовно ги врши дневните молитви. Мухарем Инче, кандидатот на ЦХП, присуствува на петочните молитви.

Кандидатурата на Карамолаоглу и жестокото противење на политиките на АКП ги замаглуваат традиционалните линии на поделба на турската политика и го обележуваат јавното отфрлање на идејата дека Ердоган е единствениот легитимен шампион на побожните.

Гласачите-верници често укажуваат на личната побожност на Ердоган како фактор во неговите повици, како и на неговата поддршка на исламистичките каузи како шамијата, која под владеењето на АКП е дозволена на универзитетите и во државните институции.

За голем број од конзервативните гласачи, подемот на Ердоган е сигнал дека јавното изразување на верата станало вообичаено, по децениите клеветење на религијата и на нејзините приврзаници. Тоа беше отфрлање на „Белите Турци“, секуларната елита што ја контролираше воената и државната бирократија и од високо гледаше на своите религиозни сограѓани како на неуки и сиромашни.

Недовербата ќе продолжи да претставува предизвик за опозициските партии што сакаат да ги привлечат конзервативците во доволен број за да станат одлучувачки фактор, вели Гардијан.

Тие, на пример, се надеваат дека конзервативните гласачи во курдските области, кои веќе долго време гласаат за АКП, овојпат ќе гласаат за други партии, поради изборниот сојуз на Ердоган со националистите, турските воени операции против курдските милиции во Сирија и широките остри мерки против дисидентските Курди, како и неисполнетите ветувања за инклузивната визија за Турција, која некогаш беше прифатена од Ердогановата АКП.

„Сведоци сме на расцепкување на базата на (АКП)“, рече Худа Каја, пратеничка од курдската Народна демократска партија (ХДП) ориентирана кон проблемите, која се залагаше за правото да се носи шамија и претходно ја поддржуваше АКП.

„Најдистинктивните и живописни зборови во нашето сеќавање се кога Ердоган рече дека сите 80 милиони (луѓе во Турција) се мои сограѓани, гласале за мене или не“, рече таа. „Ние сè уште се надеваме дека тоа е вистината... но сите ветувања, еднаквоста, правата и слободата, позицијата на курдската заедница, ни одблиску не се она што беше ветено“.

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе