Турците им пркосат на апелите од Москва, Вашингтон и Париз

Турција ја истурка Русија на Кавказот

Рускиот претседател Владимир Путин во повеќе наврати повика на прекин на огнот меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили, но новата ескалација на стариот конфликт го истакнува слабеењето на Москва и растот на влијанието на Анкара во регионот.

EPA-EFE

Повиците на Русија, но и тие на претседателот на САД Доналд Трамп и на Франција Емануел Макрон, наидоа на пркосни реторики од Турција, која повеќе од кога било застана зад својот сојузник Азербејџан.

„Повикуваме на итен прекин на непријателствата на релевантните воени сили“, се наведува во заедничкото соопштение на Франција, САД и Русија. Трите држави ги повикаа поранешните советски републики „без одложување и предуслови да се обврзат на продолжување на суштинските преговори“.

Меѓутоа, во обраќањето во парламентот непосредно пред објавувањето на заедничкото соопштение на трите држави, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека се противи на нивното мешање.

„Имајќи предвид дека САД, Русија и Франција го занемаруваа овој проблем речиси 30 години, неприфатливо е да учествуваат во преговорите за прекин на огнот“, кажа Ердоган. Тој кажа дека трајно примирје може да биде постигнато само откако „ерменските окупатори“ ќе се повлечат од Нагорно Карабах.

Сегашната ситуација поприлично се разликува во однос на 2016 година, кога Русија беше клучна во смирувањето на конфликтот по само четири дена. Разликата е во тоа што Ердоган, кој преку инвестиции и купување гас ги зајакна ионака блиските односи на Турција со Азербејџан, сега вели дека Анкара го поддржува својот сојузник „со сите ресурси и цело срце“ во неговата амбиција да ја врати загубената територија.

„Азербејџан има повеќе или помалку експлицитна поддршка од Турција и се чувствува посамоуверено и поспособно да истрае во подолг конфликт, а помалку е наклонет или ранлив на мировните иницијативи кои потекнуваат од Русија“, вели Лоренс Броерс, директор на програмата за Кавказ во Четам хаус во Лондон.

„Создадена е атмосфера во која на Баку не му се потребни услуги од Русија“, вели тој за Ројтерс.

На Русија ѝ е во интерес што е можно побрзо да најде решение за насилствата во Нагорно Карабах, планинска енклава на територијата на Азербејџан главно населена со етнички Ерменци која се оттргна од контролата на Баку по распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти.

Москва е во добри односи и со Ерменија и со Азербејџан, и не сака на нејзиниот јужен праг да избие општа војна која има потенцијал да ги вовлече соседите како Турција или Иран.

Путин и неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров издаваат соопштенија и одржуваат телефонски разговори. Откако избија судирите во неделата, Кремљ објави дека Путин два пати разговарал со ерменскиот премиер Никол Пашинјан, но не е соопштено дали имало разговори со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев или со Ердоган.

Руското незадоволство беше очигледно во средата кога Лавров им порача на шефовите на дипломатиите на Азербејџан и Ерменија да прекинат со „воената реторика“. Набрзо потоа, неговото министерство го осуди, како што наведе, присуството на сириски и либиски милитанти во зоната на конфликтот и побара повлекување на „странските терористи и платеници“.

Со ова соопштение Русија индиректно ја прозва Турција, која демантираше во понеделникот дека во Нагорно Карабах испраќа борци од северот на Сирија, кој е под нејзина контрола.

Можноста за наплив на борци од различни воени зони ја вознемирува Русија, која со децении се бореше со исламските бунтовници во своите јужни региони Чеченија и Дагестан.

„Она што сега се случува е еден вид стопување на динамиката на конфликтот на Блискиот Исток со Јужниот Кавказ“, вели Нил Мелвин, директор на студиите за меѓународна безбедност во организацијата РУСИ во Лондон.

Мелвин укажува на две можни сценарија за сопирање на конфликтот.

Иако Азербејџан има слаби шанси за целосно да ги совлада ерменските сили, би можел да оствари доволна тактичка предност да прогласи победа и потоа тоа да го искористи како предност во преговорите.

Доколку не успее во тоа, понатамошната ескалација на конфликтот би можела да доведе до некаков вид меѓународна интервенција. Во тој случај бидејќи Соединетите Американски Држави се зафатени со претседателските избори, а Русија го загуби залетот, Путин би можел да биде приморан да се договара со Ердоган.

Русија и Турција веќе поддржуваат спротивставени страни во конфликтите во Сирија и во Либија, но двајцата лидери имаат прагматичен однос и успеаја да ги надминат кризите во минатото, како турското соборување на рускиот борбен авион на сириската граница во 2015.

„Путин во последните неколку години се обидува да игра со Ердоган на полето на антиамериканската политика, да ја одвои Турција од НАТО, а да ѝ ги продаде на Турција своите оружје и гас“, вели рускиот аналитичар Дмитриј Орешкин.

„Во таа смисла Путин е внимателен и благ кон Ердоган, а според мислењето на одредени луѓе е дури премногу благ“.

Мелвин смета дека разговор со Турција е веројатно најреалниот начин за брзо постигнување напредок, но тоа би значело Путин да го прифати слабеењето на влијанието на Русија во стратегиски важната област на поранешниот Советски Сојуз.

„Можеби на крајот токму тоа и е стратегијата на Ердоган, да го искористи овој конфликт за Турција да добија поголема улога во регионот“, вели тој. „Меѓутоа тоа е многу опасна игра“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе